Аболициран или не – прашањето е сега! | Правдико

Правдико

   

Аболициран или не – прашањето е сега!

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

315830_4962662905647_1184226743_nМотивирана од една од најидиотските и катастрофални одлуки некогаш донесени во не многу долгата историја на државата, осетив потреба да ја споделам својата загриженост, а воедно и да побарам помош и појаснување на некои критични моменти, кои би произлегле од неколкуте  сценарија, за кои постои веројатност да се развијат како одговор на политичкиот дебакл, кој ни го приреди “таткото на нацијата”.

Најпрво, за еден минорен, неприметлив и во најголемиот, ако не и целиот досегашен мандат, статичен вршител на функција, г-динот Иванов, во најкритичниот “да се биде или не”момент за Македонија, си зема за право, без трошка достоинство, сам себеси да си ја додели клучната улога во оваа трагична комедија, и да ја вреѓа интелигенцијата на секој еден поединец, кој барем малку си дозволил да го вклучи мозокот и вистински да се заинтересира за просперитетот и насоката (или провалијата), кон која ни се упатува државата.

Претседателот на државата, потпишува Општ акт за прекинување на сите кривични постапки покренати од страна на СЈО против лица од власта и опозицијата (затоа што нели во Македонија правото важи подеднакво за сите ), и ги аболицира сите условно речено криминалци, како од власта, така и од опозицијата (откако претходно самиот даде изјава и не уверуваше, дека македонскиот народ нема од што да се плаши, дека целата криза ќе добие завршница и дека зборовите “амнестија” и ”аболиција” никогаш нема да бидат споменати и употребени во однос на овие постапки).  И сето тоа, како што спомена во своето обраќање, е “со намера да придонесе кон решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи”.

Се трудам, размислувам, и никако не можам да разберам, како еден правник, доктор на науки, професор на Правен факултет, а потоа и Претседател на држава, со цел кабинет советници, не успеаја да ги проектираат последиците од ваквиот исказ.

Затоа што секој граѓанин, кој се грижи за својата иднина, лесно може да ја прочита позадината на сето ова. А да не зборуваме за сите правници, истражувачи, и така натаму, чија професија е да разработуваат вакви теми и проблеми. Со овој срамен чин, со искористување на најновата измена на Уставот на РМ, го укинува постоењето на СЈО, го крши договорот од Пржино    и официјално го укинува и постоењето на правна држава и со други зборови, ја претвора Македонија во анархија.

Синоќа, елоквентни адвокати, универзитески професори, поранешни амбасадори, сите излегоа со заеднички став – ЛОШО Е! Го советуваат народот да си ги повлекува парите од банките. Сите знаеме кон што води тоа – води кон банкрот, кон економски крах, ни предвиуваат пропаст. Велат: “немаме што да Ви кажеме, изгаснете ги телевизорите и излезете на улиците”. Прогнозираат граѓанска војна. Смрт на правната држава… државен удар!

Питер Ван Хојте, во лице ни ја затвори и вратата на Европа, вели: “Чао Македонијо! Без правда, ова е крај на ЕУ интеграциите”.

Како ќе се развива и како ќе ескалира оваа одлука?

Без разлика на политичка определеност или неопределеност, денес треба  сите да си го ставиме прстот на главата и да размислиме. Дали сме спремни уште еднаш да премолчиме, и своеволно да го пуштиме мозокот на перење?! Тоа како прво.

Второ, постои во САД гранка од правото што се вика “common law” или “case law”, односно преседани, кога судот не суди според закони, туку според претходни пресуди, што преведено во нашиот случај би значело дека во иднина, оваа одлука на Иванов може да ја искористи, кој и да е политичар кој ќе дојде на власт или било каква функција, може да изврши безброј криминали од секаков тип, и на крај да побара аболиција, повикувајќи се на погореспоменатиот акт и тоа поткрепено со аргумент дека тоа е “вообичаено и со цел за излегување од политичката криза”.  Тоа многу лесно може да се инкорпорира и кај нас.

Трето, на големо опозициските партии зборуваат за барање на оставка на Претседателот. Под претпоставка дека самиот нема шанса да си поднесе достоинствено оставка, прашањето ми гласи: На кој начин во моменталната ситуација може да се побара одговорност од Претседателот на државата?

Според чл. 87 од Уставот на Република Македонија, “постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот”.

Хипотетички – како воопшто може да се побара одговорност од Претседателот на државата? Во нашиот случај, Собранието во моментов е распуштено. Кој може да покрене таква иницијатива, со оглед на тоа што мандатот на сите пратеници од последниот состав на Собранието е завршен?

Да претпоставиме дека пратениците од последниот состав добијат можност за вонредна седница  и покренување на  таква иницијатива. Да преминеме и преку фактот што мнозинството во последниот состав на парламентот го сочинуваа пратениците на владејачката партија (ВМРО – ДПМНЕ), која е и матична партија на актуелниот претседател, и постојат минимални, скоро до никакви шанси да учествуваат во такво сценарио ( и покрај тоа што дадоа официјална изјава дека не се согласуваат со одлуката на Претседателот).

Со двотретинско мнозинство од пратениците се покренува иницијатива за impeachment , и истата се доставува до Уставниот суд, кој ја разгледува и утврдува дали постои одговорност, и за да ја изгласа истата е потребно двотретинско мнозинство (6 од 9 судии).

Мојата дилема е што понатаму? Што доколку судиите во Уставниот суд не успеат да изгласаат со двотретинско мнозинство. Уставот не предвидува друг правен лек.

Се јавува прашањето – дали некој дотаму отишол со сценариото? Дали ги разгледале сите овие можности и веќе ни го скроиле крајот?

И ако навистина сите засегнати во случајот се до тој степен фрапирани и сигурни во својата невиност, зошто никој од партијата на власт сеуште не ја одби аболицијата, и дали воопшто е некаде предвидена таква можност?

Претседателот даде изјава дека е “спремен да ја сноси цела одговорност и сите последици од ваквата одлука”.

Која е и колкава е цената на аболицијата, можеме само да си погодуваме.

Дали толку ја потценуваат моќта и свеста на граѓанинот, на поединецот?! Дали навистина како нација го допревме дното, за да дозволиме било кој, па макар и оној кој благодарение на нас стигнал на таква позиција, да не третира како марионети, како луѓе без свое јас, кои немаат свое мислење, туку слепо ги следат налозите на еден човек. Не сакам да верувам во тоа. Не можам да се помирам со тоа. Македонците отсекогаш биле борци, Македонците отсекогаш биле како пиреј, но и за жал, македонците отсекогаш најмногу страдале од македонци. Македонскиот народ, како што лесно се гледа од историјата, си е самиот на себеси најголем непријател.

Единствено останува да кажеме и да покажеме – доста е. Ако не ние – кој?! Ако не сега – кога?!

Автор: м-р Теодора Христовска

Препорачуваме

Партнери на Правдико