Правдико

   

Право на исправка на објавена информација во медиумите

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

eraser-795768_1280-507x380Правото на исправка на објавена информација е регулирано со Законот за медиуми, во кој детално се опишуваат обврските на медиумите доколку од нив биде побарано да извршат исправка на веќе објавена информација.

Во согласност со Кодексот на новинари, новинарот треба да настојува да биде обезбедено објавување исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.

Кој има право да бара исправка?

Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и други организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси.

Барањето за објавување исправка се поднесува до одговорниот уредник на издавачот на медиум во писмена форма, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на информацијата на која се однесува исправката. Барањето мора да биде образложено и потпишано од подносителот на исправката и да ги содржи сите потребни податоци за подносителот на исправката, како и неговата адреса. Во исправката на објавена информација, покрај исправка на погрешните тврдења или неточните наводи во објавената информација, може да се изнесуваат факти и околности со кои подносителот на исправката ги побива или битно ги дополнува наводите во објавената информација.

Кога не може да се бара исправка?

Во случај кога се работи за научна или уметничка критика, не се дава право на исправка, освен доколку со истата се врши само исправка на неточни факти. Не може да се бара исправка доколку издавачот на медиум, до денот на поднесувањето на барањето за исправка, веќе претходно сам објавил исправка на истата информација.

Подносителот на барањето за објавување исправка мора јасно да ја наведе информацијата, односно податокот од информацијата на кој се однесува барањето за исправка и датумот на нејзината објава.

Објава на исправката

Исправката се објавува, без измени и дополнувања, на исто или соодветно место во содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на тој на кој била објавена информацијата. Исправката не смее да биде несразмерно подолга од информацијата, односно од делот на информацијата на која се однесува. Исправката може да се објави во изменета форма само доколку на тоа се согласи подносителот на барањето на исправката. Исправката мора да биде објавена на начин што од самиот наслов може да се види дека се работи за исправка. Исправка без согласност на подносителот на барањето на исправката не смее да се објавува меѓу реакции или писма на читателите, односно гледачите или слушателите.

Во програмите на радиодифузерите, исправката се објавува со читање во истата програма и термин во кои е објавена информацијата на која се однесува исправката или во истиот вид на програма со исто ниво на гледаност или слушаност.

Начин и услови за објавување исправка

Исправката мора да биде објавена во рок од два дена од доставувањето на барањето во првиот нареден број, ако се работи за периодични изданија или во друг медиум, ако се работи за непериодична публикација. Во време на изборен процес, исправката мора да биде објавена во првото следно издание, односно првата следна програма од ист вид веднаш по примањето на исправката.

Во истото издание, односно програма од ист вид, не може заедно со исправката да се објавува и коментар на таа исправка или одговор на исправката.

Одговорниот уредник е должен да ја објави исправката, освен кога:

  • исправката не се однесува на информацијата на која се повикува заинтересираното лице;
  • исправката не содржи податоци во врска со наводите во информацијата;
  • исправката е во спротивност на со закон заштитените интереси на трети лица;
  • барањето за објава на исправката не е потпишано од подносителот на барањето или од овластеното лице на државно тело или правно лице;
  • исправката е несразмерно поголема од информацијата на која таа се однесува; односно на делот од информацијата на која истата се однесува, освен ако исправката се однесува на клевета или на информација со навредлива содржина;
  • исправката е напишана на јазик кој не е идентичен на јазикот на којшто е објавена оспорената информација;
  • во случај кога се работи за научна или уметничка критика, освен доколку со неа се врши исправка на неточни податоци, навредливи и  тенденциозни наводи;
  • веќе е побарана исправка на истата содржина на информацијата или доколку тече спор пред надлежниот суд поради не објавување на исправката;
  • издавачот на медиум веќе сам објавил исправка на објавената информација;
  • барањето е поднесено по истекот на рокот и
  • исправката содржи навреда или клевета.

Одговорниот уредник е должен писмено да го извести барателот на исправката за причината за необјавување на исправката.

Право на копија од објава

Издавачот на медиум е должен на заинтересирано лице, на негов трошок, да му обезбеди копија од објавената информација и тоа најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на писменото барање на заинтересираното лице. Копијата се доставува до заинтересираното лице само за лична употреба. Не е дозволено умножување ниту јавно објавување на копијата без согласност на издавачот на медиум освен во рамките на судска постапка.

Чување на објава

Доколку заинтересираното лице во рок од осум дена од објавата на информацијата писмено извести дека ќе бара објавување на исправка, одговорниот уредник во издавачот на медиумот е должен да ја чува објавата на информацијата на која се однесува барањето на исправка, сè додека бараната исправка не се објави, односно не се заврши судската постапка што се води во врска со објавените спорни информации, односно додека не завршат законски пропишаните рокови за остварување на правата на исправка или судска заштита.

Барање за исправка од издавач на медиум кој престанал да постои

Објава на исправка може да се бара и кога информацијата била објавена од издавач на медиум, кој, во меѓувреме, престанал да постои. Подносителот на барањето за исправка има право од издавачот на тој медиум или од неговиот правен следбеник да бара, на негов трошок, да му обезбеди објавување на исправката во друг медиум кој по нивото на гледаност, слушаност, односно тираж е сличен со него.

Право на тужба

Ако одговорниот уредник на издавач на медиум не ја објави исправката на начин и во рок определен  со  закон, заинтересираното лице има право да покрене тужба против одговорниот уредник пред надлежниот суд во рок од 30 дена од истекот на рокот за објавување на исправката, односно од денот кога исправката не била објавена или била објавена на начин кој не е во согласност со овој закон.

Судските спорови во врска со објавата на исправката се решаваат по итна постапка.

Одговорниот уредник е должен при објавувањето на исправката по завршување на судската постапка да наведе дека објавувањето се извршува врз основа на правосилна судска пресуда и притоа е должен да ја цитира изречената пресуда.

Доколку по поднесувањето на тужбата за објава на исправката се смени одговорниот уредник на издавачот на медиум, тужителот може до крајот на главната расправа да го измени тужбеното барање и наместо претходниот тужен, да го тужи новиот одговорен уредник. За таква измена на тужбеното барање не е потребна согласност од првобитниот тужен, ниту од новиот одговорен уредник.

Доколку медиумот не изврши објава на исправката, не ја изврши објавата на исправката на начин и под услови утврдени со закон и на заинтересираното лице не му обезбеди копија од објавена информација, предвидена е глоба од 1.500 до 3.000 евра, додека  глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице и на трговец-поединец за сторениот прекршок.

Пишува: Александар Георгиев

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Партнери на Правдико