Правдико

   

За кои сметки и до кој износ извршителот ќе мора прво да го извести должникот

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

izvrshitel-slikaСо новиот Закон за извршување кој треба да започне со примена од 1 јануари 2017 година се воведува нов модел на вонсудска наплата на долгови кои произлегуваат од сметки за комунални услуги. Како комунални услуги законот ги смета сметките од : електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост.

Поднесување барање за вонсудска наплата

Доверителот за побарување кое произлегува од комунални услуги, против должниците должен е непосредно, да поднесе барање за вонсудска наплата на долг, пред започнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно одредбите на Законот за нотаријатот и тоа:

– за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари,

– за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ до 6.000,00 денари,

– за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ до 2.000,00 денари.

Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува износот определен погоре, доверителот поведува редовна постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно со одредбите на Законот за нотаријатот (во оваа постапка не важат правилата за вонсудска наплата и известување на должникот).

Вонсудската наплата на долгови за комунални сметки извршителот ја спроведува со согласност на должникот.

Известување на должникот

По  приeмот  на  барањето  за  вонсудска  наплата  на  долгови  од  доверителот, извршителот го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена и му ги предочува на должникот сите постапки и трошоци во случај на неуспешна вонсудска наплата. По исклучок и со согласност на доверителот, наплатата на долгот може да се врши и во рок подолг од 15 дена.

Трошоци

За наплатата на долгот извршителот има право на надоместок за преземените дејствија и материјалните трошоци кои што се  авансираат од доверителот согласно со Тарифата, а наплатуваат од должникот. Награда извршителот наплатува само по успешно извршена наплата на долгот чија вредност надминува 5.000,00 денари.

Во случај на неуспешна вонсудска наплата на долгови  надоместокот за преземените дејствија и материјалните трошоци паѓаат на трошок на доверителот и истите доверителот може да ги предјави во постапката за издавање на решение за нотарски платен налог согласно Законот за нотаријатот.

Назначување извршител

Доверителот пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови, непосредно бара од   Комората на извршителите , да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето. Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител, во рок од 5 дена сметано од денот на приемот на писменото водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во Именикот на извршителите, водејќи сметка за надлежноста на извршителот според живеалиштето/престојувалиштето на должникот.

Извршителот е должен со заклучок да го одбие барањето доколку доверителот:

– кон барањето не го достави дописот од Комората дека токму тој е посочен да постапува по барањата на доверителот за вонсудска наплата на долгови,

– не достави доказ Комората не му одговорила на дописот за посочување на извршител во рокот,

– не ја авансира цената за администрирање на барањето и материјалните трошоци за достава.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико