Правдико

   

Пријавување и ослободување на персонален данок на доход

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

wpid-tax1Персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со Законот за персонален данок на доход. Даночен обврзник на персонален данок на доход е:

• Резидент на Република Македонија – граѓанин кој остварува приход во земјата и во странство;

• Нерезидент на Република Македонија – граѓанин кој остварува приход на територијата на Републиката;

• Трговец – поединец;

• Граѓанин кој се занимава со земјоделска, со занаетчиска дејност и лице кое врши услуги или слободни занимања, кое не се смета за трговец (нотари, адвокати, извршители, професори, уметници, свештени лица и др.);

• Граѓанин кој непријавено врши дејност и остварува приходи кои подлежат на оданочување.

Приходите кои ги остваруваат даночните обврзиници во текот на календарската година,  имаат обврска да ги пријават во Управата за јавни приходи (УЈП) и да поднесете соодветна аконтативна даночна пријава во законски предвидените рокови. Даночната стапка по која се пресметува персоналниот данок е 10%.

Даночната основа за пресметување на персоналниот данок на доход е различна во зависност од видот на приходот што го остварува даночниот обврзник. Како приход кои  подлежат на оданочување и треба да се пријават во УЈП се следните:

Лични примања

За лични примања се сметаат сите приходи што сте ги оствариле по основ на плати и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност во земјата или странство, надоместоци на трошоци од работен однос и сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа, пензии, примања од членување на органите на управување и на органите на надзор на трговските друштва, примања доколку сте функционер, пратеник, советник или носител на јавна функција, или професионален спортист (премии, трансфери и сл.), понатаму секој поединечно остварен приход врз основа на договор за повремено или привремено вршење на услуги на правни и физички лица. Приходите може да бидат исплатени во пари, бонови, парични потврди, акции, стоки или во некој друг облик кој има парична вредност.

Вашиот работодавачот (исплатувач на приходот) е должен да го пресмета и уплати персоналниот данок на доход и при секоја исплата на приход да ви издаде примерок од пресметката за платениот персонален данок и придонеси, и збирен податок за вкупно платената аконтација по истекот на календарската година, најдоцна до 15 јануари наредната година.

pay-taxesПриходи од самостојна дејност

Приходи од самостојна дејност се приходите остварени од вршење на стопанска дејност, од давање на професионални и други интелектуални услуги, приходите од земјоделска дејност, и од други дејности чија трајна цел е остварување на приходи. Како вршител на самостојна дејност должни сте најдоцна до 15 март наредната година до Управата за јавни приходи и Централниот регистар да ги доставите обрасците “Б” и “ПДД-ДБ”.Доколку како вршител на самостојна дејност во текот на годината покрај приходи од самостојна дејност остварувате и приходи по други основи, должни сте да поднесете Годишна даночна пријава (образец”ПДД-ГДП“).

Приходи од имот и имотни права

Доколку остварувате приходи од имот и имотни права, односно издавате под закуп или подзакуп на земјиште, станбени или деловни простории, гаражи, простории за одмор и рекреација, опрема, превозни средства и други видови имот, истите треба да ги пријавите во УЈП во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот на образецот, “ПДД-АДП/ПИ” и задолжително по истекот на годината треба да поднесете и Годишна даночна пријава. .

Приходи од авторски права и права од индустриска сопственост

За исплатените приходи од авторски права (пр. имате склучен договор за авторско право со Авторска агенција) или приходи од права од индустриска сопственост (пр. склучите договор за користење на патентиран производ, договор за користење на трговска марка и.т.н.), исплатувачот на приходот е должен во моментот на исплатата на приходот да го пресмета и уплати данокот на доход и да ви издаде примерок од пресметката за платениот персонален данок. За остварените приходи задолжително по истекот на годината, треба да поднесете и Годишна даночна пријава.

Приходи од капитал

Доколку остварувате приходи од капитал, како дивиденди и други приходи остварени со учество во добивкатакај правни и физички лица, камати по кредити дадени на физички и правни лица и камати по обврзници или други хартии од вредност, исплатувачот на приходот треба да ви го пресмета данокот на доход за секој поединечно исплатен приход, во моментот на исплатата,  а вие сте должни до 15 март 2016 година да поднесете Годишна даночна пријава.

* Каматите на орочени штедни и други депозити се ослободени од оданочување до денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската унија.

Приходи од капитални добивки

Доколку сте оствариле приходи од капитални добивки (продажба на учество во капиталот и недвижен имот), истите треба да ги пријавите во УЈП во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот, на образецот ”ПДД-АДП/КД“ и за истите треба да поднесете и Годишна даночна пријава до 15 март 2015 година

* Капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност не се оданочуваат од 1 јануари 2013 година до 31 декември 2015 година.

imagesДобивки од игри на среќа и други наградни игри

При остварување на добивка од игри на среќа (во пари, хартии од вредност, во натура или во некој друг вид), исплатувачот на добивката е должен да го пресмета и  уплати персоналниот данок на добивката која сте ја оствариле и да ви издаде примерок од пресметката. При остварување на добивка од општите игри на среќа (лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа) во износ поголем од 5.000 денари , исплатувачот на добивката е должен да го пресмета и уплати персоналниот данок на целиот износ на добивката и да ви издаде примерок од пресметката. Вие задолжително треба да поднесете Годишна даночна пријава.

Други приходи

Ако од правно лице ви се исплатени „други приходи“ кои не се набројани претходно, ниту се ослободени од обврска за оданочување, исплатувачот на приходот треба да ви го пресмета данокот на доход за секој поединечно исплатен приход, а вие сте должни до 15 март 2016 година да поднесете Годишна даночна пријава.

Во случај да остварувате “други приходи“ (приходи остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок), истите треба да ги пријавите во УЈП во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот, на образецот “ПДД-АДП/ДП“.

Данок на доход не се плаќа на примањата по основа на:

1) награди што ги доделува Организацијата на Обединетите нации имеѓународните организации;
2) награди за животни достигнувања во науката, културата и спортот;
3) стипендии и кредити на ученици и студенти што ги доделуваат органите на државната управа и фондации во согласност со закон;
3-а) награди на ученици и студенти за време на задолжителна практична работа и обука до 4.000 денари месечно;
3-б) награди на ученици и студенти освоени на натпревари во рамките на образовниот систем;
4) награди на спортисти за постигнати резултати на официјални меѓународни натпревари;
5) стипендии за спортисти;
5-а) надоместок на трошоци за службени патувања (трошоци за превоз, сместување и исхрана) при патување на државните репрезентации и спортските клубови на официјални првенства и други меѓународни натпревари;
6) надоместок на трошоци за службени патувања, за теренски додаток (сместување, исхрана) или одвоен живот од семејството на вработени лица во висина на најнискиот износ утврден со општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
6-а) надоместоците на трошоците за користење на сопствен автомобил за потребите на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар, а најмногу до 3.500 денари месечно;
6-б) организиран превоз до и од работа, како и исхрана за време на работа утврдени со закон, општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
7) надоместок на лицата волонтери согласно со Законот за волонтерството;
8) надоместок за инвалидност, плата и пензија на инвалидно лице;
9) детски додаток;
10) други социјални додатоци за деца, утврдени со закон;
11) паричен надоместок за време на невработеност, утврден со закон;
12) надоместок во случај на смрт на вработениот и на член на семејството, до пропишаниот износ;
13) помош за претрпени штети од елементарни непогоди, до најнискиот износ утврден со општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа;
14) надоместок по основа на здравствено осигурување, освен надоместок на плата;
15) помошти за социјална заштита;
16) надоместок за телесно оштетување;
17) надоместок на штета по основ на животно и неживотно осигурување;
18) камати по јавни заеми;
19) камати по обврзници издадени од Република Македонија и единиците на локалната самоуправа;
20) камати на штедни влогови, трансакциски сметки и депозити по видување;
21) алиментации и надоместоци на штета по судска одлука и надоместок на штета како последица на несреќа при работа;
21-б) приходи од продажба на собрани лековити билки и шумски плодови, остварени од физичко лице;
22) парични надоместоци доделени на национален уметник согласно со Законот за националниот уметник на Република Македонија;
23) парични надоместоци доделени на уметник и стручен соработник од областа на заштитата на културното наследство кој остварил право на пензија и е добитник на една од државните награди “11 Октомври“ за животно дело, “11 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста, “Св. Климент Охридски“ за долгогодишно остварување во културата и уметноста, наградата “23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата, согласно со Законот за културата;
24) отпремнина која се дава при заминување во пензија во висина од две просечни месечни нето плати по работник исплатени во Република Македонија во последните три месеца;
24-а) надоместок за учество на лице во органите за спроведување на избори;
25) еднократен надоместок во вид на испратнина, заради трајно работно ангажирање на работниците, под услови и начин утврдени со закон;
26) примени донации во согласност со Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности;
27) плати на вработените лица кај обврзникот кој е корисник на технолошка индустриска развојна зона, за период од десет години од започнувањето на вршењето на дејноста во зоната, односно од првиот месец во кој корисникот ќе изврши исплата на плата, без разлика на бројот на вработените лица кај корисникот, под услови и постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони; и
28) надоместок на трошоци за хотелско сместување, храна и превоз за лица кои не се вработени кај филмскиот продуцент, кои учествуваат при производство на филм наменет за јавно прикажување, во висина на стварните трошоци, утврдени врз основа на документ за направените трошоци.

Како граѓанин во текот на годината можете да остварувате приходи по повеќе основи, односно покрај вашата плата или пензија, на пример, сте оствариле и приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или сте оствариле хонорар по основ на авторски договор, понатаму сте учествувале во наградна игра и сте оствариле добивка и слично.

Во ваков случај, покрај тоа што имате обврска да ги пријавите приходите во УЈП во текот на календарската година, односно во роковите како што е опишано погоре, имате обврска сите ваши приходи кои сте ги оствариле по различни основи во текот на годината да ги пријавите во Годишната даночна пријава. Годишната даночна пријава се поднесува по истекот на годината за која се утврдува данокот, најдоцна до 15 март наредната година на образецот “ПДД-ГДП“.

Извор:

– Персонален данок на доход Оданочување на приходи на граѓани-УЈП

Закон за персоналниот данок на доход

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико