Правдико

   

Кои се овластувањата на Државниот пазарен инспекторат

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

3232323Работите на пазарната инспекција ги врши Државниот пазарен инспекторат како орган во состав на министерството надлежно за работите од областа на економијата. Инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на трговските друштва, правните и физичките лица , примената на прописи од областа на забраната и спречување на вршењето на нерегистрирана дејност, како и изрекување на инспекциски мерки со цел за отстранување на утврдените неправилности.

Инспекторатот исто така врши надзор и над преземените обврски на работодавачот во однос на пријавувањето на работникот и вклучувањето на работникот во задолжителното социјално осигурување врз основа на работен однос, согласно со Законот за работните односи.

Обврски на инспекторот

При вршење на инспекцискиот надзор во согласност со закон инспекторот има обврски:

1) да постапува по иницијативи за поведување на инспекциска постапка и за тоа да го извести подносителот на иницијативата;
2) да го известува одговорното лице на субјектот на надзорот за почетокот на вршењето на инспекцискиот надзор, освен ако со закон поинаку не е утврдено или ако со таквото известување ќе се намали ефикасноста на надзорот, или заради заштита на јавниот интерес, животот и здравјето на луѓето и имотот;
3) да се легитимира пред субјектот на надзорот, односно пред одговорното или друго овластено лице на субјектот на надзорот;
4) да состави записник за извршениот инспекциски надзор;
5) да ја чува тајноста на класифицираните податоци;
6) да постапува законито, навремено и во согласност со Етичкиот кодекс на државните службеници и Етичкиот кодекс на инспекциската
служба;
7) да го извести одговорното лице на субјектот на надзорот за законскиот основ за вршење на надзор и
8) во случај на констатирани неправилности за непреземање на обврски за пријавувањето на работникот и вклучувањето на работникот во задолжително социјално осигурување врз основа на работен однос, да преземе мерки согласно со Законот за работните односи.

Инспекторот не смее да врши или да присуствува на инспекциски надзор над субјектот на надзор, ако тој или член на неговото семејство
е сопственик или сосопственик, член на орган на управување или надзорен орган или каде што тој или член на неговото семејство има
личен интерес.

Овластувања на инспекторот

При вршење на инспекцискиот надзор инспекторот е овластен да:

1) проверува фајлови, документи, докази и информации во обем според предметот на инспекцискиот надзор, како и да побара од субјектот на надзор или неговите вработени да подготват потребни копии и документи изработени на странски јазик да бидат преведени на македонски јазик и заверени од судски преведувач;
2) врши надзор во деловните простории и други простории кои не се користат како живеалиште, над превозни средства и производи;
3) проверува идентификациони документи на лица поради потврдување на нивниот идентитет;
4) бара од субјектот на надзор или од неговите вработени писмено или усно објаснување во врска со прашања од делокругот на инспекцискиот надзор;
5) бара од субјектот на надзор или неговите вработени да ги достават податоците за нивните добавувачи со кои располагаат;
6) бара стручно мислење кога е тоа потребно за инспекцискиот надзор;
7) зема примероци без надомест за натамошни тестови или проверки во случаи определени со закон или друг пропис;
8) ги контролира активностите на субјектот на надзор при продажба на производи или давање услуги;
9) обезбеди звучни и видео записи кои можат да бидат искористени во инспекцискиот надзор;
10) врши попис на затекнатите стоки во деловниот објект и
11) обезбеди други потребни докази.

Доколку е оправдано потребно да се одземат или привремено да се чуваат производите, досиејата или документите, инспекторот може:

1) да побара од субјектот на надзор или од лице вработено кај истото што има овластување за тоа, да отвори и дозволи пристап во која било
просторија, затворен сад, машина или средства и

2) да побара од кое било лице кое има овластување за тоа, да декодира код или машина со цел да се отклучи, ослободи или на друг начин да обезбеди пристап до кое било досие (вклучително и компјутерско досие), простории, затворен сад или машина.

Утврдување недостатоци во работењето

Ако при вршењето на инспекцискиот надзор инспекторот утврди недостатоци, е должен да му укаже на субјектот на надзор да ги отстрани во точно определен рок, освен ако поинаку не е утврдено со закон. Укажувањето  се внесува во записникот.

Субјектот на надзор, без одлагање, но не подоцна од рокот утврден во записникот, е должен да постапи по укажувањето  и да го извести инспекторот дека недостатоците се отстранети. Доколку субјектот на надзор не постапи по укажувањето на инспекторот , инспекторот во рок утврден со закон ќе преземе мерки согласно со закон.

Во случаите кога постои сериозна опасност по животот и здравјето на луѓето инспекторот е должен да издаде усна наредба за итно и моментално отстранување на утврдените недостатоци и истото да го забележи во записникот. Во вакви случаеви, инспекторот веднаш а најдоцна во рок од три дена ќе донесе решение со кое ќе ја потврди усната наредба.

Против решението на инспекторот, односно директорот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
Жалбата го одлaга извршувањето на решението, освен ако со посебен закон поинаку не е уредено. По жалба против решението на инспекторот одлучува Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

–ПРАВДИКО–

 

Партнери на Правдико