Адвокат Андон Димитров (1868-1933)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во оваа прилика, ќе презентираме биографски податоци на еден адвокат, кој е позната личност со историско значење, во македонската национална историја. Тоа е Андон Димитров, кој на 23 октомври 1893 година во Солун, заедно со Христо Татарчев, Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев ја основа Македонската револуционерна организација. Димитров е член на Централниот комитет од самото нејзино создавање, а во 1896 година е реизбран на Солунскиот конгрес, а оваа должност ја извршувал се до втората половина на 1897 година.
Роден е во 1868 година во с.Ајватово, Солунско. Завршил Правен факултет во Цариград, по што бил назначен за професор во Солунската гимназија. Подоцна бил професор во Битолската гимназија каде останал до 1899г., а потоа заминал на стручно правничко усовршување – специјализација на правни науки во Брисел.Во 1901 година се враќа во Битола, каде работи како адвокат до 1903 година кога повторно се враќа во образованието и е назначен за директор на училиште во Прилеп. Во 1904г. е избран за судија на битолскиот апелационен суд, а од 1909г. до 1912г. бил назначен за судија во Цариград.
Иако, кратко време бил адвокат во Битола, адвокатурата на Димитров му помогнала да се инкорпорира во општествените текови и да заземи значајни позиции кои му помагале во остварување во неговиот стремеж. Со своите професионални квалитети успеал да биде успешен адвокат, а подоцна и успешен судија кој напредувал во својата кариера.
Неговото дело има историско значење, пред се бидејќи е еден од основачите на македонската револуционерна организација, а малку се знае за тоа дека покрај како професор, бил и адвокат во Битола.
Починал во Софија во 1933г.
Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола, 2011г.
Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.