Правдико

   

АКРМ: Известување по повод Барањето за давање автентично толкување на член 68 став 2 од Законот за нотаријат

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во врска со даденото Мислење од Владата на Република Македонија од 17.07.2018 година доставено до Собранието на Република Македонија на 20.07.2018 година, по повод Барањето за давање автентично толкување на член 68 став 2 од Законот за нотаријат поднесено од пратеникот Бетиан Китев, а со цел одбегнување на било какви дилеми и празнини кои во праксата се веќе надминати, Адвокатската Комора на Република Македонија достави Известување до Владата на РМ. Известувањето е исто така доставено и до Собранието на РМ, како и до Министерството за правда на РМ.

ИЗВЕСТУВАЊЕТО ИНТЕГРАЛНО:

Почитувани,

Во врска со даденото Мислење од Владата на Република Македонија од 17.07.2018 година доставено до Собранието на Република Македонија на 20.07.2018 година, по повод Барањето за давање автентично толкување на член 68 став 2 од Законот за нотаријат поднесено од пратеникот Бетиан Китев, Адвокатската Комора на Република Македонија ја известува Владата на Република Македонија за следново:
Прашањето што пратеникот Бетиан Китев го поставува во своето Барање за автентично толкување на член 68 став 2 од Законот за нотаријат беше предмет на многубројни дискусии, дилеми и различни мислења во врска со примената на член 68 од Законот за нотаријат во целина, но пред се во контекст на став 2. Имено, се поставуваше прашање дали збирниот износ од 2.000,00 денари за вода, смет, одржување на заеднички простории, телефонија, мобилни или кабелски оператори или збирниот износ од 6.000,00 денари за електрична или топлинска енергија се однесува само за висината на побарувањето од една фактура или за висината на вкупниот износ на повеќе неплатени фактури кои доверителот ги опфатил во еден предлог за издавање на решение за нотарски платен налог.

За Адвокатската комора на Република Македонија и претходно и сега нема дилеми, доколку член 68 став 2 од Законот за нотаријат се примени во контекст со член 68 став 3 и член  30 став 1  од Законот за парничната постапка, тогаш непотребно се прави конфузија при примената на Законот од одредени нотари во Република Македонија. Имено, исклучоците кои се наведени во член 68 став 3 од Законот за нотаријат се однесуваат само на долг кој произлегува од веродостојна исправа до 2.000,00 односно до 6.000,00 денари, при што оваа висина се однесува на вкупната вредност на предлогот како вредност на спорот. Во случај да бидат поднесени повеќе веродостојни исправи под 2.000,00 или 6.000,00 денари, но нивниот збир го надминува износот од 2.000,00 односно 6.000,00 денари, тогаш вредноста на спорот, согласно член 30 став 1 од Законот за парнична постапка „Ако една тужба , против истиот тужен опфаќа повеќе барања што се засноваат врз иста фактичка сосотојба и правна основа, вредноста се определува според збирот на вредноста на сите барања“, се определува  според збирот на вредноста на сите барања. Во таков случај се применува правилото од член 68 став 2, а не неговиот исклучок од член 68 став 3 на Законот за нотаријат, бидејќи вредноста на поднесениот Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог како вкупна вредност е поголем од 2.000,00, односно 6.000,00 денари. Согласно член 81 од Законот за нотаријат, се што не е предвидено во Законот за нотаријат се применуваат  одредбите од Законот за парнична постапка. Во рамките на постапката за донесување на Решение со кое се усвојува предложениот нотарски платен налог, се применува Законот за парнична постапка како системски закон со кој се  определува  вредноста на спорот, од што зависи дали ќе се примени член 68 став 2 од Законот за нотаријат, или исклучокот од член 68 став 3 на истиот закон,а  се утврдува согласно член 30 став 1 од Законот за парнична постапка, и тука за судската пракса во Република Македонија ниту имало, ниту ќе има дилема, за што веќе постојат и донесени пресуди од судовите кои се соочиле со овој проблем.

Пример 1:
Нотарот  донел Решение со кое го усвоил Предлогот за издавање на решение за нотарски  платниот налог,  по предлог поднесен непосредно од доверител (за комунални сметки според Закон за нотаријат), со  вкупна вредност во предлогот  од 3,180,00 денари, кој Предлог  опфаќа 4 (четири) фактури со поединечни износи под 2000,00 денари. По приговорот од должникот,  судот го укинал  Решението  на нотарот , бидејќи во Предлогот за издавање на нотарски платен налог нема адвокатски потпис и печат, а раководејќи се дека побарувањето во Предлогот  е со износ од  3.180,00 денари, износ кој го надминува износот од 2000,00 денари, што значи дека за судот  одредбата  68 став 2 и став 3 од законот за нотаријат е јасна  и прецизна, согласно член 30 став 1 од ЗПП, и при носење на Решение за платен налог  треба да се земе во предвид  вкупниот износ на долг определен во Предлогот, а не  износ на поединечна фактура.
Износот на нотарските трошоци и  износот на судката такса се определува по вкупниот износ на долгот опфатен во Предлогот , а не по поединечен износ на фактура, како што е дадено во Мислењето.

Пример 2:
Приговорот против Решението на нотарот е поднесен непосредно од страна на должникот за комунална услуги за вкупен долг од 10.176,00 денари, но поединечните фактури опфатени во прелогот и решението се со износ под 2000,00 денари, поради што судот го отфрлил приговорот на должникот како неуреден бидејќи немало адвокатски потпис и печат,  а Апелациониот Суд Скопје ја потврдила ваквата одлука на Основниот Суд Скопје 2 Скопје.
Од судската пракса може да се утврди, дека во практичната примена на Законот за нотаријат нема нејаснотии како што тврдат нотарите, а судот раководејќи се од начелото на економичност и соглаасно член 30 став 1  од ЗПП, донел вакви одлуки, во спротивно, доверителите ќе треба да поднесуваат толкав број на  предлози колку што има фактури. т.е на пример за 5 фактури, треба да се поднесат  5 (пет) предлози за издавање на решение за нотарски платен налог и за тие пет предлози ќе треба да се плаќат 5 пати нотарски трошоци.
ПРИЛОГ: Решение Пл.П.бр.5/18 од 23.01.2018
  –  Решение ГЖ.бр-6022/17 од 06.12.2017

Владата на Република Македонија во своето мислење до Собранието иако наведува дека законот е јасен и нема потреба од автентично толкување, сепак дава нејасно образложение кое остава дилеми и празнини, кои во пракса се веќе надминати, како што е погоре образложено. Со оглед на чувствителноста на проблемот, ова мислење може да предизвика повторна дилема при постапувањето на нотарите, при што сите учесници во постапката може да се најдат во исклучително непријатна ситуација. Имено, во пракса поднесување на Предлози до нотарите според поединечна фактура (веродостојна исправа) значи дека, на пример за 5 (пет) фактури до 2.000,00 или 6.000,00 денари треба да се поднесат 5 (пет) посебни предлози место еден, што значително ја отежнува работата на доверителите, ги зголемува трошоците на должниците, а едиствена полза имаат нотарите кај кои се плаќаат 5 (пет) такси, 5 (пет) нотаски награди и сите други трошоци во нивна полза (пример за достава) се зголемуваат согласно бројот на предметите или според примерот погоре, за 5 (пет) пати. Во пракса се јавуваат голем број на предмети за комунални услуги, во кои во еден предмет и против еден ист должник содржани се фактури со различни износи, пример една фактура до 2000,00 денари или до 6000,00 денари, а втора фактура над 2000,00 денари или над 6000,00 денари. Според стојалиштето изнесено во ова Мислење, доверителот за фактурата до 2000,00 односно до 6000,00 денари ќе треба непосредно да поднесе Предлог до нотар,а за втората фактура која е со износ над 2000,00 денари или над 6000,00 денари, Предлогот за издавање на нотарски полатен налог ќе треба задолжително да содржи адвокатски потпис и печат.

Пример: Доколку во предлог за издавање на решение за  нотарски платен налог вкупно  побарување за комунална услуга е  5.000,00 денари,  (една фактура од 2000,00 ден а друга фактура од 3000,00 денари), против еден ист должник, треба да се поднесува два различни предмети кај нотарите, едниот предмет за фактура од 2000,00 денари,   непосредно доверителот ќетреба да поднесе предлог кај нотарот, а за другата фактура од 3000,00 денари, предлогот ќетреба да  биде поднесен преку адвокат, и за тие два предмети ќе треба да се платат два пати нотарски трошоци, спротивно на начелото на економичност и одредбата 30 став 1 од  Законот за парнична постапка.

Аналогно, ако се зголемуваат трошоците во полза на нотарите, тоа значи дека обврските на должниците (тужените) што крајно треба да ги платат исто така неколкукратно ќе бидат поголеми. Тоа значи дека крајниот ефект ќе биде многу неповолен за должниците, и место нивните трошоци да се намалат, тие повеќекратно ќе бидат зголемени. Зголемени трошоци со примена на член 68 од Законот за нотаријат како во стојалиштето изнесено во мислењето од 17.07.2018 година ќе имаат и доверителите и должниците, полза ќе имаат единствено нотарите чии приходи неколкукратно ќе се зголемат.  Воедно, со начинот на примена на законот како што се сугерира во Мислењето, се прават двојни стандарди, бидејќи кога се пресметуваат трошоците кои ги наплаќаат нотарите, тогаш тие се пресметуваат согласно вкупната вредност на Предлогот за донесување нотарски платен налог, а кога треба да се почитува обврската за задолжителен адвокатски печат и потпис, тогаш се зема во предвид износот на поединечните фактури што се тужат. Ова е неодржлива ситуација во примената на правилата на парничната постапка, која ќе предизвика вистински хаос при постапувањето на нотарите во Република Македонија, имајќи во предвид дека како дел на правосудниот систем, тие треба да придонесат за единствена примена на правото. Видно од судската пракса погоре наведена, нотарите со начинот на работа како што се сугерира во Мислењето, би биле во директна спротивност со судовите, што од аспект на правораздавање е неодржливо и недопустливо. Од тука, Адвокатската Комора на Република Македонија смета дека праксата во примена на Законот за нотаријат веќе ги има надминато проблемите и прашањата што како проблем ги поставува пратеникот Бетиан Китев во неговото Барање за автентично толкување.

Дополнително, Адвокатската Комора на Република Македонија смета дека вистинските проблеми при примена на Законот за нотаријат се јавуваат поради неговата неусогласеност со останатите закони (пример со Законот за комунални  дејности), но и со подзаконските акти со кои постојат сериозни контрадикторности, поради кои некои од нив се во меѓусебна колизија. Најдрастичен пример е токму со член 68 став 3 од Законот за нотаријат каде исклучоците наведени во него се поради тоа што побарувањата произлегувале од комунални услуги, но затоа во Законот за комунални дејности, телефонијата, мобилните оператори и кабелските оператори не се определени како комунални дејности, ниту тие спаѓаат во редот на комунални услуги. Токму затоа, во Тарифата за награда на нотарите, како подзаконскин акт, во член 27 став 3, овие услуги не се споменуваат како комунални, па напоменуваме дека во овој дел е потребна интервенција во наведените закони и подзаконски акти, поради нивно меѓусебно усогласување.

Заради целосно, правилно и законито носење на вакви мислења или други акти, закони и подзаконски акти, потребно е во иднина, пред носење на истите,  да се побара мислење и од Адвокатската комора на Република Македонија со цел истите да се законити и применливи во правниот систем.

Доколку сметате за потребно, изразуваме подготвеност непосредно да ги образложиме нашите ставови изнесени погоре, како и други прашања кои не се опфатени во овој текст, а се од интерес за единствена примена на правото во Република Македонија.

АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Претседател
Г-дин Љубомир Михајловки, адвокат

Партнери на Правдико