Академската зедница се заканува со граѓанска непослушност | Правдико

Правдико

   

Академската зедница се заканува со граѓанска непослушност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Професорите и студентите побараа од пратениците да ја запрат постапката за донесување на измените на Законот за високо образование.

92421DC8D956A64C99704E68B522CBCE

Неколку стотина професори и студенти, стуткани еден до друг на минусни температури, „заседаваа” денеска пред Собранието каде што паралелно се одвиваше пленарната седница на која пратениците требаше да расправаат за предлог-измените на Законот за високо образование. Тие повторно јавно побараа повлекување на законот, кој, според нив, е неуставен и ја урива автономијата на универзитетите, а, во спротивно, како што рекоа, ќе следува поинаков облик на отпор – граѓанска непослушност.

“Собрани сме тука претставници на храмот на науката. Можеби некому му е чудно и смета дека на професорите не им е местото на улица. Но ние сме принудени да стоиме тука, како луѓе кои се понижени”, рече професорката Билјана Ванковска.

Таа, во името на професорската фела, побара од пратениците да ја прекинат постапката и да овозможат, како што додаде, во разумен рок од три месеци да се отвори широка дебата за предвидените реформи во образованието.

Професорите до секој пратеник посебно доставија, како што рекоа, “бела папка со аргументи” на над 300 професори, академици, асистенти од сите универзитети, но и аргументи од 80 светски познати научници и мислители, како и аргументи на илјадници студенти, кои, како што велат, ја потврдуваат штетноста на законското решение.

Маја Стевановиќ, професорка на Драмскиот факултет, откако гласно прочита дел од парламентарниот состав, на чело со членот на Комисијата за образование и наука, Илија Димовски, им порача на пратениците дека академската заедница не им се обраќа ним како на членови на политички партии, туку како на луѓе кои ќе останат запаметени дека го спасиле, рече, или, пак, го уништиле универзитетот.

Отвореното писмо на академската заедница до пратениците во целост го прочита професор Владимир Мартиновски. Барајќи да се слушне гласот на засегнатите страни, тој наведе само неколку начелни забелешки на предвидените реформи. Според нив, се воведува концепт на државен испит каков што не познава ниту една цивилизирана држава во светот и кој задира во автономијата на универзитетите. Со измените, меѓу другото, тврдат незадоволните професори, се задира и во определувањето на студиските и на предметните програми, кои секаде во светот слободно ги изготвуваат самите установи и наставниците, а министерот кој е политички именувано лице дава согласност за рецензентските комисии за избор во звање на наставниот кадар во разни научни области, целосно уништувајќи ја автономијата.

Ако Собранието изгласа закон, како што рекоа вчера присутните на “заседанието” на Студентскиот и Професорскиот пленум, по мера на Владата, односно партиите, а не според потребите на академската заедница, таа докрај ќе си го урне легитимитетот. Во тој случај, рекоа тие, последното процедурално средство е претседателското вето. “Ако претседателот Иванов, кој милува да ги учи и да ги повикува младите лидери на донесување храбри одлуки, не собере храброст барем сега да каже ‘не’ и не посегне по ветото, ќе го загуби не само својот политички легитимитет туку и професорското и моралното достоинство и интегритет”, рече Мартиновски.

Прочитај повеќе: Граѓанска непослушност и улогата во демократијата

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико