Правдико

   

Насилство врз децата во сајбер-просторот – осврт на меѓународната правна рамка

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор: М-р. Васка Бојаџи
Извор: Правен дијалог бр.15, Институт за човекови права

Насилството врз децата е сеприсутен феномен кој не познава политички, културни, економски и технолошки граници. Како резултат на забрзаниот развој на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ), во последниве децении сајбер-просторот прераснува во сè позначајна платформа, која децата интензивно ја користат за комуникација, учење, добивање информации, играње, изразување на своето мислење, творење, активизам, како и во многу други сфери од своето општествено делување. Сепак, покрај бројните бенефити за новите генерации, дигиталната ера донесе и низа предизвици и опасности. Како и во физичкиот свет, така и во сајбер-светот децата се изложени на различни  видови насилство кои сериозно го загрозуваат нивниот физички и психолошки интегритет.

Насилството врз децата во сајбер-просторот најчесто се манифестира во некоја од следниве форми:

– производство, дистрибуцијa, употреба, или поседување на материјали кои прикажуваат сексуална злоупотреба на деца, т.е. детска порнографија (анг. child abuse images или child pornography);
– подведување, уште познато како онлајн поканување кое се манифестира како придобивање на довербата на детето со цел негово вовлекување во ситуација која може да му наштети (анг. grooming или solicitation of a child for sexual purposes);
– вознемирување (анг. harassment), заплашување (анг. intimidation) и малтретирање (анг. bullying);
– изложеност на материјали што можат да предизвикаат штета врз психолошкиот или физичкиот развој на детето, вклучително и изложеност на насилни содржини и говор на омраза (анг. exposure to harmful materials).
Покрај тоа, постои опасност од користење на информациските и комуникациските технологии за целите на трговија со деца, детска проституција и низа други кривични дела.

Креирањето на соодветна правна рамка, претставува еден од првите и неизбежни чекори во обезбедувањето на ефективна заштита на децата во овој нов сајбер-свет каде тие се подеднакво ранливи. Со оглед на транснационалниот карактер на овој феномен и неопходноста од заеднички пристап, во рамките на Организацијата на обединетите нации, Советот на Европа и други меѓународни организации се усвоени значајни правни акти. „Покрај тоа што меѓународните акти даваат генерална рамка и насоки за пристапување кон различните видови на насилство врз децата во онлајн-опкружувањето, тие исто така воспоставуваат сет на правно обврзувачки норми за државите кои ги потпишале и ратификувале.“[i]

Организација на Обединетите нации (ООН)

Конвенцијата за правата на детето (КПД), најшироко ратификуваниот договор за човековите права во светот, е клучен обврзувачки инструмент кој ги вклучува граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права на децата.“[ii] Сепак, одредбите на Конвенцијата не се однесуваат експлицитно на заштитата на правата на децата во сајбер-просторот. „Всушност, во истата година – 1989, кога Генералното собрание на ООН ја усвоило Конвенцијата, Тим Бернерс-Ли од ЦЕРН ја создал World Wide Web (www), како нова техника за дистрибуирање на информации на Интернет. Терминот “Интернет”, пак се употребил за првпат само седум години порано.“[iii] Иако Конвенцијата за правата на детето е подготвена и усвоена пред експанзијата на Интернетот, КПД и факултативните протоколи, особено Протоколот за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија (ОПЦС), обезбедуваат мошне важни насоки за остварување на правата на децата и во сајбер-просторот.

Член 19 од Конвенција за правата на детето пропишува дека државите членки се должни да ги преземат сите соодветни законодавни, административни социјални и образовни мерки поради заштита на детето од сите облици на физичко или ментално насилство, повреди, или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба. Во генералниот коментар бр. 13 (2011)[iv] Комитетот за правата на детето го прецизира опсегот на овој член, појаснувајќи дека се однесува и на насилство извршено преку информациски и комуникациски технологии, вклучително и сексуално насилство врз деца со цел производство и дистрибуција на детска порнографија, изложување на деца на штетен материјал, малтретирање, вознемирување или наведување на сексуални активности. Клучната улога и должност на државата во заштитата на детето од сите облици на сексуално искористување и сексуалната злоупотреба е реафирмирана во Членот 34 од Конвенцијата. Додека, членовите 35 и 36 предвидуваат обврска за преземање на сите национални, билатерални и мултинационални мерки за спречување на насилно подведување, продажба или трговија со деца, како и заштита од сите други облици на експлоатација, штетни за детето.

Покрај одредбите кои се однесуваат конкретно на заштита на децата од насилство, во овој контекст од значење се и генералните принципи на Конвенцијата. Имено, Комитетот за правата на детето, има идентификувано четири права, односно четири члена од Конвенцијата кои треба да се разберат како генерални принципи, а чија улога е да помогнат во интерпретацијата на Конвенцијата како целина, како и да им дадат насоки на државите за нејзината имплементација. Генералните принципи се инкорпорирани во: член 2 (обврска за почитување и обезбедување правата содржани во Конвенцијата за секое дете без дискриминација); член 3 (обврска за оддавање на примарна важност на најдобриот интерес на децата во сите активности кои се однесуваат на нив); член 6 (го гарантира оснoвното човеково право на децата – правото на живот) и член 12 (право на сопствено мислење на детето и право на изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на него).

 

Факултатвниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето кој се однесува на продажба на деца, детска проституција и детска порнографија, познат како ОПСЦ е усвоен во 2002 годиина и е ратификуван од вкупно 149 држави. Како една од причините за донесувањето на овој Протокол во Преамбулата, помеѓу другото, се наведува и „загриженоста [на државите членки на ООН] за зголемената достапност на детската порнографија на Интернет и другите развиени технологии“. Протоколот ја дефинира детската порнографија како претставување на дете, вклучено во реални или симулирани експлицитни сексуални активности со какви било средства или какво било претставување на половите органи за детето, пред сè за сексуални цели и ги задолжува државите-потписнички да го инкриминираат произведувањето, дистрибуирањето, ширењето, увезувањето, нудењето, продажбата или поседувањето на детска порнографија. Покрај инкорпорирањето на овие дела во кривичното законодавство и ефикасно санкционирање на сторителите, државите-потписнички имаат и обврска за преземање на превентивни мерки и унапредување на јавната свест во општеството, вклучувајќи ги и децата. Овие превентивни мерки е неопходно да бидат усогласени со современите технолошки текови и бидат насочени кон заштита на децата и во сајбер-опкружувањето. Значењето на овој Протокол, се огледува и во одредбите кои се однесуваат на регулирањето на судските постапки каде што децата се жртви на овие дела или пак во улога на сведоци, налагајќи им на државите да се погрижат постапките да бидат спроведени согласно најдобриот интерес на детето и имајќи ја предвид неговата ранливост.

Во последниве години, Комитетот за правата на детето посветува поголемо внимание на ИКТ и Интернетот во своите завршни забелешки за периодичните извештаи за КПД и ОПЦС. Препораките се фокусирани на клучните области каде што се неопходни дополнителни заложби од страна на државите-потписнички. Имено, Комитетот ја потенцира потребата од усвојување на „национална координативна рамка за справување со сите форми на насилство врз децата, вклучително и на Интернет“[v], усвојување на сеопфатно законодавство за „инкриминирање на сите форми на детска порнографија и сексуална експлоатација на децата на Интернет“[vi], инкриминирање на „подведувањето на деца за сексуални цели, како и на пристапот до детска порнографија преку информатичка и комуникациска технологија“с[vii].

Во однос на Република Македонија, Комитетот препорачува преземање наменски превентивни мерки, кои ќе ја имаат предвид променливата природа на интеракциите преку Интернет[viii]. Воедно, Комитетот ја истакнува својата загриженост за присуството на порнографски и други несоодветни содржини во аудио-визуелните и печатените медиуми кои им се достапни на децата[ix].

Совет на Европа

Конвенција на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба е првиот меѓународен инструмент кој се фокусира на превентивните, заштитните и кривично правните аспекти на борбата против сите форми на сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба на деца, притоа земајќи ги предвид предизвиците кои произлегуваат од современиот технолошки развој. Воедно, Конвенцијата претставува и единствениот документ во којшто се определува содржината на делото „подведување на деца за сексуални цели“ (на англиски grooming или solicitation of a child for sexual purposes) и се предвидува обврска на државите-членки за негова инкриминација во домашното законодавство. Содржината на ова дело во член 23 е определена како „намерен предлог, преку информациски и комуникациски технологии на полнолетен за средба со дете кое не ја достигнало правно утврдената возраст за сексуални активности согласно националното право, со цел преземање сексуални активности со детето или производство на детска порнографија, кога овој предлог бил проследен со материјални акти што водат кон таква средба.“

Конвенцијата за компјутерски криминал на Советот на Европа е усвоена со цел воспоставување на  заедничка криминална политика насочена кон заштита на општеството од компјутерски криминал, како и унапредување на меѓународната соработка на ова поле. Конвенцијата содржи материјални и процеснoправни норми за меѓународна соработка. Во рамките на одредбите од областа на материјалното право се опфатени и дела поврзани со детска порнографија кои државите-членки се обврзани да ги предвидат како кривични дела во рамките на националното законодавство.

Заклучни согледувања

Иако правото со потешкотии го одржува чекорот со технологијата, евидентни се напорите за регулирање на хаотичниот и динамичен сајбер-простор со донесување на нови меѓународни правни акти, како и толкување на постојните во согласност со новонастанатите околности од експанзијата на ИКТ и засилената потреба од заштита на децата во сајбер-просторот. Меѓународните правни акти, кои се предмет на овој труд се потпишани и ратификувани од страна на Република Македонија, со што нашата држава се обврзала да ги инкорпорира во домашното право, како и да обезбеди нивна соодветна имплементација. Најголем дел од одредбите кои се однесуваат на оваа материја претставуваат дел од Кривичниот законик, додека пак останатите се инкорпорирани во рамките на повеќе различни закони. Освен актите кои се предмет на анализа овде, постојат и низа други меѓународни договори кои опфаќаат различни аспекти, како на пр. Конвенцијата за забрана на најлошите форми на детски труд, усвоена од страна на Меѓународната организација на трудот.

Покрај примарната одговорност на државите во обезбедувањето на заштита на правата на децата согласно меѓународното право, се почесто се потенцира улогата на останатите општествени чинители, вклучително и родителите, граѓанските организации и приватниот-бизнис сектор. Правниците со својата експертиза поседуваат исклучителен потенцијал за придонес кон унапредувањето на правата на децата, подобрувањето на домашната правна регулатива, покренувањето на јавната свест за опасностите врз децата кои произлегуваат од современите технологии, алармирање за неопходноста од преземање превентивни мерки, како и зајакнување на механизмите за санкционирање. Од овие причини, очекувам и се надевам дека во наредниот период трудовите на оваа тема нема да претставуваат реткост. Делата на насилство во виртуелниот свет имаат сериозни последици врз децата во реалниот свет, а правото не може да си дозволи тромавост сред вртоглаво брзиот развој на технологијата.

[i] УНИЦЕФ – Центар за истражување Иноцети, Безбедноста на децата онлајн: Глобални предизвици и стратегии, Фиренца, 2012
[ii] Министерство за правда на Република Македонија, Компаративен преглед на законодавството во Република Македонија и Конвенцијата за правата на детето, Скопје, 2010
[iii] Канцеларија на специјалниот претставник на ОН на Генералниот секретар за насилство врз децата, ИКТ, Интернет и насилство врз деца, Њујорк, 2014 година
[iv] Комитет за правата на детето, Генерален коментар бр.13 (2011): Правото на детето на слобода од секаква форма на насилство, Њујорк, 2011
[v] Комитет за правата на детето, Завршни забелешки по третиот и четвртиот периодичен извештај на Луксембург (препорака бр.30б), Женева, 2013
[vi] Комитет за правата на детето, Завршни забелешки по третиот и четвртиот периодичен извештај на Кина (препорака бр.45д), Женева, 2013
[vii] Комитет за правата на детето, Завршни забелешки по извештајот поднесен од Португалија по член 12(1) од Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија (препорака бр.26а), Женева, 2014
[viii] Комитет за правата на детето, Завршни забелешки по извештаите поднесени од Република Македонија по член 12(1) од Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија (препорака бр.26б), Женева, 2010
[ix] Комитет за правата на детето, Завршни забелешки по вториот периодичен извештај на Република Македонија за Конвенцијата за правата на детето(препорака бр.36), Женева, 2010

Партнери на Правдико