Адвокат Никола Марковиќ Добрушевски (1887-1982)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Живот и професионален ангажман со преполн со активности и голема динамика, оставајќи трага на своето време и занает. Тоа е дефиницијата за кариерата на познатиот адвокат Никола Марковиќ Добрушевски, кој на фотографијата е трет од лево кон десно, пред својата канцеларија во Битола, која се наоѓала на местото на денешниот Основен суд во 1926г.
Адвокатот Никола Марковиќ (Добрушевски) е роден во 1887г. во Битола, каде завршил основно грчко училиште и Гимназија на турски јазик. Правен факултет завршил во Цариград. По дипломирањето, работел како адвокат во Битола. За време на Кралството СХС, околу 1920г. бил назначен за Конзул на Југославија во Тирана, Албанија. Од 1923 до 1926г. повторно работел како адвокат во Битола. Од 1927г. бил претседател на Општината Битола (градоначалник). Во 1931г. бил избран за народен пратеник од Битолскиот изборен округ во Собранието на Кралството Југославија заедно со неговиот колега адвокат Јован Алтипармаков.
Бил и Претседател на Окружниот суд во Битола, аташе за култура при југословенската амбасада на Крф, Грција, а за цело време помеѓу вршењето на политичките функции Марковиќ работел како адвокат. Активен бил и во општествениот живот. Бил член на раководството на Црвениот крст во Битола во 1928г. во својство на претседател на Општината Битола и член на Клубот на пријатели на Франција и Југославија во Битола. Во 1941г. кога дошла бугарската власт во Битола, Марковиќ побегнал во Турција и се вратил во 1944г.
Неговата адвокатска дејност била прекинувана поради честите политички ангажмани. Од 1946г. до стапување во пензија, Добрушевски работи како адвокат во Битола. Во 1948г. е ставен под истрага и е во притвор три месеци. Причина за тоа е неговиот престој во Турција. За своите ангажмани добитник е на орден „Бел орел“ добиен пред 1929г., орден „Караџорџева ѕвзда“ добиен пред 1929г., и орден „Југословенска круна“ добиен 1933г. Зборувал грчки, турски, албански, француски и англиски. Никола Марковиќ (Добрушевски) починал во 1982г.
Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола, 2011г.
Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.