Правдико

   

Новиот начин на полагање испит за извршители

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

stack460(Обновено 15.01.2017г.)Co испитот за извршители се проверува познавањето на правните прописи со кои се уредува должноста* извршител, начинот на извршувањето на извршните исправи, уредувањето на сферата на трговските друштва, претпријатијата и правните лица воопшто, платен промет, евиденција на правата на недвижности, наследното, семејното и стварното право, кривично право, парничната, вонпарничната постапка и други прописи неопходни за вршење на професијата извршител. При определувањето на содржината на испитот за Извршители, кој се состои од устен и писмен дел ќе се води сметка за содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторното полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.

Квалификационен испит можат да полагаат диплoмирани правници со положен правосуден испит кои се пријавиле на Конкурс за именување на извршители и до Министерството за правда доставиле пријава за полагање испит заедно со доказ за:

а) завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија;

б) најмалку две години работен стаж на правни работи по положен правосуден испит;

в) за уплатениот износ на предвидените средства за полагање на испитот

Испит за рангирање можат да полагаат кандидати со положен квалификационен испит. 

Со квалификациониот испит и испитот за рангирање за извршители и испитот за заменици извршители се проверува познавањето на правните прописи со кои се уредува должноста извршител, начинот на извршувањето на извршните исправи, уредувањето на сферата на трговските друштва, претпријатијата и правните лица, платен промет, евиденција на правата на недвижности, наследното, семејното и стварното право, кривичното право, парничната постапка, вонпарничната постапка и други прописи неопходни за вршење на должноста извршител.

Испитот за рангирање и испитот за заменици извршители, се состои од два дела и тоа:

– прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и

– втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката.

Испитот за извршители (во натамошниот текст: испитот) се состои од два дела, и тоа:

прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и

втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката.

Првиот дел од испитот се полага по предметите:

1) Организација на правосудството, управата и локалната самоуправа
2) Извршување, парнична постапка, вонпарнична постапка и нотаријат;
3) Кривично право ( посебен дел);
4) Стварно право и катастар и
5) Трговско право и стечај.

Вториот дел на испитот се состои од:

– опис на два индивидуални случаи од спроведување на извршување на извршна исправа и
– прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на случајот.

Испитот се полага според Програма во која се содржани градивото и прописите, која ја донесува министерот. 20% од правната литература од овој став, задолжително првенствено се состои од стручна литература што е во употреба на највисоко рангираните 100 високообразовни установи од областа на правните науки во светот, рангирани на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џиао Тонг универзитет.

Квалификациониот испит за извршители и стручниот испит за проверка на знаењата на извршителите се спроведуваат по посебни модули кои содржат само прашања од теоретскиот дел од областа на извршување, сопственост, договорен залог, катастар, трговско право, стечај, земјоделско и градежно земјиште.

 

Начин на полагање

Стручните и административните работи за потребите на спроведување на испитот за рангирање и за квалификациониот и стручниот испит за проверка на знаењата ги врши Министерството, за што министерот определува одговорно лице кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот.

Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Министерството за правда и Јавниот радиодифузен сервис.

Полагањето на првиот дел од испитот се врши со одговарање на прашањата, во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од тестот, зависно од тежината, се вреднуваат со определен број поени.

Полагањето на вториот дел од стручниот испит се врши со проучување на студијата на случај и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од студијата на случај, во вид на електронско, софтверско решение. Одговорите зависно од тежината се вреднуваат со поени определени во студијата на случај.

Прашањата содржани во тестовите за полагање на првиот дел на испитот и нивните одговори, студиите на случај и прашањата кои произлегуваат од студиите на случај и нивните одговори, како и прашањата за стручниот испит се чуваат во Единствениот електронски систем за полагање на испитот , кој го воспоставува Министерството за правда. Овој систем  содржи и јавно достапна база од најмалку 2000 прашања од областа на предметите, за потребите од првиот дел од испитот, јавно достапна база од најмалку 100 студии на случај за потребите на вториот дел од испитот како и најмалку 500 прашања за стручниот испит .

На денот на полагање на првиот, односно вториот дел од испитот, како и на стручниот испит за проверка на знаењата, претставник на Министерството за правда му дава на кандидатот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап, до електронскиот систем.  По одобрувањето на пристапот, кандидатот добива електронски тест за првиот дел од испитот односно две електронски студии на случај за вториот дел од испитот, како и за квалификациониот и стручниот испит за проверка на знаењата компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем.

Првиот дел од испитот се полага по секој од предметите  и содржи најмалку 50 прашања со пет опции за избор од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една е неточна во голем обем (на неа се губат поголем број поени). Ако лицето при полагање на првиот дел од испитот освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага вториот дел од испитот.

Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај кои се однесуваат на спроведување на извршување на извршна исправа, преземање на извршни дејствија за да се изврши извршната исправа и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни. Ако лицето при полагање на вториот дел од испитот освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, се смета дека го положил испитот, за што добива Уверение за положен испит.

Уверението  се издава во рокот од 3 дена од денот на завршување на испитот

Бројот на прашања и студии на случај во базите се зголемува за 10% годишно почнувајќи од 2015 година.

Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот како и од стручниот испит за проверка на знаењата му се достапни на кандидатот на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување.

Траење на испитот

Вкупното траење на времето определено за првиот дел од испитот изнесува 120 минути, времето за одговарање на вториот дел од испитот изнесува 180 минути, додека времето за одговарање на квалификациониот и стручниот испит за проверка на знаењата изнесува 60 минути.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико