Правдико

   

Адвокатот на Јовановски: Ова е брутална казна за која не постојат никакви докази

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Сашо Дуковски, бранител на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13, вели дека пресудата што ја донесе судечкиот совет е без докази, а казната затвор од девет години била очекувана.

Дуковски посочи дека постапката нема да заврши тука и најави жалба на пресудата. Според него, ако Јовановски ги зел парите, сигурно ќе бил снимен со нив од камерите и веднаш уапсен.

„Денешната пресуда беше очекувана. Ние од почетокот на овој судски процес знаевме дека ќе се донесе ваква брутална казна. Оваа пресуда најмалку се заснова на докази, всушност нема докази. Вие бевте сведоци, барем тие новинари коишто го следеа судењето, видовте дека  воопшто нема изготвено вештачење. Судот во образложението на денешната одлука за вина се повикуваше на некакви докази. Што  вие како обичен консумент гледате на таа снимка? Гледате 3,5 секунди едно купче пари и потоа гледате еден лик кој ниси чанта во раце како да носи перце. Дали вие знаете дека за најобичните предмети  ширум судовите во државава, за најобичен поткуп од 50 евра на сообраќаен полицаец парите се обележуваат и се фаќа. Дали вие мислите дека доколку тоа навистина така се случило, Бојан Јовановски не би бил снимен од камерите и веднаш уапсен? Ова е една конструкција од самиот почеток, со голема помош на соизвршителот, кој влегува и излегува од притвор кога и како сака. Има двојни аршини“, рече Дуковски.

Коментирајќи го продолжениот притвор за Јовановски, адвокатот Дуковски направи споредба со случај во Америка каде што обвинет за убиство излегол од притвор со кауција, по што искоментира: „Америка не знае што е право, а ние си имаме посебно право само за нас“.

„Мене не ми е јасно на какви докази се повикува. Но тоа е тоа. Овде не завршува нашата борба и мислам дека не е фер што на крајот беше споменато дека во судот во Стразбур била одбиена времената мерка. Судијата требаше да дополни дека времената мерка е навистина одбиена, но прифатена е апликацијата. Во врска со мерката притвор, сите сте сведоци дека во Америка изби граѓанска војна за кривично дело убиство, кое цел свет го виде и е неколку пати потешко кривично дело од ова. Обвинетиот излезе од притвор за три дена со 750 илјади евра гаранција. Споредувајќи го стандардот во Америка и нашиот стандард, се работи за максимум 100 илјади евра. Ние понудивме кауција од 146.000 евра, но тоа не беше доволно. Значи, Америка не знае што е право, таму не владее правна држава, ние си имаме посебно само за нас познато право и затоа по 11 месеци треба да го држиме обвинетиот по секоја цена во притвор. Особено, во ситуација покрај двајца други од истиот предмет на кои им се определени поблаги мерки, а кон него нон-стоп се определува потешка мерка“, додаде Дуковски.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико