Правдико

   

Кои личности имаат право на обезбедување од страна на МВР

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

policija-620x264Врз основа на член 127 од Законот за полиција, во март 2014 Владата на Република Македонија, донесе уредба за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување. Со таа уредба се определуваат личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување.

Под обезбедување на личности и објекти  се подразбира планирање,  организирање,  координирање  и  извршување  на  оперативно -превентивни, превентивно-технички, физички, здравствени и други мерки и активности  со цел за обезбедување на:

– највисоките претставници на органите на државната власт на Република Македонија кога се во Република Македонија, а кога се во официјални и работни посети на странски држави во содејство и соработка со странски служби задолжени за обезбедување;

– странски државници (претседатели на држави, влади, парламенти и владетели-суверени  и други носители на официјални државни функции) кои се во официјални и работни  посети на Република Македонија и странски делегации од понизок ранг во работни посети од особено значење и интерес за Република Македонија, како и највисоки претставници на меѓународни  организации  кои  се  во  официјални  и  работни  посети  на  Република Македонија;

–  седиштата  на  органите  на  државната  власт  и  просторот  околу  нив,  како  и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Македонија;

– дипломатско-конзуларните претставништва и резиденции на Република Македонија во странство во содејство и соработка со странски служби за обезбедување врз основа на реципроцитет или склучен договор;

– странските дипломатско-конзуларни претставништва во Република Македонија и нивните резиденции врз основа на реципроцитет или склучен договор и меѓународните мисии  со  седиште  во  Република  Македонија  врз  основа  на  меѓународен  договор ратификуван од Република Македонија;

– манифестации од интерес за Република Македонија, во организација на органите на државната власт на Република Македонија или други правни лица на кои присуствуваат или се очекува да присуствуваат личностите кои се обезбедуваат согласно со оваа уредба
и

– објекти и простори кои се од посебно значење и интерес за безбедноста и одбраната на Република Македонија

За обезбедување на личностите и објектите  се преземаат редовни, вонредни и посебни мерки и активности за обезбедување. По проценка на загрозеноста по безбедноста на личностите и објектите што се обезбедуваат,   а  во  зависност   од  актуелната   политичко-безбедносна   состојба, нарушувањето на јавниот ред и мир во поголеми размери, воена или вонредна состојба, како и за време на елементарни непогоди и епидемии, се преземаат и дополнителни мерки и активности за обезбедување согласно закон.

Кои личности имаат право на обезбедување?

Постојано обезбедување

Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедуваат следниве личности:

– Претседателот на Република Македонија;
– претседателот на Собранието на Република Македонија;
– претседателот на Владата на Република Македонија;
– замениците на претседателот на Владата на Република Македонија;
– министерот за внатрешни работи;
– министерот за одбрана;
– министерот за надворешни работи и
– директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.

Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни мерки и активности за обезбедување се обезбедуваат и членовите на потесното семејство на Претседателот на Република  Македонија, претседателот на Собранието на Република  Македонија и претседателот на Владата на Република Македонија.

Врз основа на претходна безбедносна проценка изготвена од Министерството за внатрешни работи, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат редовни мерки и активности за обезбедување на следниве личности:

– министерот за правда;
– министерот за финансии;
– јавниот обвинител на Република Македонија и
– претседателот на Уставниот суд на Република Македонија.

За овие личности , во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат вонредни и посебни мерки и активности за обезбедување за времетраење на опасноста.

Од  страна  на  министерот  за  внатрешни  работи  може  да  се  определат  мерки  и активности за обезбедување и за други личности кои извршуваат јавни функции по нивно барање, во зависност од безбедносната проценка, доколку е проценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, а поради извршување на определени дејствија во вршењето на нивната функција.

Обезбедување по престанок на функција

Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни мерки и активности за обезбедување се обезбедуваат и:

– Претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата и членовите на неговото потесно семејство согласно закон и

– претседателот на Владата на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно закон.

За овие личности  на кои им престанала функцијата, во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат вонредни и посебни мерки и активности за обезбедување за времетраење на опасноста.

Покрај овие личности, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат редовни мерки и активности за обезбедување по престанокот на функцијата на претседателот на Собранието на Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, како и на други личности на кои им престанала функцијата во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет поради преземени определени дејствија во вршењето на нивната функција, но најдолго до една година по престанување на функцијата.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико