Правдико

   

Хелсиншкиот комитет и коалицијата СЗПМЗ ќе поднесат кривична пријава против Стевчо Јакимовски

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници ќе поднесат кривична пријава против кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, за што е предвидена казна затвор од една до пет години.

Пред три дена, на митинг во предизборна кампања, Јакимовски во својот говор го нарече неговиот противкандидат Стефан Богоев хомосексуалец. Притоа, хомосексуалноста ја нарече „најопасната мафија“ и „мафија која сака да се инсталира во општина Карпош“.

Ваквиот говор на кандидатот за градоначалник, велат од Хелсиншкиот комитет, претставува кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ согласно со член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.

„Хелсиншкиот комитет и Коалицијата СЗПМЗ напоменуваат дека од исклучителна важност во конкретниот случај се неколку елементи. Прво, застрашувачки е фактот што лицето кое континуирано шири говор на омраза е градоначалник на општина Карпош во изминатите 8 години, односно е носител на јавна функција и избран претставник на граѓаните, кој особено влијание врз градењето на јавното мислење и јавните политики на општината. Второ, говорот на градоначалникот (и кандидатот за градоначалник) е одржан на јавен собир –митинг во рамките на предизборна кампања, каде што има пристап и влијание до поширока публика, односно голем дел од гласачкото тело. Трето, и можеби најважно,  е дека  јасно се гледа намерата на говорникот да омаловажи и деградира една цела маргинализирана група, врз основа на сексуална ориентација, нарекувајќи на ‘најопасна мафија’ и алудирајќи на неа како штетна за општеството, односно општината“, се вели во соопштението.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата СЗПМЗ ќе поднесат кривична пријава за Јакимовски за сторено кривично дело според член 319 од Кривичниот законик, за кое е пропишана казна затвор од една до пет години.

„Го повикуваме јавното обвинителство да спроведе брза и ефикасна постапка за утврдување одговорност на сторителот, а судот да изрече соодветна мерка со што превентивно ќе се дејствува врз понатамошното ширење говор на омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет и од Коалицијата СЗПМЗ.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико