Правдико

   

Учесници во постапката на медијација и улогата на трети лица во медијација

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Медијацијата како постапка за мирно решавање на споровите се базира на неколку начела и тоа: доброволност, рамноправност, неутралност, доверливост, еднаквост и рамноправност, правичност, исклучување на јавноста и ефикасност.

Кој  може да биде учесник во постапка за мирно решавање на споровите ?

Медијацијата како постапка е доверлива, затворена за јавноста и во истата  учествуваат единствено страните помеѓу кои настанал спорот и  медијаторот кој го избрале да посредува во нивните преговори за изнаоѓање заемно решение.

Како страните ги застапуваат своите интереси во медијација? Страните учесници во медијација може да се физички лица кои со лично присуство учествуваат и ги застапуваат своите интереси во медијацијата, или преку ангажиран полномошник според чл.81 од Законот за Парнична постапка, како и  овластените лица на трговските друштва, кои интересите на друштвото ги застапуваат со лично присуство или преку ангажиран полномошник адвокат, односно преку дипломиран правник вработен во правното лице учесник во медијација, а кога се работи за спор над 1.000.000,оо денари дипломиран правник вработен во правното лице учесник во медијација кој има положено правосуден испит.

Зошто постапката на медијација е затворена за јавноста ?

Принципот на доверливост на медијацијата е од значење во поглед на обезбедувањето сигурност за страните учесници во медијација, да разговараат отворено, изнесувајќи  свои лични  ставови во врска со околностите под кои настанал спорот, а кои понекогаш значат и изнесување податоци од приватноста. Доверливоста, значи, страните за она за што ќе дискутираат и ќе преговараат, ќе го чуваат во тајност, односно  јавноста нема да разбере за конкретни детали кои ги изнесуваат учесниците во медијацијата во  врска со самиот  спор,  договорниот / облигационен однос од кој произлегол спорот.

Вака поставена, Медијацијата го намалува притисокот од ризикот кој би настанал при евентуално ,,јавно изложување,, на страните во спор, во судската постапка и истовремено  ги  мотивира страните да бидат поотворени при водењето преговори и предлагањето опции за решавање на спорот, го намалува стресот дека  некоја важна информација ќе излезе во јавноста и сл.

Страните се должни да го чуваат во тајност се она што како предлог го изнесуваат  во текот на медијацијата, дадено исклучиво во правец на постигнување на спогодбата и не можат да го користат во судска, арбитражна или друга постапка, ниту да го соопштат на друг начин.

Дали покрај медијаторот и страните учесници во постапката, може да учествуваат и трети лица, како исклучок од начелото на доверливост ? Да

Кои се трети лица во постапката на медијација ?

И покрај строгото правило на доверливост,  во постапката на медијација покрај медијаторот и страните, во текот на преговарањето присуствуваат  и преговорите можат да ги следат и трети лица,  доколку за нивното присуство во постапката се согласиле сите учесници (медијаторот и двете страни во спор).

Трети лица во постапката на медијација се лицата кои не се директно дел од правната работа на двете спротивставени страни, не се дел од спорот,  но им помагаат на страните кои го решаваат спорот во медијација, да докажат дека некој факт е важен, да потврдат веродостојност на некој важен податок или информација и сл. доколку тоа е од значење за фокусирање на страните, не кон нивните лични туку заедничките интереси, како би можеле да ги идентификуваат, а потоа и да постигнат спогодба со која спорот ќе го решат во медијација

Најчесто, како трети лица во постапка на медијација  можат да присуствуваат овластени вештаци со своите стручни наоди и мислења, овластени проценители, преведувачи, толкувачи и други стручни лица кои можат да дадат свој придонес кон доближувањето на ставовите на спротивставените страни со  знаења или вештини од одредена област .

Но, како трето лице во постапката на медијација може да учествува и синдикален претставник, кога на пример, се нуди правна помош преку синдикална организација за член на таа организација кога е една од страните во постапката на медијација. Исто така, како трето лице може да присуствува и лице кое е близок и доверлив деловен соработник на управителот / овластеното лице на трговското друштво, кој е  добро упатен по однос околностите од работењето на правното лице кое западнало во спор, се разбира, повторно  доколку постои согласност на медијаторот и спротивната страна за неговото присуство додека се одвиваат преговорите,  како и лице кое е кандидат за полагање на испитот за Медијатор а заради потребата од проследување на четири постапки на медијација што е законски услов за поднесување пријава за полагање на испитот за лиценциран медијатор.

Законот за Медијација содржи одредби според кои третите лица кои присуствуваат во постапка на медијација, исто како и страните во спорот, не можат во која било судска или друга постапка да се повикаат на факти да сведочат или да предложат како доказ :

1) факт дека една од страните предложила постапка на медијација или изразила волја да учествува во таа постапка;

2) мислења и ставови изнесени од страните во постапка на медијација, или предлозите изнесени во таа постапка исклучиво со цел за постигнување на спогодбата;

3) можните начини за решавање на спорниот однос кои во текот на постапката за медијација ги изнел медијаторот и фактот дека едната страна во постапката изразила спремност да го прифати предложениот начин на решавање на спорниот однос или

4) исправа подготвена исклучиво за потребите на постапката за медијација, освен под условите од членот 9 став 5 од Законот за Медијација.

Во врска со учеството на страните во спор и присуството на трети лица во постапката на медијација, добро е да се спомне и членот 9 ставот 2 од Законот за Медијација според кој: Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, како и третите лица кои присуствуваат на постапката за медијација и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, се должни сите податоци, предлози и изјави во врска со постапката за медијација да ги чуваат како тајна и истите се одговорни за евентуална штета настаната со повреда на оваа обврска.

Автор на текстот : Лиценциран Медијатор Роза Алексова
Моб: 071 390 960
rozaaleksova@yahoo.com

Партнери на Правдико