Правдико

   

Додатоци на плата кои им следуваат на вработените во МВР

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

policija-1728x800_c-12140Работниците во Министерството за внатрешни работи имаат право на плата и надоместок на плата, согласно со закон, Колективен договор на Министерството и договор за вработување. Платата  на работникот  му  се  обезбедува  од  средствата  на  Министерството сразмерно  на  извршената работа, во согласност со условите утврдени со закон и одредбите од колективниот договор.

Министерството е должно на работникот да му исплатува плата и надоместок на плата и на работникот му дава пресметковен лист за исплатена плата. Платата се пресметува и исплатува во паричен износ најмалку еднаш месечно.

Составни делови на плата

Платата на работник во Министерството се состои од:

– основна компоненета и
– исклучителна компонента.

Основната компонента на платата ја сочинуваат:

– основна плата;
– зголемување за 20% односно за 30% за овластени службени лица и
– додаток за кариера.

Исклучителна компонента на платата ја сочинуваат:

– додаток за работна успешност;
– работен додаток на плата и
– вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).

Основна компонента на плата

– Основна плата

Со основната плата се вреднува образованието и сложеноста на работите на работното место утврдено со актот за систематизација  на работните места на кое работникот е распореден, како и неговото работно искуство. Образованието и сложеноста се вреднуваат согласно одредбите од колективниот договор, во зависност од видот и природата на работите што се вршат на работнтото место. Работното искуство се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува образованието и сложеноста за работното место, за секоја започната година пензиски стаж, а најмногу до 20%.

Образованието и сложеноста на работите на работното место се вреднуваат со бодови. Бодовите, како и групирањето на одделни работни места согласно образованието и сложеноста на работите, се утврдува со Листа на плата. Листата на плата  ја донесува министерот, со претходно мислење на Синдикатот и претставува  класифицирана  информација  со  степен  на класификација ,,строго доверливо“.

– Зголемување на износот на средствата наменети за плата за 20% и за 30%

Поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат, на работниците во Министерството  се  врши  вреднување  на  работата  со  зголемување  на  износот  на средствата наменети за плата и тоа:

– на работниците со статус овластени службени лица кои вршат стручни или граѓански работи и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање, кои согласно со  актот  за  систематизација  на  работните  места  во  Управата  немаат  полициски овластувања се врши зголемување за 20% на основната плата и

– на овластените службени лица со статус полициски службеници согласно Законот за полиција  и  на  работниците  со  статус  овластени службени  лица  за  безбедност  и  контраразузнавање кои согласно со актот за систематизација на работните места во Управата имаат полициски овластувања, се врши зголемување за 30% на основната плата.

– Додаток за кариера

Со додатокот за кариера се врши вреднување на професионалноста на работникот во Министерството со што се обебедува стимулација на успешност и стручно извршување на работите, професионален развој на работното место и постојаност во работата. Стекнувањето на додатокот за кариера зависи од работникот- поединец кој треба да ги исполни условите утврдени со закон и одредбите од овој колективен договор за унапредување во платен ранг. Вреднувањето  се врши во процентуален износ во висина од 5% што се смета на основната плата, доколку работникот на работното место на кое работи е унапреден во платен ранг утврден со закон и одредбите од колективниот договор.

Исклучителна компонента

– Додаток за работна успешност

Додатокот  за  работна  успешност  на  работникот  се  определува  сразмерно  на извршените работи на работното место на кое работи, односно доверените работи и неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица во која работи и Министерството во целина.  Утврдувањето на додатокот за работна успешност се врши врз основа на конкретно извршените работи од страна на секој работник и на организациската единица каде работи, во целина. Доколку се утврди дека  работникот ги извршил доверените  работи односно неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица и Министерството е со особен успех и квалитет, може да се предложи утврдување на додаток за работна успешност.

Додатокот за работна успешност ќе се утврди особено во следните случаи:

особено ангажирање во извршувањето на работите и задачите од работното место или други определни работи и извршување на истите со особен квалитет;
покажана иницијативност во работата преку давање корисни предлози и решенија што придонесуваат за поголема ефикасност и остварување на поголеми резултати во работата;
извршување на посеопфатни работи и задачи во однос на работите и задачите кои обично се извршуваат;
покажана особена стручност и професионалност во примена на законски и други прописи;
значителен придонес во спречување на сторување и откривање на кривични дела и други недозволени дејствија;
извршување на работи и задачи во случаи кога е потребно одлучување на поединец со што се придонесува за зголемување на угледот на Министерството;
учество во работни групи и комисии формирани од министерот односно од него овластен работник;
успешно извршување на работи и задачи од отсутен работник во текот на подолг временски период и
учество во изведување на поединечини или групни, локални или републички акции и постигнување на особен успех во истите.

Додатокот за работна успешност се определува во процентуален износ во висина до 15% од основната компонента на платата на работникот. Предлог за утврдување на додаток за работна успешност поднесува раководителот на организациската единица каде работи работникот за кого се предлага додаток за работна успешност.

– Работен додаток на плата

Работен додаток на плата се исплаќа за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на работници во организациските единици.

Работен додаток на плата се исплаќа на работникот по час и тоа:

– за работа ноќно време и работа во недела  40%;
– за работа во денови на празник и неработни  денови утврдени со закон 50%;
– за работа во смени 5%.

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на плата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%.

Заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на овластените службени лица, се утврдува додаток на плата за:

1.Воздухопловен персонал:

– член на екипаж-пилот на хеликоптер распореден во прва категорија на стручна оспособеност  62%;
– член на екипаж-пилот на хеликоптер распореден во втора категорија на стручна оспособеност 57%;
– член на екипаж-техничар/инженер-летач на хеликоптер распореден во прва категорија на стручна оспособеност 45%;
–  член  на  екипаж-техничар/инженер-летач  на  хеликоптер  распореден  во  втора категорија на стручна оспособеност 40%;
– пилот на воздухоплов без екипаж 40%;
– воздухопловен инеженер кој поседува важечка дозвола 30%;
– воздухопловен техничар кој поседува важечка дозвола 20%;
– член на екипаж на хеликоптер од типот Ми-17/171, како и воздухопловно-технички персонал кој работи на одржувањена хеликоптери од истиот тип 10%;
–  воздухопловен  инженер  или  воздухопловен  техничар  со  впишано  и  важечко овластување за воздухопловно-технички контролор 5%;
– воздухопловен техничар со впишано и важечко овластување за работа со надворешна дигалка 5%.
2. Единица за специјални задачи 45%;
3. Единица за брзо распоредување 45%;
4. Посебна единица за поддршка 20%;
– припадници на Посебната единица за поддршка кои извршуваат работа од областа на логистика 10%;
5. Единица за прв одговор и интервенција Алфa 45%;
6. Одделение за лично обезбедување на Претседателот на Република Македонија 45%;
7. Одделение за лично обезбедување на Претседателот на Собранието на Република Македонија 45%;
8. Одделение за лично обезбедување на Претседателот на Владата на Република Македонија 45%;
9. Одделение за лично обезбедување на министри, поранешни претседатели на Република Македонија и вонредно обезбедување, за работно место за лично обезбедување на:
-Замениците на Претседателот на Владата на Република Македонија 45%;
-Министерот за внатрешни работи 45%;
-Директорот на Бирото за јавна безбедност 45%;
-Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање 45%;
-Министерот за надворешни работи 45%;
-Министерот за одбрана 45%;
10. Сектор за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи во Оддел за антитероризам и деминирање во Управа 45%.
11. Работници распоредени на работни места во организациски единици на Министерството каде што работата се врши со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на Министерството подолго од 24 часа 5%.

– Вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа)

Вонреден работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа. Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа на основната компонента на платата на работникот. Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа по час во висина од 40%. Наместо зголемување на платата  со  согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови.

Остварување на правата

Заради остварување на правата од работен однос работникот има право да поднесе барање односно приговор кој се поднесува до органот надлежен за одлучување во втор степен. Исто така работникот има право на приговор против решенијата донесени од страна на министерот односно друг овластен работник од него определен со овој колективен договор, а се однесуваат на неговите правата, обврски и одговорности.

Министерот односно од него овластен работник е должен при одлучувањето за сите права и обврски од работен однос на работникот да му врачи одлука во писмена форма.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико