Правдико

   

Про и контра за помилувањето затвореници: Што мислат правните експерти за законот за амнестија

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Владата неделава го усвои предлог-законот за амнестија, кој пред да влезе во собраниска процедура, дваесет дена ќе биде на увид на широката јавноста и правните експерти за да се чујат сите евентуални забелешки и сугестии. Во образложението на предлог-законот се вели дека неговото донесување има за цел ресоцијализација на сторителите на кривични дела; финансиско растоварување на буџетот на Република Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација, како и јакнење на рехабилитацискиот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица. Законот предвидува целосно ослободување од извршување казна на оние лица што биле осудени на 6 месеци затвор, а за сите други ќе има намалување од 30 отсто од казната.

Со законот не се опфатени сторителите на тешки кривични дела, лица осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство.

Амнестија не е предвидена ниту за сторителите на кривични дела против избори и гласање од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право. Веднаш по усвојувањето од страна на Владата овој предлог-закон предизвика полемики, но и поделеност во пошироката јавност по повеќе основи, а имено за можните ефекти врз општеството и државата, неговата оправданост, моментот на негово донесување и пораките на законодавецот, односно власта. Со оглед на актуелноста на темата и вниманието што истата таа го предизвикува во јавноста, „Нова Македонија“ побара мислења во врска со одредбите во законот од домашните правни и професори, како едни од најупатените во оваа проблематика. Се разбира во интерес на јавноста понатаму дебатата ќе ја прошириме и со други соговорници, кои имаат што да кажат во врска со темата, анализирајќи од различна гледна точка и со различна диоптрија. Денес своите ставови ги изнесуваат професорите Љубомир Фрчковски, Осман Кадриу, Оливер Андонов и Тања Каракамишева.

Љубомир Фрчковски
Гест на дисконтинуитет од претходната власт

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски коментирајќи ги актуелните збиднувања вели дека не може да има нов почеток без да има еден ваков гест. Токму во врска со донесувањето на овој закон, професорот издвојува два различни блока за кои тој е убеден дека директно ќе се ефектуира донесувањето и примената на законот. Имено, првиот блок е потесен и поспецифичен и се однесува на одредени случаи на осудени и затворени лица. Вториот блок е поопшт и се однесува на влијанието на Законот на промената на начинот на владеење на претходната власт. Во смисла на првиот блок прашања, професорот Фрчковски тврди дека сето тоа ќе е одраз на државна милост и грижа кон затворениците.

– Причините за носењето на овој закон не се полни затвори или лоши услови во нив, туку станува збор за идеолошки концепт на милост како осудените во случаи во кои постои сомнеж во постапки што биле водени од режимот – објаснува професорот.

Фрчковски ја објаснува и разликата од законот за амнестија до помилувањата на претседателот, кои, како што вели, се поединечни акти или гест на добра волја на шефот на државата. Во конкретниот закон, според професорот, не се опфатени сите затвореници, туку се исклучени оние што се осудени за одредени тешки дела. Што се однесува до вториот блок прашања на кои законот би влијаел, професорот истакнува дека со донесување на законот се прави дисконтинуитет со претходната власт, се спроведува она што е неопходно, односно се врши замена на претходниот режим базиран на партизација и кој бил авторитарен и се заменува со демократски и либерален систем. Со законот би се направил гест на замена од систем што довел до состојба на украдена држава, чии жртви се конкретни луѓе со конкретни имиња, а не државата како ентитет.

Осман Кадриу
Неопходна е многу подлабока и стручна анализа

Професорот Осман Кадриу смета дека побудите за предлог-законот се јасни, а тоа се тешките услови во затворите што ги утврди со последната посета на „Идризово“ премиерот Зоран Заев. Кадриу вели дека за да се донесе ваков закон е потребно општеството да има реална потреба за тоа, како што во минатото се правело.

– Дополнително ако Владата веќе самата решила да донесе ваков закон, водејќи се по своите политички цели, јас мислам дека сето би требало да се изменаџира многу подобро од начинот на кој сега беше извршено. Во секоја држава познати се причините поради кои може да се донесе некоја активност од општествен интерес. Тука е сосема поинаку, а единствена причина на која се повикува се условите под кои се спроведуваат казните. Сепак потребно е да се изврши стручно елаборирање на проблематиката, да се соберат однапред мислења на сите релевантни меѓународни правни институции и да се изготват стручни публикации, па дури потоа сето тоа во пречистена форма да стигне на владина седница. Дури и тогаш прашање е дали со овој закон за амнестија ќе се реши проблемот. Јас лично сметам дека нема да се реши ништо со законот. Тоа е доста проблематично. Ако се оди на амнестија на лица на издржување на казна, се прави разлика од битни и помалку битни за државата, што значи тој нема да важи за сите туку само ќе ги намали казните на некои лица што се кривични сторители. Натаму на самиот почеток се врши дискриминација затоа што законот ќе се применува само на некои конкретни структури на луѓе, а не на сите што ги живеат лошите услови во затворите. Ако закон се донесува за тешки услови сите ги чувствуваат независно од тоа за кои кривични дела се осудени и за вакви и такви казни. Трето прашање е ако ние со закон за амнестија поради немање услови во затворите, ги ослободуваме криминалците тоа може да биде поттик за потенцијални сторители за кривични дела, знаејќи дека нема услови и нема да лежат затвор. Според мене овој закон е штетен и тој не треба да се донесе. Материјата што се уредува со овој закон е доста чувствителна и доста проблематична и затоа треба да се анализира од повеќе аспекти со сите сегменти и во сите ситуации – вели Кадриу. Она што е добро, подвлекува професорот, е што сега во оваа ситуација, за разлика од минатото, има можност да се изјасни и стручната јавност, која може да изврши критични осврт пред носењето на истиот.

Оливер Андонов
Ќе се демотивира полицијата во својата работа 

Професорот Оливер Андонов, пак, предлог-законот за амнестија го карактеризира како изразито политички, а не правно мотивиран. Неговиот став е дека законот може да биде протолкуван и како поттикнувачки за потенцијалните сторители на кривични дела во смисла на пенолошките олеснувања за сторените казниви дела, односно порака за прогледување низ прсти на оние што го кршат законот.

Професорот подвлекува дека законот е толку штетен што смета дека има аргументи дека со истиот тој се подрива уставниот поредок на земјата. Исто така евентуалното донесување на законот ја демотивира полицијата во својата работа со ослободувањето на криминалците и ја уништува работата на судството. Ако сака да ги подобри условите во затворите Заев треба да изгради нови згради и да ги реновира постојните објекти, а не со закон да пушта криминалци надвор од поправните институции, а со тоа на сите да им каже дека Македонија е некоја Казабланка или Мека и Медина за криминалците, смета Андонов.

– Со носењето на овој закон, на прво место некој со сигурност сака да ослободи криминалци на улиците да влијаат на локалните избори, а како второ да се ослободат оние што беа уапсени во операцијата во кумановско Диво Насеље и за настанот кај Смилковско Езеро во Скопје. Се сака да се добие поени кај албанскиот електорат, а во тој контекст за возврат да гласаат и криминалци за партијата, кои сега ќе бидат ослободени. Натаму носењето на законот е обид за ослободување на оние што се осудени за сериозни кривични дела од областа на организираниот криминал и за тешки кривични дела, кои го подриваа уставниот поредок на земјата – вели Андонов.

Тања Каракамишева
Загрозена ќе биде безбедноста на граѓаните

Професорката Тања Каракамишева-Јовановска тврди дека оние што ќе го донесат законот ќе ја стават безбедноста на обичните граѓани во залог.

– Тоа што ние, обичните граѓани ќе бидеме постојано на штрек кој сѐ се шета слободен по улици, и дали ние и нашите деца сме безбедни и сигурни по улиците, во локалите, во парковите, тоа не го интересира. Исто така, професорката Каракамишева повеќе се осврнува и на политичките аспекти и последици од донесувањето на законот, а имено амнестијата ја става во контекст на претстојните избори и на изборите што ќе следуваат во иднина, како потенцијална гласачка машинерија.

Пет закони за амнестија за 26 години

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико