Правдико

   

Лаичкото учество во кривичната постапка и човековите права

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор: М-р. Александра Тодоровска
Извор: Правна ревија бр.15 Институт за човекови права

Стремежот на мнозинството држави е да постигнат што повисоко ниво на развиена демократија. Како мерило за напредокот на едно општество кон таа цел, вклучувајќи го и македонското, меѓународната заедница често се повикува на постоење на владеење на правото во конкретна заедница.

Со други зборови, квалитетно поставен формален правен поредок кој ќе обезбеди заштита на основните човекови и граѓански права, а со тоа и заштита на демократијата од тиранијата. Но, принципите и нормите од тој правен поредок, би останале мртво слово на хартија доколку, откако се на сила, нема кој да се погрижи за спроведување на оваа заштита. За да се случи тоа, посебно значајно е ефективното и ефикасно функционирање на судската власт, кај која постои најголема опасност за ослабување на сметка на другите видови власт, односно законодавната и извршната. Оттука, најчесто во фокус се става положбата и делувањето на професионалните судии, на кои паѓа товарот за праведна и законска одлука како разрешувачи на конфликт на интереси помеѓу две страни. Но, во значителен број на демократии во развој и развиени демократии, во правораздавањето учествуваат и лаици поради нејзино унапредување и одржување, како еманација на правото на политичко учество. Токму учеството на лаиците како поротници или судии поротници во судската постапка е често заборавено дека е важна алка во синџирот за крајната цел на квалитетно постигнување на владеењето на правото и правдата. Овој институт е посебно важен во кривичната постапка, што ќе биде и предмет на оваа статија, каде што се решава за ненадоместливо казнување од страна на државата и потесната заедницата чиј поредок е нарушен со одредено постапување или непостапување на некоја индивидуа.

1.Компаративен преглед на лаичкото учество во правните систем. Зачетоците на денешната демократија која се стремат да ја постигнат земјите во развој и да ја надградат развиените земји, денешниот вид на заштита на човековите и граѓанските права и слободи, па оттука и формализирањето на граѓанското учество како посебна улога во кривичната постапка, се креираат по револуционерните премрежија од 18-тиот век, инспирирани од американската и француската револуција. Во следните векови, со преоѓањето и прераснувањето на кралства и територии во демократски држави, со издигнувањето на судската, обвинителската и адвокатската професија во правото, учеството на граѓаните во правораздавањето се нормира како издвоена улога преку Уставите и законите во сè поголем број модерните правни системи.

Резултат на оваа еволуција е фактот што денес во правните системи низ светот граѓанското учество во кривичната постапка се дели главно на два вида на поротнички модели: порота, поротници – група индивидуалци од заедницата кои се случајно избрани да го одлучат исходот во кривична постапка во однос на вината и мешан совет од професионални судии и судии поротници (lay judges, lay assessors). Постојат различни варијанти од двата модели, во однос на статусот, бројноста, улогата кои пак зависат од специфичните карактеристики на самите правни системи во кои се наоѓаат. Поротата како самостоен пресудувач е позастапена во земјите на англосаксонската правна традиција (common law) и акузаторна кривична постапка, додека судиите поротници заедно со професионални судии одлучуваат за вината и казната во мешани судски совети во земјите со европско-континенталната правна традиција (civil law) и кривични постапки со карактеристики кои се поблиски до инквизиторната постапка.

Во оваа насока, треба да се напомене поделбата на Jackson и Kovalev, како еден од ретките обиди за категоризација, иако ограничено на земјите членки на Советот на Европа.1 Тие пишуваат за пет пристапи за категоризација на лаичкото учество во правораздавањето, покрај тоа што во некои земји за различни кривични дела се застапени повеќе од овие пристапи (пр. во Македонија е застапена варијанта на германскиот класичен и експертски вид).2

На глобално ниво може да се забележи нов бран на внесувањето на граѓаните во судиското одлучување во држави кои никогаш (Аргентина, Јапонија и Кореја)3 или некогаш претходно немале таква традиција. По 130 години неконтинуирана традиција на употреба на порота (која има разлики во однос на common law поротата) Русија и Шпанија повторно вовеле порота во ’90-тите. Во Русија, судењето со порота за првпат било воведено во 1864 година со судските реформи на царот Александар II, освен за политичките и медиумските кривични дела до целосното укинување од Болшевиците во 1917 година. Наместо социјалистичкиот мешан судски совет, повторно поротата била воведена во  1993 година, во пакет со други демократскии правни реформи по распаѓањето на Советскиот сојуз. Шпанските периоди на воведување и примена на судење со порота, биле од 1888 и 1923 година, повторно помеѓу 1931 и 1936 година. Потоа, шпанскиот  устав  од  1978 год. предвидел неспецифично лаичко учество, а по скоро 20 години со закон била одбрана поротата во 1995 година.4

Предности и слабости на лаичкото учество. Генерално, двата вида на учество на граѓаните како пресудувачи, порота и судии поротници ги делат предностите кои му ги носат на конкретен правен систем. Зголемувањето на легитимноста на пресудите и заштита на професионалните судии во очите на јавноста, внесувањето на одраз на моменталните општествени вредности и смисла за правда, директна правна едукација на јавноста преку учеството, контрола над предрасудите заради долгогодишна професионална истрошеност и надсистемската корупција врз професионалните судии и обвинители. Секако, постојат и слабости и ризици кои ги носат со нивното учество. Голем број од нив се истражувани најмногу во американскиот модел на порота, каде е и најразвиена општествената научно-истражувачка работа (social science). Со мултидисциплинарен пристап, вклучувајќи ја и психологијата, преку изведување на интервјуа, анкети, симулирани судења низ Америка, сомнежот за квалитетот на пресудите поради неспособноста за разбирање на доказите, пристрасностите и предрасудите присутни кај лаиците се побиени како слабости. Но, постои една карактеристична слабост која најмногу влијае на рушење на корисноста на судиите поротници. Дали има реален бенефит од ваквото граѓанско активирање, кое зависи од фактот дали еднакво активно учествуваат во советувањето (deliberations) во текот на судењето и при носење на пресудата или пак тоа останува само формална еднаквост која не ја практицираат и лаиците лесно се наведувани од експертското влијание на професионалните судии?5 Точноста на оваа слабост не е докрај разработена, ниту поткрепена со емпириски истражувања, кои општо во европско континенталната правна традиција недостигаат. Во овој случај, конкретно во Македонија недостигот дополнително би се должел и на законската обврска за тајност при советувањето.

Севкупно, постојат докази дека има бенефит од граѓанското учество во правораздавањето, но нема став кој модел подобро ги извршува наведените предности. Интересен аспект кој често Jackson и Ковалев го истакнуваат, е дека при дискусии за лаичкото учество изостанува и фокусот на тоа во кој модел постои подобра способност за остварување на основните човекови права, како максимизирање на политичкото право на граѓаните значајно да учествуваат во судството и подобрување на правото на фер судење.6

Примарно е тешко да се направи заклучок, бидејќи не постојат доволно емпириски истражувања на варијантите на мешан судски совет во однос на мноштвото кое постои за поротата. Секако, не треба да се запостави и фактот дека со оглед на тоа што не постои совршен систем, постигнувањето на овие цели не зависи единствено од постоењето на поротници или судии и поротници, туку и од разни културни и социјални влијанија кои ги обликуваат правните системи и варијантите на самите модели на учество на лаиците.

Судиите поротници во Македонија. Како дел од европско-континенталната правна традиција, македонските граѓани можат да учествуваат како судии поротници и во граѓански и кривични постапки. Ова право е опфатено и со уставна одредба, односно Уставот на РМ од 1991 година во член 103 гласи:

Судот суди во совет. Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Конкретно, во кривичната постапка, иако таа со законот кој стапи на сила во 2013 год.,7 доби карактеристики на акузаторна постапка, не следеа измени во учеството на лаиците во насока на прифаќање на порота, наместо судии поротници. Согласно одлуката на Судски совет на РМ во 2015 година, како последна достапна статистика, се определил бројот на судии поротници во сите основни и апелациони судови на 1173.8

За улогата на судии поротници во Македонија се подобни сите граѓани, без дискриминација по никој основ и со соодветна застапеност од малцинските заедници,9 од 18 до 64 години кои „уживаат углед за вршење на оваа функција” (термин кој не е детално објаснет што опфаќа во моменталните достапни прописи на оваа тема, дали тука спаѓа и неосудуваност) и доброволно ќе се пријават на оглас. Kандидатите задолжително треба да го исполнат критериумот за поседување на високо образование, а потоа се селектираат од Судскиот совет на РМ. Добиваат специјализирана обука по која следи елиминационен тест и се избираат за мандат од четири години.10 За судење на малолетници се избираат кандидати од редот на лица со искуство во воспитувањето и образованието на младите. По овој процес, тие се распределуваат од судот за кој се избрани за мноштво на судски процеси во текот на нивниот долгогодишен мандат, за кој не постои ограничување при реизбор, со право на дневен надоместок и надоместок за превозни трошоци за вршење на должноста,11 Учеството на судии поротници е ограничено на судењa во првостепен суд за кои потенцијалната пропишана казна затвор е од 5 до 10 години12 во совет од еден професионален судија и двајца поротници, и во совет од двајца професионални и тројца судии поротници за кривични дела за кои е пропишана казна од 10 до 15 години и доживотен затвор.13 Тие пресудуваат заедно во совет за сите правни и фактички прашања, вината и санкцијата.

Македонската доверба во правосудството е на загрижувачкко ниво. Согласно најновите резултатите на јавното мислење во неколку балкански држави на мрежата Поинт Плус, во нашата земја само 34% од испитаниците имаат позитивно мислење за обвинителите, а 30% за судството,14 кое патем ја добило и „титулата” за најкорумпирана институција.15 Во оваа насока може да се додадат и забелешките од извештајот на Институтот за човекови права од април 2017 година, односно да се биде судија поротник е непопуларна функција, со оглед на тоа што Судскиот совет се соочил со недостиг на кандидати за судии поротници. Исто така, согласно истражувањата за потребите на мојот магистерски труд, преку електронската анкета на јавноста од 522 испитаници, улогата на судиите поротници како „пасивни статисти” ја потврдија 55% од испитаниците. Но, интересен факт беше што овој резултат не се совпадна со перцепцијата измерена преку анкета во Осниот Суд Скопје I на 6 професионални судии и 14 судии поротници. Петмина од професионалните судии го потврдија ставот на 71% од судиите поротниците – испитаници, дека пресудите се донесуваат со усогласување, а поротниците пројавуваат интерес во однос на фактичките прашања на случајот.16

Сепак, може да се заклучи дека постои недостаток на системско истражување за практичното функционирање на судовите кои би ги поддржале или негирале негативните ставови на јавноста. Статистичката транспарентност на судовите конкретно за судиите поротници, освен за генералните финансиски параметри и параметри за предметите кои минуваат низ судниците, изостанува. Емпириски податоци од тоа каква всушност е состојбата од аспект на актерите во судското секојдневие, изостануваат. Ова е сериозен проблем кој не дозволува да се детектираат соодветно проблематичните области.17

Заклучок

Во оваа статија се направи обид да се даде одговор зошто е потребно граѓаните да учествуваат како правораздавачи, мапирање на распространетоста на лаичкото учество и неговиот потенцијал за унапредување на човековите права.

Недостатокот од суштински статистички показатели и емпириски податоци, со фокус на лаичкото учество, претставува проблем при креирањето разумна и научно аргументирана оценка на македонскиот модел на судии поротници. Доколку постоеа, градејќи на таквите истражувања, ќе беше возможна и квалитетна компарација со други системи, иако правото е област во која не е возможна математичка прецизност. Често се работи со извори кои се субјективни мислења, а дополнителен предизвик се и варијации во поставеноста на разни правни системи. Покрај големината на предизвикот за остварувањето на идни истражувања на оваа тема, сепак се потребни колку е можно повеќе научни напори за квалитетна поткрепа на аргументирањата за прикажување на актуелната состојба. Со тоа би била поголема веројатноста за пронаоѓање на најдобрите решенија кои преку подобрувањето на реалното секојдневие на судството, автоматски ќе ја подобрат и заштитата на човековите и граѓанските права, во сите сфери на општественото живеење.

  • Stephen C. Thaman, “Europe’s New Jury Systems: The Cases of Spain and Russia,” 62 Law

and Contemporary Problems 233-260 (Spring 1999) : 237. http://scholarship.law.duke.edu/lcp/vol62/iss2/9

  • Valerie Hans, “Jury Systems Around the World,” Cornell Law Faculty Publications.Paper 305 (2008): 285, http://scholarship.law.cornell.edu/facpub/305. Види повеќе Sanja K. Ivkovic, “Ears of the Deaf: The Theory and

Reality of Lay Judges in Mixed Tribunals,” 90Chi.-Kent. L. Rev.1031 (2015), http://scholarship.kentlaw.iit.edu/cklawreview/vol90/iss3/11.

  • Го повикуваат Советот на Европа да донесе меѓународна спогодба или да усвои препорака од Министерскиот совет за оваа област, со оглед на тоа што ниеден меѓународен инструмент од областа на човековите права не го побарува изричното постоење на лаичкото учество во судење. Види повеќе John D. Jackson, Nikolai P. Kovalev, “Lay adjudication and human rights in Europe,” Columbia J. Eur. Law 13:83–123, (2006/2007):121-122.  http://www.academia.edu/1558623/Lay_Adjudication_and_Human_Rights_in_Europe
  • Закон за кривичната постапка(,,Сл. Весник на РМ”, бр.15/10).

 1fc68a8dd89c/Izvestaj+za+rabotata+na+SSRM+2015.pdf?MOD=AJPERES&CACHEID=ROOTWORKSPACE.Z 8_L8CC1J41L0B520APQFKICD0CR4-149e8bec-e8aa-4b66-a040-1fc68a8dd89c-kZvrQCW

  • Член 43, Закон за судовите (,,Сл. Весник на РМ” бр.58/06, 35/08, бр. 150/10).
  • Ibid, Член 48.
  • Член 46.

12Со претходниот закон, судиите поротници учествувале во судења за кои е пропишана казна затвор над 3 години. Види Закон за кривичната постапка (Сл. весник 15/97).
13 Член 25, ст.1, Закон за кривичната постапка(,,Сл. Весник на РМ”, бр.15/10).
14Магдалена Лембовска, “Извештај за јавното мислење за полицијата, ” Аналитика, (Септември, 2007): 13-14. http://www.analyticamk.org/images/2017/MKD-Survey-2017-MKD_835b2.pdf.
15 Ibid, 21

16А.Тодоровска, “Демократизација на раздавањето кривична правда во име на граѓаните: Споредбена анализа на поротничките модели во казненото право на САД и Република Македонија,” Магистерски труд, Правен факултет “Јустинијан Први” Скопје, (2017): 76.

17 Институт за човекови права, Мониторинг извештај за работата на Судскиот Совет на РМ, (Мај 2017): 11.  http://ihr.org.mk/uploads/IHR%20-%20Izvestaj%2002%20MAK%20(web).pdf.

Партнери на Правдико