Адвокатите на Канческа ги спорат вештачењата на СЈО и ги бараат бомбите | Правдико

Правдико

   

Адвокатите на Канческа ги спорат вештачењата на СЈО и ги бараат бомбите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во кривичниот суд денеска почна судењето за првиот предмет на Специјалното јавно обвинителство наречен „Тендери“  поврзан со објект од проектот на претходната власт „Скопје 2014“. Адвокатите на ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која е првообвинета за местење тендери за изградба на Музејот на ВМРО, ги спорат вештачењата на СЈО и ги бараат бомбите.

Пред да почне главната расправа адвокатите на одбраната го оспорија вештачењето на СЈО изготвено од ЕОС консталтинг АД РИМ Италија со подружница во Скопје. Тие тврдат дека вештаците немале лиценца кога ги изготвувале вештачењата. Адвокатот Сашко Дуковски тврди дека вештаците барале и нови податоци по изготвувањето на обвинението. Адвокатката Сања Алексиќ побара да ги добијат бомбите како доказ.

Ова е трет случај во кој адвокатите ги оспоруваат вештачењата, по „Траекторија“ и „Тенк“ за истата фирма. Обвинителот Стевчо Донев од СЈО рече дека обвинителниот акт е одобрен и судот ги ценел околностите во однос на бомбите.

„Бевме изненадени кога вештакот испрати известување дека бара повторно податоци од Министерството за култура”, рече Донев. Откако побарале објаснување, добиле одговор дека барањето било за да се потврдат наодите во вештачењето, што според вештакот се покажало дека се исти. Тој до судот достави доказ – фотокопија од лиценцата што му е продолжена од Министерството за правда.

Обвинителот рече дека е беспредметно барањето на адвокатите судот да ја цени надлежноста на Специјалното јавно обвинителство.  „Бомбите во оваа фаза не може да се репродуцираат како докази за утврдување надлежност на обвининителството“, рече Донев. Обвинетите можат во секое време да ги преслушаат бомбите во судот, додаде обвинителот во судот, додавајќи дека ова се предлози за да се одложи почетокот на главната расправа. Следното рочиште е закажано за 13 март, до кога судот треба да одлучи за барањата на адвокатите.

Во предметот „Тендери“ првообвинета е ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за местење тендери за изградба на Музејот на ВМРО, односно на Музејот на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Второ и третообвинетите се членови на Комисијата за јавни набавки.

Според обвиниението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка. Ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.

СЈО тврди дека трите обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. За првите 2 обвинети СЈО бараше притвор, но судот, наместо тоа, им ги одзеде пасошите и им наложи редовно да се јавуваат кај шалтерски службеник. Канческа-Милевска поднесе и барање за заштита на законитоста за судот да ѝ го врати пасошот, но Обвинителството ја упати кон СЈО, кое ја одби и не го достави барањето до Врховниот суд. Предметот ќе го суди Осман Шабани, судијата од одделот за организиран криминал и корупција.

В. Маглешов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико