Правдико

   

Седница на СБ на ОН за работата на Хашкиот трибунал

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Советот за безбедност на ОН денеска на редовна седница во Њујорк ќе го разгледа 24. Извештај за работата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, кој воедно е и последен извештај за работата на Трибуналот.

На седницата, свикана воочи затворањето на Хашкиот суд за воени злосторства извршени на подрачјето на поранешна Југославија, ќе бидат присутни претседателот на Трибуналот Кармел Аџиус, главниот обвинител Серж Брамерц, како и Теодор Мерон, претседател на Механизмот за меѓународни кривични судови, кој ја продолжува работата на Хашкиот суд.

Пред седницата српската министерка за правда Нела Кубуровиќ синоќа се сретна со главниот обвинител Брамерц, кој го поздравил ставот на Србија и изјавите на српските функционери по повод првостепената пресуда за генералот Ратко Младиќ.

Кубуровиќ истакна дека Србија од почетокот на работата на Трибуналот била посветена на процесуирање на воените злосторници, како пред самиот Хашки трибунал, така и пред домашните правосудни органи.

Таа истакна дека Обвинителството за воени злосторства во Србија води постапки против извршители на најтешки дела против човештвото без оглед на нивната националност и етничка припадност, „што не е случај кај останатите држави од поранешна СФРЈ“.

Како што јави Танјуг, Брамерц навел дека реакциите кои дошле од Хрватска по повод изречената пресуда во „случајот Прлиќ“ не наишле на позитивна реакција кај Хашкиот трибунал и Европската унија.

За хрватскиот државен врв е неприфатлива обвинителната хашка пресуда за поранешните лидери на самопрогласената „Хрватска Република Херцег-Босна“, како и утврдувањето на постоењето на здружено злосторничко делување, поради што најавија и нејзино оспорување пред Советот за безбедност на ОН.

Согласно тоа, на денешната седница на Советот за безбедност на ОН Хрватска ќе ја претставува претседателката Колинда Грабар Китаровиќ.

Извор Нова Македонија

Партнери на Правдико