Правдико

   

Се преправаат дека се итни случаи за да го прескокнат „Мој термин“

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Пациентите смислиле начин како побрзо да стигнат на преглед или да направат анализи. За да го избегнат закажувањето преку системот за електронска евиденција во здравството „Мој термин“ и да чекаат за преглед тие одат на дежурен лекар или во ургентен центар, попладне или навечер и се преправаат дека имаат итна потреба од помош. Во некои установи дури 30 отсто од пациентите што доаѓаат на дежурство не се итни случаи. Така, им го земаат редот на оние што навистина имаат брза потреба од лекар, а го зголемуваат ризикот некој непотребно да настрада.

Овој проблем, раскажуваат лекарите, Хрватска го решила кога почнала да им наплаќа како за приватен преглед на оние што непотребно оделе на дежурен или ја викале службата за итна медицинска помош.

Најчесто симулираат дека се итни случаи пациенти во Скопје. На Клиниката за токсикологија, која функционира и како ургентен центар за интерните клиники, секоја вечер има лажни итни случаи.

– Секоја вечер имаме такви пациенти. Доаѓаат како итни случаи и на крајот излегува дека не се воопшто итни. Кај некои здравствената состојба, како што ни кажуваат, трае и два месеца. Ама ако појдат на матичен и закажат за преглед може ќе треба да почекаат. Вака добиваат преглед веднаш, брзи испитувања, анализи и ако треба и упати. Се сомневаме дека и некои матични лекари им укажуваат на таа можност на пациентите – вели д-р Нико Беќаровски, директор на токсикологија.

Кај нив често доаѓаат болни што се жалат на стомачни болки, на задушување…

– Во Хрватска ако повикате итна помош или појдете во ургентен, а не сте итен пациент ќе си платите приватно за прегледот. Мислам дека треба да се најде начин да се реши проблемот или некако да се среди со „Мој термин“ – додава д-р Беќаровски.

Д-р Јасмин Циривири, началник во градската болница „8 Септември“ вели дека од 20 до 30 отсто од пациентите на дежурство не се итни и треба да се прегледаат со закажување во „Мој термин“.

– И онака има метежи, па навистина не е фер кога итен пациент ќе чека затоа што некој што не е итен му го зел редот. Ние мора да ги прегледаме сите што ќе побараат услуга. Правиме тријажа, или распоред според итност, меѓутоа кога има вакви пациенти просторот за грешки е поголем. Верувајте, знаат и навечер по шетање во град да дојдат. На пример го повредиле прстот пред една недела, не пошле на лекар, па на враќање им текнало да видат што е. За тоа колку е нефер и некоректно ваквото однесување ќе ви кажам пример дека има пациенти со инфаркт кај кои секоја секунда е важна – објаснува д-р Циривири.

Тој раскажува дека има неитни со лумбоишијалгии, некои што се сомневаат дека имаат камче во жолчка, па со ехо се проверува дали навистина имаат, или некои со болка во бубрег, велат дека ги стегаат градите или дека отежнато дишат…

– Треба да се реши овој проблем, заради навистина итните пациенти – додава д-р Циривири.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико