Адвокат Димитар Поп Димитров (1901-1970)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Димитар Поп Димитров e роден во 1901г. во Битола, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Правниот факултет во Суботица во 1926г. По дипломирањето бил назначен за судски приправник во првостепениот суд во Битола, а по полагањето на судиско – адвокатскиот испит во 1932г. бил назначен за судија на Првоспепениот битолски суд.
Во 1933г. бил назначен за судија на Првостепениот суд во Нов Пазар, Србија. Во 1936г. е назначен за судија во Окружниот суд во Охрид, од каде е преместен за судија во Призрен, каде останува само еден месец и се враќа во Македонија, како старешина на Срескиот суд во Ресен во 1937г., каде останал до 1941г.
Во 1942г. е назначен за судија во Хасково, Бугарија, но таквата одлука не ја прифатил и се запишал во Именикот на адвокатите во 1942г. со седиште во Битола.
Во 1944/45г. бил назначен за аѓутант при Првиот Батаљон на Регрутниот центар во Битола.
Во 1945г. во слободна Македонија, повторно се запишува во именикот на адвокатите на Македонија, со што и формално правно припаѓа на првата генерација повоени адвокати.
По пет години работа како адвокат, повторно е ангажиран во државните органи, овој пат како Началник на правната служба при поранешниот Областен одбор во Битола. По неговото расформирањето се враќа во адвокатурата, каде работел до 1967г.
Во 1967г. се пензионирал, но со оглед на тоа што законското решение овозможувало продолжување со работа, истата година повторно се запишал во Именикот на адвокатите. Како адвокат работел до 1970г. кога и починал.
Поп Димитров со своето повеќе годишно искуство на добар правник, судија и општествено ангажирана личност, помеѓу оние кои го познавале се памети како вреден, чесен и совесен адвокат, добар стручњак, кој бил секогаш на располагање на оние на кои му била потребна негова помош.
Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола, 2011г.
Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.