Правдико

   

Затворски казни за кривичните дела против изборите и гласањето

© Copyright 2016 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ballot-election-voteСогласно Уставот на РМ секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал.

Кривична одговорност

Спречување на избори и гласање

Тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку 3 години. Тој што ќе го стори делото со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години.

– Повреда на избирачкото право

Член на избирен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

Исто така ќе се казни и член на избирачки одбор, изборна комисија или одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, на противзаконит начин ќе му овозможи на друг да користи избирачко право, иако знае дека тоа лице нема такво право.

– Повреда на слободата на определување на избирачите

Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

Доколку делото го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

– Злоупотреба на избирачкото право

Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

Исто така ќе се казни и тој што ќе земе учество на изборите или гласањето, иако знае дека нема избирачко право.

– Поткуп при избори и гласање

Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист или ќе прими подарок или друга корист, за да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право.

Ако користа е од помала вредност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

– Повреда на тајноста на гласањето

Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор најмалку три години. Ако делото  го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Исто така ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службена, работна или економска зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали гласал или како гласал.

-Уништување на изборен материјал

Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да биде неупотреблива исправа, книга или спис што служи за изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку три години.  Ако делото  го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Ако делото е сторено од група, со употреба на оружје или насилство, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

-Изборна измама

Член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повсќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатиге од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

– Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања

Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничување на средствата дозволени за изборната кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Ќе се казни одговорно лице во правно лице кое со непријавување на донации и други средства за финансирање на изборна кампања, со спречување на надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, со неподнесување на финансиски извештај или со давање на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања, со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето овластување определено со закон.

Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.

– Противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик ќе започне изградба со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки или други објекти, ако за таа намена не се претходно обезбедени средства од Буџетот, односно не се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик врши исплаќања на плати, пензии, субвенции, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови или отуѓување на државен капитал или потпишување на колективни договори, ќе се казни со затвор од три до пет години.

Носител на јавна функција кој спротивно на забраните утврдени со Изборниот законик ќе организира одржување на јавен настан по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објектот со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства од јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки и други објекти, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Министерот за финансии кој од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на Претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија, согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, нема јавно да ги објави на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, согласно со закон, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

Министерот за финансии кој нема да поднесе или на веб страницата на Министерството за финансии нема да го објави предизборниот финансиски извештај две недели по распишување на изборите во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесувањето на извештајот, согласно со Изборниот законик, ќе се казни со затвор од шест месеци до една година.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

-Поднесување приговор за заштита на избирачко право на избирач

Партнери на Правдико