Правдико

   

„Ако падне Кобане, насекаде ќе има војна“

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со недели беснеат борби во сирискиот град Кобане. На неколку километри оттаму, во турскиот град Суруч, илјадници го гледаат масакрот од другата страна на границата. Сите тие се чувствуваат како беспомошни набљудувачи.

0,,18020206_303,00

Ердал клечи пред чајџилницата и гледа во својот мобилен. Црната безбол-капа му е длабоко спуштена над лицето, сонцето ги заслепува неговите уморни очи. Младиот Курд со денови речиси да не спие. Секоја ноќ се обидува тајно да мине на другата страна на границата. Досега безуспешно.

Од пред неколку денови тој пристигнал од Ван, град во источна Турција, оддалечен околу 600 километри од границата. Всушност тој веднаш сакал да продолжи за Кобане, каде со недели беснее војна против терористичката милиција Исламска држава. Курдските борци го бранат градот на копно, додека воената алијанса предводена од САД бомбардира позиции на ИД од воздух.

Ердал е на почетокот на 30 години. За Кобане знае само преку медиумите. Сепак сака таму да се бори, на страната на курдските „браќа“ во Сирија, како што вели. „Овде сум заедно со тројца пријатели, од мојот град веќе многумина заминаа во војна против Исламската држава“, вели тој и пивнува од чајот. Но, дали тој знае да ракува со оружја? Секако, тоа го научил во тренинг камп на ПКК во планините. Веќе три децении забранетата курдска организација се бори за сопствена држава. Веќе еднаипол година владее примирје со турската влада, но откако во Кобане се води војна, неизвесно е и околу мировниот процес.

И турските Курди се борат во Кобане

Тоа што Ердал досега неможеше да стигне до Кобане, виновна е турската армија. Насекаде долж границата патролираат војници, стојат тенкови. Тие не само што треба да ја штитат турската граница од насилството во Сирија, туку имаат и наредба да ги запрат борците како Ердал. Имено турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги смета сириските Курди-борци, исто како и ПКК, за „терористичка организација“. И покрај тоа десетици млади Курди од Турција веќе ја минале границата. Точни бројки нема.

Додека Ердал сака да влезе во борбената област, повеќето луѓе сакаат само да излезат од Сирија. Повеќе од 1,6 милиони луѓе побегнаа во Турција од почетокот на граѓанската војна, околу 180.000 стигнаа во Суруч. Така бројот на жителите на малото гратче се удвои за само неколку недели. Бегалците кои имаат пари живеат во изнајмени станови, кај семејството или познаници. Но, илјадниции живеат во камповите, кои ги подигна градската управа: Сиви шатори, помалку од десет метри квадратни за десет луѓе или повеќе. Единствен извор на струја е бензинската станица од спротивната страна на улицата. „Властите нѝ помагаат, колку можат, но животот овде е тежок“, вели Зерга, која седи покрај еден од шаторите и во еден леѓен пере облека. „Навечер е студено и смрзнуваме“, вели таа. „Што ќе правиме кога ќе дојде зимата?“ Турција, според сопствени наводи, веќе потрошила четири милијарди американски долари за да им помогне на бегалците, само мал дел од средствата бил од странство.

Каква е улогата на Турција?

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на силите за безбедност од северен Ирак, на т.н. пешмерга, сега им дозволи транзит преку турска територија кон Сирија. Но, Анкара и натаму одбива директна воена помош за Курдите во Кобане. Многу Курди се чувствуваат оставени на цедило. Мухамед на пример е бегалец од Кобане. „Ако Турција би била нападната, ИД одамна би била победена“, вели тој.

Мухамед клечи на еден рид надвор од Суруч. Тој често доаѓал тука, всушност секој ден. Оттаму има добар поглед кон Кобане. Постојано се слушат истрели и експлозии, облаци чад се издигаат во небото. Кога американските борбени авиони бомбардираат цел, земјата се тресе и од оваа страна на границата.

Мухамед веќе еден месец е во Суруч. Кога исламистите го нападнаа Кобане, тој со сопругата и петте децa побегна на безбедно. Иако тој тука во Турција најде прибежиште, сепак на владата во Анкара гледа како на непријател. „Тие го поддржуваат ИД со оружје, со пари“, вели Мухамед, го вади мобилниот и покажува една фотографија. На неа може да се види човек во турско армиско одело, тешко вооружен како им се смее на брадестите борци на ИД. Го прашувам: Кој ја направил фотографијата? Мухамед крева раменици. Не знае. Како и многу други информации од турско-сириската гранична област и ова тврдење не може да се провери.

Град во пепел

Мухамед зема двоглед и гледа на другата страна. Конечно ја наоѓа својата куќа – или она што останало од неа. Ми го дава двогледот, самата да видам. Погледнувам и гледам рушевини и пепел. Гледам и знамиња на покривите: жолти на Курдите и црни знамиња на исламистите. Некои од нив од ден во ден ја менуваат позицијата- знак за тоа колку жестоки борби се водат во Кобане, за секоја улица, за секоја куќа.

0,,18020198_401,00

Мухамед мрази да седи тука и да посматра од далечина, како неговата татковина, неговиот стар живот се распаѓа во парчиња. „Боли и речиси да неможам да издржам, но едноставно секој ден морам да гледам од другата страна. Сакам да знам што се случува со мојот град“. Што ако Кобане падне?, го прашувам: „Тогаш тука никој повеќе нема да живее во мир“, вели Мухамед. „Каде и да има еден Курд, ќе има војна“.

Врие и меѓу турските Курди. Гневот за наводното неделување на владата на Ердоган во Суруч јасно може да се почувствува. Еден камион со околу 40 мажи минува низ центарот. „Оставете ја работата, дојдете со нас“, извикуваат тие. „Мораме да ги погребаме нашите маченици“ и „Слобода за Оџалан“, водачот на ПКК, кој со години е во затвор. Камионот застанува пред болницата во Суруч. Тука се лекуваат повредените курдски борци од Кобане. Многумина не преживуваат. И овојпат повторно мора да се погребаат тројца луѓе. Телата не се погребуваат во платно, како што е тука обичајот, туку во сандаци на „гробиштата на мачениците“ во Суруч. Постои надеж дека тие треба да бидат вратени во татковината, кога ИД конечно ќе бидат победени.

Дали не му е страв, и тој да не заврши на „гробиштата на мачениците“ го прашувам Ердал, младиот Курд од Ван. Не, вели тој. „Ние се бориме за добра работа, за нашиот народ“. Тој има намера повторно да се обиде да ја мине границата и да замине на фронтот, кон Кобане.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико