Предложени измени во Законот за здравствената заштита | Правдико

Правдико

   

Предложени измени во Законот за здравствената заштита

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Законот за здравствената заштита се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите,  одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност.

Gavel, stethoscope and caduceus sign on books background. Mediicine laws and legal, medical jurisprudence. 3d illustration

Со предложените решенија ќе се обезбеди повисоко ниво на здравствена заштита на граѓаните и ќе се подобри достапноста на здравствените услуги. Ќе се овозможи специјалистите да работат во секоја јавна здравствена установа на територијата на Република Северна Македонија. Имено, измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита, меѓу останатото, предвидуваат:

  • Специјалистите/супспецијалистите вработени во која било јавна или приватна здравствена установа ќе може да дежураат во која било здравствена установа ширум државата согласно дефицитот на нивната специјалност во одредена болница или регион;
  • Нови услови за вршење на дополнителна дејност;
  • Од крајот на следната година, здравствените работници  вработени во здравствените домови, и педијатрите и гинеколозите вработени во болниците, ќе може да бидат и избрани лекари, согласно дефицитот од тие  избрани лекари, во различни региони од државата, што го утврдува Министерството за здравство;
  • Можност пациентите да останат во истата здравствена установа на примарно ниво на здравствена заштита доколку нивниот избран лекар почине, се пензионира или замине во странство;
  • На веќе вработените лекари, за најмалку шест месечен стаж, како услов да се запише на специјализација се признава и времето кое тој претходно го поминал на работа или бил работно ангажиран како здравствен работник со високо образование, и
  • Законот исто така за првпат го регулира и вклучувањето на здруженијата во системот на здравствена заштита.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита меѓу останатото се предлага воведување на нова здравствена дејност која ќе овозможи имплементација на новиот модел за проценка за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете или младинец (МКФ).

Исто така, се воведуваат здруженија кои досега не се препознаени во постојниот Закон за здравствена заштита како извршители на мерки и активности од областа на јавното здравје и здравствената заштита. Од друга страна, веќе 15 години постои воспоставена пракса во Министерството за здравство при којашто мрежа од здруженија (вкупно 14) дејствуваат како извршители на мерки и активности од Програмата за заштита на населението од ХИВ меѓу ранливи групи население, кои имаат суштински придонес во националниот одговор кон епидемијата на ХИВ, односно во воспоставувањето контрола на епидемијата.

Преку овие мерки и активности, кои се наменети за клучните популации засегнати од ХИВ, кои се вон дофатот на јавните здравствени установи, се даваат услуги за лица кои инјектираат дрога, сексуални работници, мажи коишто имаат секс со мажи, како и за луѓето што живеат со ХИВ и младите лица. Еден дел од овие услуги претставуваат здравствени услуги што ги даваат здравствени работници во рамките на изградената инфраструктура во  здруженија. Благодарение на постојната мрежа и изградените капацитети за превенција на ХИВ, во изминатите 15 години се одржа целосна контрола на епидемијата на ХИВ во популациите лицата што инјектираат дрога и сексуалните работнички, како и кај општата млада популација во земјата. Со тоа Република Северна Македонија сè уште е земја со најниска стапка на ХИВ во регионот.

Сепак, и покрај тоа, епидемија на ХИВ во земјава бележи и тренд на пораст во последните 10 години, кој е ограничен во рамките на една од клучните засегнати популации. Одржувањето на контролата на епидемијата и, особено, запирањето на трендот на пораст и постигнувањето нула нови инфекции до 2030 година изискуваат континитет и засилување на националните интервенции во одговорот на ова прашање од областа на јавното здравје, кои успешно може да се спроведат само преку тесна соработка со граѓанскиот сектор.

Постојните теренски и стационарни програми за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје што ги раководат здруженијата ги опфаќаат следниве категории на услуги:

– размена на стерилна опрема за инјектирање и третман на рани од долготрајна и неправилна употреба на дрога;

– скрининг тестирање за ХИВ, како и поврзување со ситемот на здравствена заштита во врска со ХИВ;

– дистрибуција на средства за превенција (кондоми, лубриканти и едукативни материјали);

– дијагноза и третман за сексуално преносливи инфекции;

– гинеколошки и дерматовенеролошки услуги, ЕХО-прегледи; и

– комплементарни услуги за психосоцијална и за врсничка поддршка.

Овие услуги се со „низок праг“ и се лесно достапни за споменатите ранливи групи население, кои инаку многу тешко можат да пристапат до нив во рамките на јавните и приватните здравствени установи. Покрај аспектот на почитување на правото на здравје и здравствена заштита, овие мерки и активности имаат огромно значење од аспект на јавното здравје, бидејќи помагаат во раното откривање на повеќе заразни болести и нивно лекување, коешто во исто време го спречува понатамошниот пренос и придонесува за воспоставување контрола над овие инфекции на популациско ниво. Почнувајќи од јануари 2018 година, како дел од обврската на државата за преземање на финансирањето на воспоставените програми и услуги за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје што ги даваат здруженија, започнаа да се финансираат од Буџетот на Република Северна Македонија преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.

Во контекстот на актуелната криза со КОВИД-19, здруженијата што спроведуваат мерки и активности од Програмата за ХИВ уште во март направија итни прилагодувања на услугите со цел не само да се одржи континуитетот на услугите за ХИВ, туку и да се опфатат клучни аспекти од справувањето со КОВИД-19, за коешто Министерството за здравство беше претходно информирано. На овој начин, здруженијата се вклучени и во одговорот кон КОВИД-19 обезбедувајќи информации и едукација за исклучително маргинализирани групи граѓани.

Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико