Правдико

   

Човековите права во Северна Кореја

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

korea1Скоро 60 години од поделбата на корејскиот полуостров и создавањето на Северна Кореја, оваа држава сеуште успева да го вчудоневиди остатокот од светот со својот “комунистички” поредок и испреплетената хиерархија на власта. Но, Северна Кореја за волја на вистината и, не е класична комунистичка држава, воспоставениот поредок на власта во оваа држава, одредени политиколози го сметаат и за своевидна теократија. Па одтука, се поставува и прашањето, зошто теократија?

Одговорот се разбира, се наоѓа во култот на личноста спрема лидерот, кој е создаден и се создава од самото настанување на државата. Но, работите не застануваат тука, партијата која е на власт, и всушност единствената партија која постои во Северна Кореја, има околку 450.000 “револуционерни истражувачки центри”, со други зборови, центри за индоктринација на населението. Во овие “истражувачки” центри, населението кое брои некаде околу 25 милиони граѓани, редовно се едуцира на посебни сесии, скоро сите посветени на божествениот статус на “Драгиот Лидер” и неговиот син, Ким Јонг Ун, сегашниот лидер на државата.

Така, граѓаните на оваа држава, уште од мали нозе дознаваат за божественото раѓање на “Драгиот лидер”, сега починатиот Ким Јонг Ил, кое што според неговата официјална биографија се случило на врвот на легендарна корејска планина под двојно виножито, во моментот на неговото раѓање се родила и нова ѕвезда на небото, а славеите низ светот насекаде ја ширеле веста за неговото раѓање. Според тоа, “Драгиот Лидер” во центрите на индоктринација е претставен како возвишено морално битие, со надприродни сили. Сепак, вистината и не е толку легендарна, Ким Јонг Ил е роден во Русија, каде што неговиот татко, “Вечниот Лидер”, во тоа време служел во Црвената Армија, како низок чиновник.

North Korean ArmyГраѓаните во оваа држава се поделени, не според богатството кое го поседуваат или според одредена религиска или пак етничка припадност, но според лојалноста спрема партијата и државата. Целото богатство во оваа држава е сконцентрирано во таканареченото јадро кое се состои од најлојалните граѓани и слепи следбеници на култот на личноста. Владата на Северна Кореја, ги дели граѓаните три касти, секоја од нив е создадена и поделена врз основа на лојалноста спрема лидерот: “јадрото” (haeksim kyechung), “колебливите” (tongyo kyechung) и “непријателите” (joktae kyechung). Во последната каста на непријатели на државата и партија, влегуваат и потомците на веќе еднаш обележаните предавници и непријатели. Покрај нив, свое членство имаат и сите малцинства и религиозни групи, на кои власта гледала и сеуште гледа со недоверба.

Владата, ја засилува лојалноста и послушноста на своите граѓани преку министерството за народна безбедност, кое бара од своите граѓани да се шпионираат едни со други, вклучувајќи ги тука и членовите на семејството. Секој кој би бил барем наслушнат, како кажува некоја критика спрема власта, или пак нешто што би било перцепирано како критички настроено, би бил во најмала рака подложен на намален статус во општеството, а во најлош случај, подложен на брутални тортури, егзекуција или казна затвор во некои од страшните логори кои постојат во оваа држава. Сите радио и телевизиски станици, весници и списанија, се контролирани од страна на владата и се фокусирани на пофалба на Драгиот лидер.

Додека пак, секој граѓанин на Северна Кореја, кој би имал некаков контакт со странци во државата, или кој на било каков начин, слуша странски радио станици (од некои кои се достапни во Северна Кореја), е во опасност на која било од казните опишани погоре. Патувањето надвор од Северна Кореја е исто така забрането, а секаков обид за напуштање на државата сам по себе, може да резултира и со смртна казна.

north_korea_koreas_tension-1Сепак, непостоечките човекови права како и лошиот животен стандард, не се пречка за Северна Кореја да одржува армија од 1,3 милиони војници (петта по големина во светот) заедно со сега веќе просперитетна воено-истражувачка програма, која вклучува и развој на нуклеарно оружје и проектили со голем дострел. И, се тоа, благодарение на политиката воспоставена од Ким Јонг Ил, Армијата на прво место, воведена веднаш по масовното гладување на населението во текот на 1990-тите, кога според одредени проценки, некаде околу 3,5 милиони севернокорејци умреле од глад. Сепак меѓународните санкции, и општото негодување на меѓународната заедница, немаат никаков ефект во развојот на воената технологија во оваа држава, бидејќи војската, покрај секојдневната индоктринација на населението, е еден од столбовите на режимот.

Гладувањето е широко распространето низ населението, освен се разбира помеѓу владеачката класа. Покрај ова, Владата на Северна Кореја одржува и десет концентрациони логори, со некаде околу 200.000 до 250.000 затвореници во нив, исполнети со непожелните и непријателите на партијата и државата. Системот на владеење на правото се чини дека не постои, па затоа, чести се глетките на затворање, мачење или пак на јавни егзекуции (вообичаена глетка во Северна Кореја), по волја на Драгиот лидер или на функционерите на партијата.

China North Korea Journalists HeldПрашањето за човековите права во Северна Кореја, не може да се реши со меѓународна акција. Комитетот за човекови права на Обединетите Нации, во повеќе безуспешни наврати ја осуди Севернокорејската влада, за прекршување на основните човекови права. Строгите санкции се од мала корист и уште помала успешност, од едноставна причина што владата во оваа држава е подготвена, како што покажува минатото, да дозволи, милиони од нејзиниот граѓани, во најбуквална смисла, да умрат од глад.

Но, борбата за основните човекови права во оваа држава, сеуште не е загубена. Најголемата надеж за подобрување на основните услови за живот во оваа држава, се самите севернокорејци. Голем дел од граѓаните на оваа држава, полека но, сигурно, на своја голема опасност добиваат пристап до странски радио станици, кои им даваат причина да се запрашаат за националната пропаганда. Се разбира тука е, и прашањето, што по смртта на Ким Јонг Ил, сегашниот лидер, неговиот син е сеуште млад, и времето ќе покаже, до кој степен е тој способен да се справи со меѓународните притисоци и опаѓачкиот стандард на своето население.

Автор: Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико