Правдико

   

Малолетничката деликвенција е преполовена

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

29112016092726_web_sredno_-janevska-ilievaИма сѐ помалку проблеми и кривични пријави за малолетни лица на ниво на целата држава. Ова го покажаа најновите резултати од Државниот завод за статистика, кои откриваат дека во последните осум години бројот на кривичните дела сторени од малолетници опаднал за неверојатни 44 проценти.

Ако, пак, се следи движењето на малолетничкиот криминал од осамостојувањето досега, доаѓаме до податокот дека овој вид криминал се намалил за над педесет проценти. Најголем број кривични дела сторени од малолетни лица во последните осум години се регистрирани во Куманово, а потоа следуваат општините Центар, Гази Баба, Кисела Вода и Битола.

Според официјалните податоци, во периодот од 2007 до 2009 година бил забележан е пораст од 19 отсто на сторените кривични дела од страна на малолетниците, односно од 1.229 случаи во 2007 година на 1.518 случаи во 2009 година. Но сепак, најголемиот пад на регистрирани кривични дела има во периодот од 2009 до 2015 година, од 1.518 на 684 случаи, или поточно, намалување за фантастични 55 отсто.

– Во периодот од 2007 до 2015 година, регистрирани се вкупно 10.196 кривични дела сторени од малолетни лица. Тука спаѓаат кривични дела против животот и телото, кривични дела против слободите и правата на човекот и на граѓанинот, кривични дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривични дела против имотот, кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, кривични дела против безбедноста на правниот сообраќај, кривични дела против јавниот ред и преостанати кривични дела – пишува во извештајот на Државниот завод за статистика.

Како што е наведено во извештајот, најголемиот број регистрирани случаи (75 отсто) претставуваат кривични дела што малолетни лица ги сториле против имотот, а по седум отсто од вкупниот број ги делат кривичните дела против животот и телото и против јавниот ред и мир.

– Само пет отсто од случаите се кривични дела од безбедноста на јавниот сообраќај, а најмалиот број или вкупно 31 случај и 0,3 отсто, се водат како кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот – стои во извештајот.

Па така, во периодот од 2007 до 2015 година, најголем пораст во апсолутна бројка е забележан кај кривичните дела против јавниот ред и мир, односно од 29 во 2007 година на 156 во 2014 година, но и намалување на 95 случаи во 2015 година. Исто така, забележан е голем пад и кај регистрираните кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, од 36 во 2007 година на нула во 2015 година.

Од друга страна, пак, анализирајќи го полицискиот билтен, годинава беа забележани повеќе улични тепачки и насилство во кои учествуваа токму малолетници.
Во секој случај, генералниот профил што може да се извлече за учесниците во тепачките е дека станува збор за мажи на возраст меѓу 20 и 30 години, но помеѓу жртвите или напаѓачите има и малолетници.

– Додека за некои од случаите не се познати мотивите, за другите сепак станува збор за нерасчистени сметки, обиди да се ограби жртвата, а за некои немало ниту повод, ниту причина – велат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму објаснуваат дека за некои од случаите веќе се поднесени кривични пријави, а помеѓу делата за кои се сомничат учесниците во физичките пресметки најчесто се тешка телесна повреда и насилство, а во еден од последните регистрирани настани биле нападнати четири момчиња од Скопје, меѓу кои и двајца малолетници.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико