Правдико

   

Нема кој да ја „ожнее“ марихуаната од Битолското Поле

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Деновиве во Битола беше уапсен средовечен битолчанец за неовластено производство и пуштање во промет на марихуана, која, според полицијата, тој ја одгледувал на својата нива во Битолското Поле. Откако по добиените оперативни сознанија полицијата го следела осомничениот битолчанец, тој бил уапсен и предаден на судија на претходна постапка, кој треба да ја одреди неговата вина.

Според кривичната пријава на СВР-Битола, пријавениот, откако неовластено набавил семе од растението канабис, го засадил на нива во Битолското Поле, за неовластено производство на опојната дрога марихуана. Марихуаната ја засадил во март 2017 година и ја одгледувал – ја копал, ретчел, плевел и наводнувал. Од извршениот увид е констатирано дека местото било засадено со четири реда марихуана, или вкупно 162 стебла. Од извршеното вештачење било утврдено дека растенијата се во свежа состојба, со висина од 18 до 92 см, со развиен корен, стебло и лист и му припаѓаат на растението канабис.

– Со обработка на врвните делови – вршунки и лисја, може да се добијат производи што се користат како опојна дрога, марихуана, хашиш и друго – стои во кривичната пријава на СВР-Битола.

Во ситуација кога битолчани поради високите температури, кои во некои денови се искачија над 40 степени, настојуваа на секој начин да се најдат под сенка, одењето „под сенка“ во битолскиот затвор на осомничениот В.М. не предизвика посебна загриженост во јавноста. Ако се докаже неговата вина, процедурата натаму е јасна и судот ќе знае како да постапи.

Но со ова апсење во Битола се вратија сеќавањата, кога точно пред седум години, на 15 јули 2010 година, во неговата нива на Битолското Поле беа уапсени Душко Илиевски, лидерот на фармерите од Пелагонија, кој во аферата „Сведмилк“ заглави стотици илјади евра, неговиот брат Цане и татко му Томе. По нивното апсење производството на коноп во Битолското Поле стана најактуелна тема не само во градот туку и пошироко, на која веднаш се налепија политичките партии, така што тој случај доби и политички димензии.

Токму тогаш за Битола и за „производството“ на марихуана се пишуваше со денови. Многумина тогаш ја споредуваа Битола дури и со Колумбија, бидејќи наводно на Битолското Поле земјоделците, покрај своите земјоделски и градинарски култури, одгледуваат и марихуана. Додека истражните органи и јавното обвинителство настојуваа по секоја цена да ја докажат вината на Душко Илиевски, неговиот брат Цане и татко им Томе, тие тврдеа дека конопот во нивната нива е самоник и дека покрај сите нивни обиди и настојувања да го искоренат, тие не успеваат во тоа.

Случајот со Душко Илиевски-Млекарот заврши со ослободителна пресуда за него и за неговите најблиски и тие за 12-дневниот притвор во битолскиот затвор добија отштета од 6.500 евра, иако бараа над 5 милиони денари. И токму битолчани ја заборавија приказната за Душко Илиевски и за дивото растение на Битолското Поле, кога деновиве со апсењето на В.М. конопот повторно стана актуелен во Битола.

Во настојувањето да ја доловиме сликата за конопот деновиве направивме обиколка на Битолското Поле, каде што ова растение е толку многу распространето што се добива впечаток дека во тој дел на Битола земјоделците, наместо со вообичаените земјоделски култури, најмногу се занимаваат со садење марихуана. За време на нашата обиколка се уверивме дека конопот во Битолското Поле го има речиси насекаде, по нивите, ендеците, и дека на тој дел на Битола никнува без да го посадиш.

Фармата на Душко Илиевски, кој моментално со целото свое семејство е во Германија, каде што чека да добие политички азил е затворена. На влезната врата од фармата, која води до нивата, се поставени катанци, што е најдобра потврда дека од некогашната најпозната добиточна фарма во Пелагониско, во која Душко одгледуваше стотини молзни крави, нема ништо. Се добива впечаток дека тука одамна не стапнала човечка нога. Движејќи се по жешкото сонце со возилото по патот што ги дели нивите во овој дел на Битола, покрај реката Шемница, едвај успеавме да го поминеме патот обраснат со треви и со трње. По ендеците насекаде има коноп, или марихуана, колку ти душа сака.

– Само нема кој да ја бери – ни вели еден случаен минувач што го затекнавме на тој дел од полето.

Иако на секој начин се обидувавме да го натераме на разговор, за жал тој ја одбегнуваше темата.

– Можеме да правиме за сѐ муабет, ама само немој за марихуаната. Иако таа на сите што ја употребуваат наводно им предизвикува задоволство, мене ми го зеде сонот. Овде веќе стана опасно да имаш нива, зашто можеш лесно да заглавиш в затвор. Јас буквално не спијам ноќе и само што ќе се раздени веднаш одам на нива и најпрво што гледам е да не пораснало некое стебло со марихуана, а за другите култури, компирите, доматите, пиперките од кои живеам, дури отпосле се интересирам – ни вели градинарот што го затекнавме на Битолското Поле, покрај реката Шемница.

Земјоделците велат дека во Битолското Поле успеваат многу земјоделски, а особено градинарските култури. Но на тој дел, особено покрај реката Шемница, без сомнение најдобро успева конопот, или марихуаната. Таа никнува и таму каде што нема да ја посадиш, а толку многу брзо расте што прекуноќ ги надвишува сите други култури.

Кога на 15 јули 2010 година беа уапсени Душко Илиевски, неговиот татко Томе и братот Цане, битолчани со кои тогаш разговаравме нѐ уверуваа дека конопот од секогаш најдобро успевал во Битола и Битолско. Земјоделците пред неколку децении со задоволство го одгледувале конопот и тој бил мошне доходна култура. Го имало не само во Битолското Поле туку и во Новаци, околу Ергелата, потоа реонот на Бистрица. Но откако било забрането неговото производство, тој не се одгледувал повеќе на битолските ниви.

И покрај неговото искоренување, тој во Битолското Поле и натаму постојано расте. Некои несовесни „градинари“ се обиделе да го искористат тоа, па почнале да го одгледуваат на своја рака за да заработат набрзина поголема сума пари. Некои конопот го одгледувале без да знаат за последиците од тоа. А има и голем број градинари што, и покрај сите свои заложби и настојувања, никако не можат да се ослободат од оваа култура.

Душко Илиевски во многу наврати пред камерите ѝ покажуваше на јавноста дека и покрај сите негови настојувања да ја истреби марихуаната од неговата бавча, таа и натаму никнува. Затоа тој бараше надлежните институции да се ангажираат за целосно искоренување на марихуаната од Битолското Поле. Тогаш навистина се презеде голема активност за искоренување на конопот. Но, за жал, како што е вообичаено кај нас, сѐ остана само на „заложби“ и ветувања. И ништо друго.

Надлежните институции, наместо да се ангажираат да го решат засекогаш овој проблем во Битола и да ја ослободат Битола од споредбата со Колумбија, почнаа да си ја префрлаат својата (не)одговорност од еден на друг. Надлежните уверуваа дека искоренувањето на конопот треба да го направи Министерството за земјоделство, а оттаму тврдеа дека тоа не можат да го направат без нечија наредба.

– Точно е тоа дека конопот во Битолското Поле го има многу. Но ние можеме него да го искорениме само доколку тоа го побара од нас надлежниот инспекторат за земјоделство или полицијата. За жал, досега такво барање до нас нема доставено никој – вели подрачниот раководител во Министерството за земјоделство, Илија Србиновски.

Конопот што расте во Битола му ја скрои судбината на фармерот Душко Илиевски. Тој под обвинение дека одгледувал марихуана со цело семејство заврши в затвор. Претходно му требаа неколку години да докаже дека е невин и дека конопот сам никнувал на неговите ниви.    Подоцна уште неколку битолчани беа обвинети за одгледување коноп и мораа да докажуваат дека не се одгледувачи и дилери на дрога. Деновиве конопот повторно стана актуелен во Битола.

И покрај тоа што маслото од канабис од пред извесно време, со препорака на доктор, е дозволено за лекување, неговото одгледување и натаму е забрането и претставува кривично дело. Затоа надлежните треба еднаш засекогаш да се зафатат со овој проблем и дефинитивно да го искоренат конопот од Битолското Поле, за да се избегнат сите недоразбирања и проблеми. Доколку се направи тоа, луѓето веќе не ќе можат да се правдаат оти тој сам никнувал, ниту пак вистински градинари ќе завршуваат в затвор поради нивната невнимателност или наивност, зашто во нивните бавчи, покрај компири, домати и пиперки, никнал и дивиот коноп.

Менде Младеновски

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико