16 Декември – ДЕН НА БИТОЛСКАТА АДВОКАТУРА | Правдико

Правдико

   

16 Декември – ДЕН НА БИТОЛСКАТА АДВОКАТУРА

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На денешен ден во 1976 година адвокатите од Битола ја формираа Општинска адвокатска организација, која имаше за цел да ги штити и застапува интересите на адвокатурата. Тогашната група на адвокати ентузијасти во состав Сотир Главинче (претседател), Илија Кочовски (секретар), Гоце Милошевски  (благајник),  Александар Ѓузелков, Петар Ефтимовски, Петро Чаламани, Михаил Георгиев, Целе Ангеловски, Наум Чомовски и Радојица Неќак во салата на Основниот суд во Битола за прв пат формално правно ја организира адвокатската професија во Битола. Со тоа,  покажаа исклучителна визија за иднината на својата професија.

Иако од 2014 година непрекинато свечено го одбележуваме овој ден, оваа година поради светската здравствена криза и препораките на Владата таквата свеченост ќе изостане.

За жал, оваа година е лоша, не само за адвокатурата, туку и за целиот свет. Се соочуваме со најголемата здравствена криза која предизвика прерана смрт на многу луѓе. Таквата состојба сеуште предизвикува ненедомсливи последици по однос на економијата, социјалниот живот и развојот на општеството.

Во вонредни и кризни услови, ние останавме доследни на нашиот повик и должност да ги застапуваме и штитиме физичките и правни лица во остварување на нивните права и правни интереси.

Оваа година е тажна за битолската адовкатура. Прерано изгубивме четворица колеги – адвокат Киро Јошевски, адвокат Никола Стојков, адвокат Томе Неделковски и адвокат Гоце Димевски. Со нивното заминување изгубивме значајни колеги и пријатели, верни на својата професија и активни адвокати во Адвокатската заедница.

Освен тоа, се соочивме со финансиски последици кои имаат подолготрајно значење и последици.

Скратени сме во можноста заеднички да другаруваме и се собираме, а со тоа и да ги пречекаме нашите драги колеги од збратимената Адвокатска комора Крагуевац, Србија.

Сепак, во така лошиот амбиент и состојби има и позитивни нешта.

Адвокатите од Битола беа единствените кои преку АЗ Битола го одбележаа значајниот јубилеј 75 години од основањето на Адвокатската комора на Македонија. По тој повод на 16 јуни положивме цвеќе на бистите на првоборците Јосиф Христовски – Ѕвончаро и Коле Канински пред Апелациониот суд.

Следните денови, конечно ќе започне и до Новата година ќе биде завршена реконструкцијата на канцеларијата на Адвокатската заедница Битола на вториот кат во Основниот суд Битола.

Оваа година по предлог на Адвокатската заедница Битола, наградата 4-ти Ноември на Општина Битола за животно дело ја доби нашиот колега Петар Георгиев – Калица, адвокат во пензија.

Во 2020 година неколку колеги одбележуваат значајни јубилеи. Тоа се адвокат Драган Петровски кој одбележува редок јубилеј 35 години непрекината адвокатска дејност.

Адвокат Љупчо Илиевски, адвокат Љупчо Кожовски, адвокат Вукица Наумовска, адвокат Снежана Трајковска одбележуваат 25 години непрекината адвокатска дејност.

Во период од 20 години непрекинато во адвокатурата работат адвокат Владо Докулевски, адвокат Елизабета Милованова и адвокат Ацо Михајлов.

Во 2020 година, во пензија заминува колегата адвокат Миле Крстевски, за кого имаме најубави желби.

Оваа година во списокот на адвокати според нашата евиденција се запишаа и адвокат Николче Митевски, адвокат Симона Дрогришки, адвокат Никола Стојановски, адвокат Андреја Галовска, адвокат Горјан Бошевски, адвокат Кристина Матовска, адвокат Игор Мирковски…Со тоа вкупниот број на адвокати во Битола моментално е 151.

На колегите кои одбележуваат значајни јубилеи им посакуваме уште долги додини успех во работата, а на оние кои ја отпочнуваат својата кариера им посакуваме истрајна и посветена работа во интерес на правото и правдата.

Ако се има во вид се што се случило и случува оваа година, неспорно е дека ни е потребна голема надеж и верба, но и истрајност во овие прилики, посветеност и совесност во секој поглед, како услов за зачувување на сопственото и здравјето на најблиските. Тоа е услов да ја зачуваме професијата и нејзиниот децениски граден имиџ и углед. Битолската адвокатура е симбол на адвокатурата во Македонија, а адвокатите од Битола биле и останале репрезенти на стручното, совесното и професионалното вршење на адвокатската дејност.

Во овие прилики корисно е да ја следиме мислата на големиот адвокат Махатма Ганди (1869-1948) според која: „За моите материјални потреби селото е мој свет, а за духовните потреби сиот свет е мое село.“

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ДЕНОТ НА БИТОЛСКАТА АДВОКАТУРА И НЕКА НИ СЕ СРЕЌНИ И ВЕСЕЛИ НОВОГОДИШНИТЕ И БОЖИЌНИТЕ ПРАЗНИЦИ, ВО НАДЕЖ ДЕКА СЛЕДНАТА 2021 ГОДИНА ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ НА СТАРИТЕ И ДОБРИ ПАТЕКИ !

Адвокат Никола Главинче
Претседател на АЗ Битола

Партнери на Правдико