Правдико

   

Пратениците ќе ја продолжат расправата за разрешување на Зврлевски

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи шестата седница со расправа по Предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлески.

Предлогот Зврлевски да биде разрешен од функцијата јавен обвинител е поднесен од Владата на РМ поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Барањето за разрешување, Владата го достави и до Советот на јавни обвинители којшто на седница го прифати таквиот предлог.

Завчера пратениците од опозицијата, побараа разумно објаснување за разрешување на Марко Зврлевски и, според нив, тие никогаш не рекле оти се против тоа. Сметаат дека во моментов има многу побитни теми на кои треба да се расправа како што се мигрантите, пожарите, депонијата во Струга… Повторно побараа да се преиспитаат сомнежите дали во време кога се распишани избори треба да се расправа и да се започне постапка за менување.

Пратениците од парламентарното мнозинство потенцираа дека државниот јавен обвинител Марко Зврлевски по 27 април имал шанса да му даде на Јавното обвинителство можност да работи во интерес на граѓаните, а наместо тоа работел на заштита на поранешната власт.

Во процедурално обраќање Томислав Тунтев од СДСМ најави дека сите пратеници од владејачкото мнозинство ќе се откажат од дискусија за час поскоро да биде избран нов државен јавен обвинител.

На оваа седница, на дневен ред се преку 30 точки меѓу кои и Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, Информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година, Предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, Предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година.

Извор:Нова Македонија

Партнери на Правдико