Правдико

   

Медијација за деца во судир со законот уредена со Закон за правда за децата

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Медијацијата во кривична постапка се однесува и во делот на кривични дела кое ги извршило дете во судир со законот и за кое е предвидена казна затвор до пет години, односно дете кое е кривично одговорно. Постапката на медијација во системот на правда за деца е уреден со Закон за медијација и Закон за правда за децата.

Надлежниот суд пред изрекување на казна, треба да им даде предност на воспитните, алтернативните мерки, како и на можноста да ги упати страните на медијација. При изборот на мерката или упатувањето на медијација, судот ќе ја земе во предвид возраста на детето, степенот на неговата душевна развиеност,  неговите психички својства, наклонетости, побудите од кои го сторил дејствието, дотогашното воспитување, средината и приликите во кои живеело, тежината на стореното дејствие, дали спрема него порано била изречена воспитна мерка или казна затвор за деца и сите други околности.

Кога една од страните е дете кое презело дејствие што со закон е предвидено како кривично дело и за кое е предвидена казна затвор до пет години, надлежниот јавен обвинител, по предходно информирање и писмена согласност на детето и неговиот законски застапник, бранителот и оштетниот може да ги упати страните на постапка за медијација. Во случај кога е поведена судска постапка, надлежниот суд за деца, може од причини на целесообразност, до завршување на главниот претрес со решение постапката да ја прекине и да ги упати страните на постапка на медијација, а по предходна писмена согласност на детето и неговиот законски застапник, бранителот и оштетниот. Доколку страните кои се упатени на медијација, го прифатат предлогот, тогаш должни се својата писмена согласнот, во рок од три дена од денот кога им е предложено поведување на постапка на медијација, да ја достават до јавниот обвинител или судот за деца. Постапката на медијација започнува кога страните спогодбено ќе определат медијатор, од Именикот на медијатори кој треба да го води надлежниот суд за деца, а доколку страните не можат да се спогодат, тогаш јавниот обвинител, односно судот за деца се должни да определат медијатор. Термините за започнување и водење на постапката за медијација ги определуваат заеднички медијаторот со страните во постапката. Присуството на страните во постапката на медијација е задолжително, а медијаторот со страните може да комуницира заедно или одвоено. Пред почетокот на постапката на медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со начелата, правилата и трошоците на постапката. Во спроведување на постапката на медијација, медијаторот ќе ги почитува начелата на медијација, земајќи ги во предвид сите околности на предметот, интереси на страните и потребата за брзо и трајно решавање на спорот. Информациите кои медијаторот ги прима од која било страна во постапката, може да и ги открие на другата страна, освен оние за кои страната ќе определи дека се доверливи.

Страните и медијаторот, доколку поинаку не се договориле, можат во кое било време во текот на постапката да изнесуваат свои предлози за спогодбата со која ќе го решат спорoт.Постапката на медијација може да трае најмногу 45 дена од денот на доставување на писмена согласност до надлежниот орган, доколку во дадениот рок постапката не заврши, тогаш предметот се враќа кај јавниот обвинител, односно судската постапка продолжува таму каде што е прекината. Постапката на медијација може да заврши со склучување на писмена спогодба помеѓу страните, а која може да се однесува на постигнување на согласност за надомест на материјална штета и морална сатисфакција. Медијаторот ќе ја запре постапката за медијација доколку смета дека постигнатата спогодба е незаконска или неподобна за извршување. Но, постапката на медијација може да заврши и без да се постигне писмена спогодба, со писмена изјава на медијаторот, по извршени консултации со страните, дека не се оправдани натамошни обиди за медијација на страните. Страните можат во кое било време да се откажат од постапката без при тоа да ги наведат причините за тоа.

Трошоците за медијаторот паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија според Тарифник за награда и надоместок на трошоци на медијаторите, по утврдување на трошоците од јавниот обвинител, односно судот кои ги упатил страните на постапка на медијација.

Медијаторот е стручно, обучено, деловно способно лице кое им помага на страните да постигнат спогодба, без право да наметне решение во спорот, во согласност со начелата на доброволност, неутралност и непристрасност, доверливост, јавност во медијацијата, еднаквост на страните, достапност на информациите за медијацијата, ефикасност и правичност. Погодно е медијаторот да биде по професија социјален работник, психолог, педагог, дипломиран правник специјалист или лице од друга професија кое завршило обука за медијатор за деца и ги исполнува другите услови предвидени во Закон за медијација и Закон за правда за деца. Специјализирани медијатори за спроведување на постапки за малолетници треба да бидат високо специјализирани во областа на комуникацијата, вештини за разрешување на конфликти, соодветен приод кон жртвата и сторителот, емпатијата и разбирање на жртвата. Да има познавање на локалната култура, традиционални вредности и обичаите во средината. Своите знаења и вештини за медијацијата потребно е да ги надоградува со посетување на обуки.

Mедијацијата е алтернативно решение за посредување и помирување на оштетниот и сторителот на кривично дело во која се применуваат методите на ресторативната правда или таканаречено неформално право, кое е насочено кон изнаоѓање на правда преку преговарање и спогодување на страните кои се инволвирани во соодветна спорна ситуација, која настанала по сторен прекршок или кривично дело. Во ресторативната правда жртвата и прекршителот се повикани да најдат соодветно решение, односно излез од криминалната ситуација. Со воспоставување на комуникација помеѓу сторителот и оштетниот, сторителот ја согледува штетата која ја предизвикал со неговата постапка, а оштетениот ги дознава мотивите и условите под кои сторителот го направил делото. На крајот се договараат за начинот, обемот и формата како сторителот да ја надокнади штетата. Поимот „restorative“ се однесува на „реставрирање“ на однесувањето на сторителот на кривичното дело или ресоцијализирање во општеството. Отстранување на негативните аспекти на однесувањето на сторителот и зачувување на физичките и интелектуални вредности, односно на неговиот „позитивен социјален идентитет“. Со ресторативната правда се врши терцијална превенција, односно  се намалуваат на штетните последици и  се спречува сторителот да го повтори делото.

Предности при примена на медијацијата во кривични спорови настанати при сторени кривични дела од страна на деца во судир со законот пред судската постапка се во насока на решавање на конфликтите на економичен, ефикасен и брз начин, при што се доаѓа до креативно решение кое е најсоодветно и применливо. Во постапката на медијација учествува и детето заедно со неговиот законски застапник ( и бранител) и самиот учествува во пронаоѓање и прифаќање на решението. Тоа е едно од загарантираните права на детето согласно Законот за медијација и Конвенцијата за правата на детето.

Постапката на медијација е доброволна, во секоја фаза на постапката, детето и законскиот застапник, можат да се откажат од постапката, доколку не ги задоволува нивните очекувања или од било која причина. Детето како сторител на кривично дело нема статус на обвинет, не е етикетирано, туку е рамноправна страна во процесот. Постапката на медијација нуди доверливост на учесниците, а изнесените податоци, предлози и изјави се чуваат во тајност, доколку страните поинаку не се договорат. Исклучок е членот 9 став 5 интересни се да се споменат алинеа 2 и 3 од Законот за медијација, според кои одделни информации нема да имаат карактер на доверливост, ако тоа е побарано со цел да се обезбеди заштита на интересите на децата на страните на медијацијата и ако тоа е побарано заради заштита од повреда на физичкиот или психичкиот интегритет на засегнатото лице во спорниот однос. Понатаму предности на медијацијата се исклучување на јавноста во постапката на медијацијата. Флексибилност на постапката која се однесува на слобода и договарање околу местото и времето каде ќе се одржуваат разговорите, правилата и начинот на одвивање на постапката, како и неформалност, што значи лесна пристапност до постапката и започнување на истата.

Имајќи во предвид дека медијацијата во кривичните спорови е флексибилна, сеопфатна, насочена кон решавање на проблемот, алтернативна опција на традиционалната кривична постапка Советот на Европа Комитетот на Министри издаде Препорака бр.(99)19 за медијација во кривичните спорови усвоена 15 септември 1999г. Комитетот на Министри им препорачува на владите на државите членки да ги разгледаат принципите наведени во Препораката кога ќе ја развиваат медијацијата во кривичните спорови. Во европските земјите, како и во одредени држави на Балканот, медијацијата во кривични спорови со деца сторители на кривични дела е широко применета и дава позитивни резултати.

Сертифициран медијатор за деца во судир со законот согласно Закон за правда за децата

м-р. Гордана Атанасова
тел. 078 35 22 13
gordana.atanasova@t.mk

Партнери на Правдико