Адвокат Илија Марков (1939-1993)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Илија Марков е роден во с. Новоселани, Костурска околија, Егејска Македонија, на 28 февруари 1939 година, во семејство на сиромашни земјоделци. Во своето родно место живее се до 1948 година кога, поради жестокиот терор на монархофашистите, за време на Граѓанската војна во Грција, заедно со други деца, беше префрлен прво во Албанија, а потоа во СР Романија.
Одделен од своите родители, Илија Марков беше школуван и воспитуван во разни домови вон својата татковина. Во 1956 година заврши гимназија, а веќе следната година доаѓа во СР Македонија и се запишува на Правниот факултет во Скопје, каде што и дипломира 1962 година. По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, го отслужува воениот рок и се вработува во органите на управата, а потоа работи како приправник во Окружниот суд во Скопје. Правосудниот испит го положи во 1967 година, а потоа на 6.10.1967 година се запиша во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Македонија и оттогаш, па се до 04.03.1993, успешно ја врши адвокатската функција во Скопје.
Како адвокат, Илија Марков активно учествува во работата на разни комисии и секогаш е активен на сите собири на адвокатите, како во Основната адвокатска комора во Скопје, така и во Адвокатската комора на Македонија. Со своите дискусии и прилози, секогаш придонесува за унапредувањето на адвокатурата во СР Македонија, како општествена служба и за нејзиното афирмирање како самоуправна организација.
Бил претседател на Основната адвокатска комора на Скопје, претседател на Претседателството на Адвокатската комора на Македонија во 1983 година и член на Претседателството на Сојузот на републичките и покраинските комори на Југославија. Покрај другото, уредник е на Гласникот на адвокатите на Македонија „Адвокатура“, во кој дава посебен придонес со своето сесрдно, стручно и квалификувано ангажирање. Познат е како вреден ошптествено-политички работник и за својот досегашен придонес во афирмацијата на адвокатурата во Македонија е добитник на Плакетата на Адвокатската комора на Македонија за особени заслуги и постигнати резултати во развојот и напредокот на македонската адвокатура, 1981 година.
На 04.03.1993 година констатиран е престанок на адвокатската канцеларија на споменатиот адвокат поради настапување на смрт.
Извор: Адвокатурата во Република Македонија (1945-2005), адвокат Ставре Џиков, Скопје, 2005г.
Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.