Правдико

   

Позитивен пример за судска пракса: примена на Европската конвенција за заштита на човековите права во битолското судство

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Здружението РОМА С.О.С. Прилеп ги информира сите заинтересирани страни за резултатот од судското застапување на еден од документираните случаи на повреда на правото на здравје или во конкретниот случај за повреда на личните права во битолската болница кај пациенти Роми.

Се работи за примена на Европската конвенција за заштита на човековите права, во случајот на А.Ј. од Битола, кој е од исклучителна важност за судската пракса особено во поглед на фактот дека станува збор за случај каде тужителите се повикаа на јуриспуденцијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

Во случајот станува збор за 20 годишна мајка во 2012 година која се породила со машко дете на одделението за Гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничка болница “Д-р Трифун Пановски” Битола. По два дена кај детето била забележана промена на бојата на телото и ставено било во инкубатор. На родителите не им било дозволено да го видат и не им биле дадени информации  за здравствената состојба. Наредното утро добиле информација дека детето починало од непознати причини. Телото не им било вратено на родителите.

Во 2015 година поднесена беше тужба пред Основен суд Битола против ЈЗУ Клиничка болница “Д-р Трифун Пановски” Битола за надомест на штета за повреда на лични права односно поради претрпени душевни болки околу третирањето на телото на мртвото дете како медицински отпад без довола на родителите. Тужителите ги застапуваше адвокат м-р Благој Димовски, од адвокатската канцеларија „Петличковски“ од Битола.

Во 2016 година по оддржани 5 судски рочишта добиена е Пресуда со која се одбива тужбата, при што беше поднесена жалба до Апелациониот суд Битола.

Апелациониот суд во Битола по жалбата донесе Пресуда на ден 30.08.2016 година со која тужбеното барање на тужителите делумно се усвојува, и се задолжува тужениот да им плати на тужителите на име повреда на нивните лични права износ од 30.000,00 денари со законска казнена камата.

Имено, Апелациониот суд Битола ги прифатил аргументите на тужителите дека во конкретниот случај со тоа што здравствената установа не ги известила тужителите за можноста за подигање на телото на нивното починато дете иако тоа било побарано пред да се изврши обдукцијата, а по извршената обдукција со телото на починатото дете постапила како со медицински отпад, со што на родителите им е оневозможено да го знаат последното почивалиште како да ги извршат верските должности е повредено правото на приватност на личниот и семејниот живот а кое право е предмет на заштита и гаранција согласно чл.8 од Европската конвенција за човековите права.

До Врховниот суд на Република Македонија е поднесена ревизија бидејќи се смета дека досудениот надомест е премногу мал со оглед на сторената повреда на правата на тужителите, иако повеќе од сигурно е дека ниту еден износ нема да ги поправи пропуштањата и грешките направени од здравствената установа.

Веруваме дека примената на Европската конвенција за заштита на човековите права во македонското судство ќе има влијание во иднина за превземање определени општи и посебни мерки  во смисла на правно регулирање на вакви ситуации и оневозможување истите да се повторат во иднина.

Случајот беше документиран и подржан во рамки на проектот Здравјето на Ромите – основно човеково право, финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија.

 

Партнери на Правдико