420.000 парцели со нерегулирана сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.
Не значи дека оваа категорија граѓани и правни лица го загубиле своето право на сопственост туку истите тие, во согласност со Законот за катастар на недвижности, имаат право индивидуално да поднесат барање за изложување на нивните парцели, кон што се должни да ги приложат правните основи (пресуди, договори за купопродажба, наследно решение итн.) што го докажуваат правото на сопственост, како и да приложат геодетски елаборат подготвен од приватна геодетска фирма, велат во катастарот
Во Македонија сѐ уште има околу 420.000 парцели (градежно и земјоделско земјиште, дворови, шуми, пасишта и друг вид недвижности) чија сопственост не е регулирана во Агенцијата за катастар на недвижности, и покрај тоа што активностите за евидентирање на сите парцели во Македонија во катастарот почнаа уште во 1986 година. Во оваа обемна операција во катастарот на недвижности, кој ја опфаќа целата територија на Република Македонија, се запишани 4,2 милиони парцели.
Досега, од вкупниот број парцели, во 90 отсто сопствениците го пријавиле својот имот и добиле имотен лист за земјиштето, додека 10 отсто од граѓаните односно компаниите не го пријавиле својот имот и сега тој се води во посебен пописен лист со незапишани права.
Катастар: сопственичките права не се загубени
Во Агенцијата за катастар на недвижности велат дека воспоставувањето на катастарот на недвижности на целата територија на Република Македонија завршило на крајот на 2012 година, со што поседовните листови заминаа во историјата и на нивното место дојдоа имотните листови. Оттаму информираат дека во постапката за систематско воспоставување на катастарот на недвижности со покани, по пат на јавни огласи преку медиумите и известувања во месните заедници, биле повикувани сите правни и физички лица да дојдат во катастарот и да ја донесат целокупната документација со која располагаат за зградите и за земјиштето што го поседуваат за истото тоа бесплатно да се запише во катастарот на недвижностите. Во катастарот велат дека граѓаните и компаниите што не го искористиле ова право сѐ уште можат да побараат впишување сопственост.
– Не значи дека оваа категорија граѓани и правни лица го загубиле своето право на сопственост туку, во согласност со Законот за катастар на недвижности, имаат право индивидуално да поднесат барање за изложување на нивните парцели, кон што се должни да ги приложат правните основи (пресуди, договори за купопродажба, наследно решение итн.) што го докажуваат правото на сопственост, како и да приложат геодетски елаборат подготвен од приватна геодетска фирма – велат во катастарот.
Повторно повикување на сопствениците
Оттаму информираат дека за да се исполни една од стратегиските цели на агенцијата да има 100 отсто запишувања на правата на недвижности, во новиот закон за катастар на недвижности од април 2013 година е предвидена можност катастарот по службена должност да спроведе постапка на ажурирање на податоците и запишување на сопствениците.
– Тоа практично значи во катастарските општини каде што претходно имало пописен катастар и каде што процентот на неизложениот имот е поголем од 20 отсто повторно да се повикаат сопствениците, да ги посочат своите парцели и да ја достават документацијата, а агенцијата без надоместок да ги запише во катастарот на недвижностите. За оваа цел во согласност со законот, а по предлог на агенцијата, Владата донесува годишна програма, која почнувајќи од ноември 2013 година Агенцијата за катастар на недвижности ја спроведува – велат во катастарот.
И државата има подзаборавено земјиште
Оттаму додаваат дека, со оглед на тоа што во 10 отсто неизложено земјиште има како градежно така и земјоделско земјиште сопственост на Република Македонија, со новиот закон за катастар на недвижности е предвидена и можноста на барање на државното правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности да спроведе изложување односно запишување на правото на сопственост на Република Македонија.
– Во тек е масовна операција на запишување дивоградби што ја спроведуваат општините, а се очекува во катастарот да бидат запишани повеќе од 350.000 објекти, како и масовна приватизација на дворни места, кои придонесуваат процентот на незапишани права да се сведе на минимум – велат во катастарот.
Гоце Штериовски, адвокат од Скопје, укажува дека во случаи каде што нема оставинска постапка и доколку никој не се јавува да бара сопственост, вообичаено имотот завршува во рацете на државата.
– Доколку сопственикот на одреден имот починал и зад себе нема оставинска постапка, државата по институционален пат бара да се јават евентуални наследници. Ако по извесен период тие не се јават, тогаш извесно е дека имотот преминува во државна сопственост – вели Штериовски.
Автор: Владимир Николоски / Маја Трајковска
Извор: Нова Македонија