Правдико

   

Значењето на медијацијата за бизнисот и добрата деловна соработка

© Copyright 2017 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ако сте бизнисмен, сопственик на приватна фирма за која несебично се залагате, се трудите и макотрпно работите вложувајќи се деноноќно за да си го обезбедите заслужено местото на пазарот, тогаш значи дека воопшто не сте сами, напротив  соработувате со многу други фирми и лица и го поминувате времето активно, некогаш и бучно, напорно, можеби и работејќи под притисок и  стресно.

Секако дека имате деловни партнери со кои соработувате, а Вашата соработка ја засновате некогаш само на усмено договарање, а некогаш со склучување и на писмен договор со Вашиот бизнис партнер (договор за купопродажба, договор за ортаклак, договор за градење, договор за закуп и други видови на договори во врска со права со кои законската регулатива дозволува слободно да се  располага).

При склучувањето на бизнис договорите секогаш  оптимистички се приоѓа, со големи очекувања за позитивни резултати од вспоставената деловна соработка со бизнис партнерот и се разбира по потпишувањето на договорот или официјалниот момент кога усмениот договор се смета за склучен, следи ракувањето во знак на добрата волја и согласност за очекуваната идна соработка.

,,Неможеме да се ракуваме со стиснати тупаници,,  –  Ганди

Но, дали Ви се случило  она што е договорено во добробит за работењето на Вашата фирма да се претвори во нешто сосема спротивно ? 

Сте влегле ли досега во конфликт со деловен партнер ?

Сте претрпеле ли штета? Сте изгубиле ли клиенти заради лоша деловна соработка со Вашиот партнер? Сте ја изгубиле ли довербата во деловниот партнер поради непридржување кон договорот ?

Ако Вашиот одговор на овие неколку  прашања е Да, тогаш или сте потрошиле време во судовите лично или ангажирајќи добра правна заштита и секако сте претрпеле стрес од помал или појак интензитет зависно од  секое засебно  искуство кое може да се подведе под ,,лош бизнис,.

Превентивно, при склучувањето на договорите, предвидете во одредбите за правна заштита ДОГОВОРНА МЕДИЈАЦИЈА. Добро е да се наведе дека во случај на евентуален спор, спорот да се реши на мирен начин по пат на медијација, пред да се пристапи кон решавање во судска постапка. Така сте заштитени во случај на евентуален спор, најпрво да се обидете со деловниот партнер на мирен начин со преговори со посредство на трето неутрално лице, лиценциран медијатор сами да изнајдете решение за спорот

Како  несаканите ситуации со деловниот партнер и спорот во кој сме западнале да се надмине најбезболно, со добар краен исход  и за што е можно побрзо време, а и поекономично за да не  трпи бизнисот?  Во постапка на Медијација, управувајте со конфликтот како предуслов за позитивен исход со креативено решавање на спорот,постојано тежнеејќи кон уникатно решение во насока на постигнување win – win ситуација.

Преку медијацијата, имате можност самите да го креирате начинот на решавање на спорниот однос во кој сте се нашле, преку преговарање и понуда на опции за решавање на еден конкретен спор според Вашиот личен интерес како управител и според она што е интерес за вашето друштво со кое раководите и …. се разбира надвор од судската зграда, без многу формалности и правила.

Постапката на Медијација е навистина најефикасниот и најкреативен начин на решавање на стопанските спорови (долгови, стекнување без основ, надомест на материјална штета, имотно правни спорови и сл).  Но, бидејќи сеуште недоволно е промовирана како алтернатива за судот, еден исчекор кон менување на перцепцијата за начинот на решавање на споровите е токму воведениот задолжителен обид на медијација во решавањето на споровите меѓу правните лица кога вредноста не надмнува 1.000.000,оо денари и за кои е предвидено постапката да се иницира со тужба пред надлежен суд. Овој потег на заонодавецот е исклучиво во насока на подобрување на бизнис климата и воопшто во подобрување на деловната соработка тогаш кога  од некои причини била  нарушена.

Доколку спорот се решава во судска постапка, Ве очекува долга скапа и јавна  постапка во која или ќе ги докажувате наводите од тужбата или ќе докажувате дека наводите од тужбата не се точни, зависно од тоа дали во судска постапка би биле во својство на тужител или тужен. На крајот на постапката, одлуката за начинот на решавање на спорот е исклучиво во рацете на судот

Ваше право е,  доколку има добра волја кај двете спротивставени страни да се поправи договорниот деловен однос и  доколку може да се воспостави повторна деловна соработка која навистина би значела бенефит за успешно работење на друштвото, да ја одбегнете скапата долга и јавна судска постапка и наместо парничење пред судот, да го решите спорот во Медијација.

Вие можете самите да одлучите на кој медијатор ќе му го доверите водењето на постапката на медијација, дали ќе се сретнете на одвоени средби со медијаторот или на заеднички средби заедно со претставникот на спротивставената страна, да го одредите терминот на одржување на  средбите (во рамки на законскиот предвиден рок од 60 дена колку што законски трае медијацијата) ќе одлучите дали ќе користите воопшто писмени документи заради утврдување на релевантни факти, дали ќе отстапите од некое свое право или пак можеби ќе го модифицирате побарувањето кое е предмет на спорот итн.   Со еден збор, самите ќе го креирате решението на спорот со посредство на медијаторот а крајната спогодба која би ја постигнале со спротивставената страна сепак ќе има иста правна важност како и судската одлука.

Дали досега Ви беше позната Медијацијата како  опција за решавање на споровите ?  Ќе Ви заштеди и време и средства и што е најважно може да Ви помогне повторно да ја воспоставите деловната соработка која поради спорот била нарушена. Улогата на Медијаторот  е да Ве  насочи при изнаоѓањето опции за решавање на спорот , а Вие самите ќе понудите предлози за решавање на спорот според Вашите интереси и се разбира заедничките интереси со деловниот партнер во спор.

Која е Вашата предност како страна во спор, ако се одлучите го решите спорот со Медијација а не во судска постапка:

  • Заштедувате време
  • Заштедувате парични средства
  • Се обезбедува доверливост / нејавност на постапката
  • Медијаторот како трета неутрална страна учествува помеѓу Вас и Вашата спротивставена страна во спорот користејќи вештини и техники кои ќе помогнат самите да дојдете до заемна спогодба
  • Се обезбедува флексибилност и неформалност на постапката
  • Се гради потенцијал за обновување на нарушената деловна соработка
  • Контролата на постапката е во Ваши раце и вие одлучувате дали и до кога ќе учествувате во преговарањето за решавање на спорот
  • Си обезбедувате можност да го решите спорот со спогодба според Вашиот и заемниот интерес со спротивставената страна,  што не би било можно за вас да го направите и во судска постапка.

Што треба да очекувате од медијаторот ?

  • Ќе се претстави и ќе Ви даде генерални информации за неговото работење и искуство како и сите потребни информации за постапката на медијација
  • Ќе обезбеди секоја од страните подеднакво да го изложи своето видување на спорот
  • Ќе ги фокусира страните околу точките кои ги зближуваат во изнаоѓањето на заемно прифатливо решение на спорот
  • Ќе обезбеди одвоени или заеднички средби за спротивставените страни зависно од тоа каква е нивната желба, интерес  и очекувањата за крајниот исход од спорот
  • Ќе се грижи за правилна примена на законската регулатива како не би дошло до злоупотреба и недозволено располагање на било која од страните во спор
  • Ќе ги изготви сите потребни документи во текот на спроведувањето на постапката
  • Ќе ја состави евентуално постигнатата спогодба според Вашиот интерес и кажување и технички ќе ја изработи во доволен број примероци за сите учесници во постапката
  • Ќе Ви помогне околу одлуката за солемнизација на постигнатата спогодба кај нотар доколку се одлучите да има својство на извршна исправа
  • Ќе пријави во Министерството за Правда кога е постигната спогодба заради упис во Регистарот на евиденција на постапки на медијација дека спорот е решен во целост
  • Ќе обезбеди услови за присуство и на трети лица се разбира доколку страните се согласат да присуствуваат вешти лица во постапката (вештаци, проценители, преведувачи, толкувачи и сл)
  • Може да Ви обезбеди асистенција и од втор или трет ко-медијатор доколку се согласите или сметате дека е подобро во посредувањето да учествуваат повеќе од еден медијатори.

Сепак, најдобро е да се има предвид следното При склучувањето на договорите да се превенира и да не се заборави како ќе се уреди одредбата за правна заштита. Тоа не е неважна одредба, напротив. Во договорите секогаш нагласете дека во случај на евентуален спор, спорот ќе го решите по пат на медијација пред да поведете судска постапка. Доколку предвидете во договорите за деловна соработка ваква одредба за правна заштита, во случај на  евентуален спор, треба најпрво спорот да се обидете да го решите пред избран медијатор, а во судска постапка само доколку обидот за решавање на мирен начин пропаднал односо не успеал. Доколку и заборавете дека сте предвиделе ваква одредба за правна заштита во спорен договорен однос, судијата кој постапува во предметот е должен по службена должност да внимава на примената на чл.15 од Законот за Парнична постапка, дали спорот кој е заведен во суд е во надлежност на судот па ќе Ве предупреди дека судот не е надлежен доколку најрво не се обидете да побарате помош од лиценциран медијатор. Ова не ја исклучува можноста и самите страни односно нивните овластени претставници да  се повикаат на одредбата од чл.15 од ЗПП и да предупредат пред судот на предвидениот договорен начин на решавање на спорот пред да почне главната расправа.

Секогаш е подобра варијанта доколку се потрудите спорот да го решите по пат на медијација бидејќи на тој начин сте свртени кон иднината и идната добра деловна соработка.

Изградете повторна доверба со Вашиот партнер и решете го спорот на најефикасен начин

Бизнисот не трпи

Медијацијата е секогаш на Ваша страна.

Автор: Лиценциран Медијатор Роза Алексова

071 390 960
rozaaleksova@yahoo.com

Партнери на Правдико