Правдико

   

Како работи Европската комисија

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

European flags in front of the Berlaymont building, headquarters of the European commission in Brussels.Комисијата е политички независна институција што ги претставува и ги заштитува интересите на Унијата како целина. Во многу области таа е движечката сила во рамките на институционалниот систем на ЕУ: таа предлага закони, политики и програми и е одговорна за спроведувањето на одлуките на европскиот парламент и на Советот. Таа, исто така, ја претставува Унијата пред надворешниот свет, со исклучок на заедничката надворешна и безбедносна политика.

Што претставува Комисијата?

Терминот „Комисија” се користи на два начини. Прво, тој се однесува на „членовите на Комисијата” – т.е. тимот од мажи и жени што се назначени од страна на земјите-членки и Парламентот за да ја раководат и да донесуваат одлуки. Второ, терминот „Комисија” се однесува на самата институција и на нејзините вработени.Неофицијалниот назив на членовите на Комисијата е „комесари”. Пред да ѝ се приклучат на Комисијата, сите тие имале некакви политички позиции и многумина од нив биле владини министри, но како членови на Комисијата тие се обврзани да ги застапуваат интересите на Унијата во целина, а не да ги следат инструкциите на своите национални влади.

Комисијата има неколку Потпретседатели, меѓу кои е и Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, со што тој/таа има збор и во Советот и во Комисијата. Комисијата политички е одговорна пред Парламентот, кој има моќ да ја распушти по пат на изгласување недоверба.
Комисијата присуствува на сите седници на Парламентот, на кои таа мора да ги разјасни и да ги оправда сите свои политики. Таа редовно одговара на писмени и усни прашања поставени од страна на пратениците во Европски-от парламент.

Назначувањето на Комисијата

Комисијата се назначува на секои пет години, шест месеци по изборите за Европскиот парламент. Постапката за назначување е следнава:

– Владите на земјите-членки предлагаат нов Претседател на Комисијата, кој мора да биде избран од страна на Европскиот парламент.

– Предложениот Претседател на Комисијата, во договор со владите на земјите-членки, ги  одбира другите членови на Комисијата.

Потоа, новиот Парламент ги интервјуира сите предложени членови и го дава своето мислење за целиот „Колеџ”. Доколку добие одобрување, новата Комисија може официјално да ја започне својата  работа следниот јануари.

Секојдневната работа на Комисијата ја извршуваат нејзините административни функционери, експерти, преведувачи, толкувачи и секретарски персонал. Функцио-нерите на Комисијата – слично како и вработените во другите тела на ЕУ – се ангажираат преку Европската канцеларија за селекција на персоналот (ЕПСО): europa.eu/epso. Тие може да потекнуваат од која било земја на ЕУ, и се избираат по пат на отворени конкурси. Во Комисијата работат околу 33.000 лица. Тоа можеби се чини многу, но всушност бројот на нејзините вработени е помал од бројот на вработените во повеќето просечни градски општини во Европа.

Што прави Комисијата?

Комисијата има четири главни улоги:

1. Да доставува предлог-закони до Парламентот и до Советот.

2. Да ги менаџира и да ги спроведува политиките и буџетот  на ЕУ.

3. Да ги спроведува законите на ЕУ (заедно со Судот на правдата).

4. Да ја претставува Унијата во светот.

europe1. Предлагање нови закони

Согласно со Спогодбата за ЕУ, Комисијата има „право на иницијатива”. Со други зборови, Комисијата е единствената европска институција што е одговорна за подготвување предлози за нови европски закони, кои ги доставува до Парламентот и до Советот. Овие предлози мора да се стремат кон одбрана на интересите на Унијата и на нејзините граѓани, а не на интересите на одделните земји или индустрии.

Пред да поднесе какви било предлози, Комисијата мора да е запознаена со новите ситуации и проблеми во Европа и мора да размисли дали законите на ЕУ се најдобриот начин за справување со нив. Затоа, Комисијата е во постојан контакт со голем број разновидни интересни групи и со две советодавни тела – Европскиот економско-социјален комитет (составен од претставници на здруженијата на работодавачи и на синдика-тите) и Комитетот на регионите (составен од претставници на локалните и на регионалните власти). Таа, исто така, бара мислење и од националните парламенти, владите и широката јавност.

Комисијата предлага активности на ниво на ЕУ само доколку таа смета дека некој одреден проблем не може подобро да се реши со активности на национално, регионално или локално ниво. Овој принцип за справување со нештата на најниското  можно ниво се нарекува „принцип на супсидијарност”.

Доколку Комисијата заклучи дека е неопходно донесување европски закон, таа подготвува предлог за кој смета дека успешно ќе го реши дадениот проблем и дека ќе задоволи што е можно поголем број интереси. Со цел одделните технички детали на предлозите да бидат точни, Комисијата се консултира со експерти што ги сочинуваат разните комисии и експертски групи.

2. Спроведување на политиките и буџетот на ЕУ

Како извршно тело на Европската Унија, Комисијата е надлежна за менаџирањето и спроведувањето на буџетот, политиките и програмите на ЕУ што се усвоени од Парламентот и Советот. Поголем дел од работата и трошењето на буџетот го вршат националните и локалните власти, но Комисијата е надлежна за надгледувањето на тој процес. Комисијата го користи буџетот под будното око на Ревизорскиот суд. Целта на двете институции е правилен финансиски менаџмент. Европскиот парламент ѝ дозволува на Комисијата да го користи буџетот само доколку е задоволен од Годишниот извештај на Ревизорскиот суд.

3. Спроведување на Европските закони

Комисијата е „чувар на спогодбите”. Тоа значи дека таа, заедно со Судот на правдата, е надлежна за правилното спроведување на законите на ЕУ во сите земји-членки. Доколку открие дека некоја од земјите на ЕУ не спроведува одреден закон на Унијата и оттаму не ги исполнува нејзините правни обврски, Комисијата презема чекори за да ја поправи ваквата ситуација.Прво, таа започнува правен процес наречен „прекршочна постапка”. Со неа Комисијата ѝ испраќа официјално писмо на засегнатата влада, во кое објаснува зошто смета дека таа земја ги прекршува законите на ЕУ и при тоа одредува рок за доставување детален одговор до Комисијата. Доколку со оваа постапка не се поправат неправилностите, Комисијата доставува известување за дадениот проблем до Судот за правдата, кој пак има моќ да одредува казни. Одлуките на Судот се обврзувачки и за земјите-членки и за институциите на ЕУ.

european_commission24. Претставување на ЕУ на меѓународната сцена

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика е Потпретседател на Комисијата и е надлежен за надворешните работи. За прашањата што се однесуваат на надворешните работи и безбедноста, Високиот претставник соработува со Советот. Комисијата, пак, има водечка улога за другите надворешни прашања – особено во областа на трговската политика и хуманитарната помош. Во овие области Европската комисија дејствува како важен портпарол на Европската Унија на меѓународната сцена. Таа им овозможува на 27-те земји-членки да зборуваат во еден глас на меѓународните форуми каков што е Светската трговска организација.

Како работи Комисијата?

Претседателот на Комисијата одлучува за распределбата на надлежностите за политиките меѓу одделните комесари, како и за прераспределбата на овие надлежности (доколку е неопходно) во текот на еден мандат на Комисијата. Претседателот, исто така, има право да бара оставка од комесарите. Тимот составен од 27 комесари (познат и како „Колеџот”) се среќава еднаш неделно, најчесто секоја среда, во Брисел. Секој од комесарите ја претставува точката на агендата што се однесува на неговата/нејзината политика, а Колеџот донесува заедничка одлука за неа.

Вработените во Комисијата се организирани во оддели, познати како генерални директорати (ГД) и служби (какви што се правната служба и службата за превод). Секој генерален директорат е надлежен за одредена политика – на пример, постојат генерален директорат за трговија и генерален директорат за конкурентност – а нив ги раководи генерален директор, кој одговара пред еден од комесарите

Всушност, генералните директорати ги развиваат и ги подготвуваат законските предлози на Комисијата, кои стануваат официјални во моментот кога Колеџот ќе ги „усвои” на еден од своите состаноци. Постапката изгледа вака:

На пример, да претпоставиме дека Комисијата смета дека е потребно донесување закон на ЕУ за спречување на загадувањето на европските реки. Генералниот директорат за животна средина ќе подготви предлог, заснован врз опширни консултации со европските индустрии и фармери,со министрите за животна средина во земјите-членки и со организациите за заштита на животната средина. Честопати овие предлози се отворени за јавни консултации, со што им се овозможува на индивидуалните лица да го дадат своето лично мислење или да го изразат мислењето на својата организација.

За предложениот закон се дискутира со сите релевантни оддели на Комисијата и доколку е потребно, се прават негови измени. Потоа правната служба го проверува законот.По финализирањето на предлогот, Генералниот секретар го става предлог-законот на агендата на следниот состанок на Комисијата. На тој состанок Комесарот за животна средина им објаснува на своите колеги зошто се предлага дадениот закон, а потоа се води дискусија за него. Доколку се постигне согласност, Колеџот го усвојува предлогот и документот се испраќа до Советот и до Европскиот парламент на разгледување.

Меѓутоа, доколку комесарите не се согласуваат за доставениот предлог, Претседателот може да побара од нив да гласаат. Доколку мнозинството го прифаќа предлогот, тој се усвојува. Со тоа тој ја добива поддршката од сите членови на Комисијата.

Извор: http://eeas.europa.eu/

Партнери на Правдико