Правдико

   

Случаи кога може да ве избришат од евиденцијата на невработени

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

job-searchАгенцијата води евиденција на невработените лица и евиденција на други лица кои бараат работа, според единствениот матичен број на граѓанинот. За невработено лице, се смета лице кое е пријавено во Агенцијата за вработување, кое е невработено и активно бара работа, способно е да работи и е подготвено да прифати секакво соодветно или погодно вработување што ќе го понуди Агенцијата.

Невработено лице кое активно бара работа

Невработеното лице се смета дека активно бара работа ако исполнува еден од следниве услови:

– редовно ги следи огласените слободни работни места и видови на работа и соодветно се пријавува за нив во согласност со целите за вработување определени во индивидуалниот план за вработување;
– присуствува на интервјуа за вработување на барање на работодавачот, Агенцијата или други спроведувачи на мерки за вработување;
– се јавува на покани, известувања и упатувања од Агенцијата и други спроведувачи на мерки за вработување и
– контактира со работните клубови во Агенцијата и ги исполнува предвидените активности од обврските предвидени во индивидуалниот план за вработување, најмалку во роковите утврдени  закон.

Соодветно вработување може да му се понуди на невработеното лице во период од денот на воведување на лицето во евиденцијата на невработените лица до истекот на 12 месеци од тој ден. Агенцијата може да понуди погодно вработување од 12 месеци до 24 месеци од
денот на воведувањето на лицето во евиденцијата.

Разлика меѓу соодветно и погодно вработување

Под соодветно вработување се мисли на работно место кое е во согласност со видот и степенот на завршеното образование на лицето и стекнатите вештини наведени во пополнетиот формулар, а додека погодно вработување е работно место со најмногу еден степен пониско од образованието или вештините на лицето, наведени во пополнетиот формулар.

Упис и бришење од евиденцијата на невработени

Невработеното лице и лицето кое бара работа лично или преку електронскиот систем на Агенцијата се пријавува во Агенцијата на чие подрачје има постојано место на живеење заради воведување во евиденцијата на невработените лица или во евиденцијата на други лица кои бараат работа, со изјава на лицето на посебен формулар во која евиденција сака да биде евидентирано.

1. Невработеното лице е должно лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец, а друго лице кое бара работа на секои шест месеци. Невработеното лице кое нема да ја исполни обврската во рок од 30 дена по истекот на рокот на јавување утврден во индивидуалниот план за вработување, се брише од евиденцијата на невработени лица и може повторно да се пријави по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност го губат и правото.

2. Невработеното лице кое од Агенцијата е упатено кај работодавач заради вработување и не се јави или одбие да заснова работен однос на соодветно или погодно вработување, согласно со овој закон или одбие обука, преквалификација или доквалификација заради вработување, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

3. Невработеното лице кое не ги почитува преземените обврски во индивидуалниот план за вработување, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

4. Лице кое нема да прифати обука два пати во текот на две години се брише од евиденцијата на невработените лица.

5. Невработеното лице кое од страна на инспекцискиот орган се затекне да работи спротивно на законот или одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година. Инспекцискиот орган за овие лица е должен писмено да го извести центарот за социјална работа и Агенцијата.

Учество во програми за активна политика за вработување

Невработеното лице се внесува во регистарот на лица кои учествуваат во програми за активна политика за вработување врз основа на договорот за учество во програмата или врз основа на упатување од страна на Агенцијата.

Агенцијата го брише лицето од регистарот на невработени лица или од регистарот на лица кои учестуваат во програми за активна политика за вработување доколку лицето:

– веќе не е невработено, според одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност,
– само се одјави од регистарот на невработени лица или од регистарот на лица кои учествуваат во програми за активна политика за вработување,
– не се пријави во утврден рок или не се јави на покана од Агенцијата од неоправдани причини,
– не ја извести Агенцијата за стекнувањето и губењето на правата,
– одбие да се вклучи во програма за активна политика за вработување или не ги исполни обврските од договорот за учество во програма за активна политика за вработување,
– одбие соодветно или погодно вработување или одбие да присуствува на интервју за работа или не покаже интерес за присуство на интервју за работа,
– одбие субвенционирано вработување,
– не обезбеди точни податоци за стекнување статус на невработено лице или статус на учесник во програма за активна политика за вработување,
– кај лицето се утврди постоење на причина поради која лицето привремено не може да се вработи,
– е во притвор во времетраење од повеќе од шест месеци или доколку лицето започне да издржува казна затвор од шест месеци и повеќе,
– од страна на инспекциски орган лицето се затекне да работи спротивно на закон,
– не бара активно работа,
– одбие да потпише индивидуален план за вработување,
– исполни услови за пензија,
– на странец му истече важноста на личната работна дозвола,
– започне да врши занаетчиска, земјоделска, сточарска или друга дејност,
– одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи и
– замине на отслужување на доброволен воен рок.

Учеството во програми за активна политика за вработување не е причини за бришење од регистарот на невработени, освен во случаи кога лицето зема учество во програма за активна политика за вработување која води до склучување на договор за вработување, лицето останува во регистарот на лица кои учествуваат во програми за активна политика за вработување.

Други основи за бришење

Агенцијата го брише од регистарот лицето кое бара работа доколку:

– се одјави од регистарот и
– не стапи во контакт со Агенцијата во рок од шест месеци по пријавувањето.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико