Правдико

   

Двајца затвореници од Идризово починаа во едно деноноќие

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во исчекување на резултатите од обдукцијата, надлежните тврдат дека од нивна страна било преземено се’ за лекување на затворениците

Двајца затвореници во рок од 24 часа починале откако биле префрлени на лекување на скопските клиники. Во исчекување на резултатите од обдукцијата, надлежните тврдат дека од нивна страна било преземено се’ за лекување на затворениците. Но, се’ уште постојат неодговорени прашања и дилеми околу нивната смрт.

Последниот случај е регистриран вчера околу 11 часот во Скопје во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што починал 73-годишниот М.А. од Гостивар, кој бил на отслужување казна затвор во Идризово во времетраење од 4,5 години. Од МВР известуваат дека како итен случај бил донесен на клиниката за нефрологија на 2 овој месец. Но, по извесен период, здравствената состојба му се влошила, па итно бил пренесен на КАРИЛ, каде што и починал. За истражителите засега не е позната причината за смртта.

За 24 часа, ова е втор затвореник кој починува на скопските клиники. Педесет и шестгодишниот С.Р. (56) осуденик од КПД „Идризово“ кој бил родум од гостиварското село Речане, претходно почина на Клиниката за токсикологија. Од полицијата известија дека тој околу 10 часот дента бил донесен на клиниката, а претходно боледувал од канцер.

Надлежните државни институции се’ уште официјално не соопштуваат зошто осуденикот кој подолго време боледувал од карцином, место да биде лекуван на Клиниката за онкологија, го завршил животот на Клиниката за токсикологија.

С.Р., жител на гостиварското село Речане, бил на издржување на затворска казна во Идризово. Од затворот велат дека нивниот штитеник на издржување затворска казна бил примен во 2014 година. Тој за убиство бил правосилно осуден на 10 години затвор, но поради неговата нарушена здравствена состојба имал редовен медицински третман.

„Она што беше до нас, како затворска управа, ние го направивме: повикавме Итна медицинска помош, но каде бил однесен тој нам не ни е познато. Со оглед на тоа што нашиот штитеник и претходно беше медицински третиран, верувам дека лекарите знаеле каде тој требало да биде спроведен. Можам да потврдам дека осуденикот четири-пет месеци беше сместен во Арестанското одделение, за да може од близу се следи неговата состојба“, вели директорот на Идризово, Живко Пејковски. Од затворот велат дека не сакаат да се впуштаат во шпекулации кои се однесуваат на одлуката С.Р. да биде транспортиран на Клиниката за токсикологија, но оставаат простор за сомнеж дека се работи за лекарска процена.

Во октомври минатата година двајца затвореници починаа во или на пат кон болница. Така на 26 октомври на Клиниката за гастрологија починал Б.И. (29) од с. Лојане, Кумановско, кој издржувал казна затвор во КПУ-Идризово и боледувал од цироза, а два дена пред тоа бил донесен во клиниката поради влошена здравствена состојба. На 17 октомври минатата година на пат од КПУ-Идризово кон Клинички центар во возило починал затвореникот Ш.З. (46) од с. Радожда, Струшко.

Автор: Љубиша Станковиќ

Извор: Утрински весник

Партнери на Правдико