Актерката Стојановска, нејзиниот сопруг и брат му се дел од мрежата за шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија | Правдико

Правдико

   

Актерката Стојановска, нејзиниот сопруг и брат му се дел од мрежата за шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Акцијата, која заврши со апсење на актерката Силвија Стојановска и уште четири лица за шверц на 700 килограми кокаин вреден 20 милиони евра, почнала во јули годинава. Координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и од Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД – ДЕА, објасни денес Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Актерката, нејзиниот сопруг В.Б. и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа, која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го скриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба.

„Членовите на меѓународната организирана криминална група, на лице идентификувано како капетан на брод, му исплатите парични средства во вкупен износ од 850.000 евра како дел од сумата договорена за извршување на транспортот на кокаинот од Колумбија до Шпанија. Лидер на оваа група е првопријавениот В. Б., кој поради впишана забрана за патување во земјите од Европската Унија, го ангажирал својот брат В. Б., резидент на Белгија, со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје, и во период јули-декември ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот. Кога биле договорени сите детали на преземањето на кокаинот во Мадрид, Шпанија, на почетокот на декември, пријавената С. С. по инструкции на својот сопруг В. Б., направила резервација на апартман во Мадрид на име на брат му В. Б. и го платила со сопствена кредитна картичка. Исто така, С. С. во октомври 2019 година отпатувала за Мадрид преку Софија за во име на својот сопруг В. Б. од н.н., шпански државјанин, да подигне износ од 10.000 евра, најверојатно, поврзани со криминални активности на оваа криминална мрежа“, информира министерот Спасовски, кој нагласи дека македонските полицајци имале клучна улога во идентификување на лицата од криминалната група.

На денот на преземањето на кокаинот, 18 декември 2019 година, во симултана операција во Шпанија и во Северна Македонија, апсењето на лидерот на групата во Македонија било реализирано веднаш по апсењето на брат му и двајца шпански државјани во Мадрид од страна на шпанската полиција во момент кога дрогата од магацинот била ставена во комбе.

„Карактеристично за оваа криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала со лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите, и тоа во Скопје – Македонија, Мадрид – Шпанија, Белград – Србија, Дубаи, Канкун – Мексико и Картагина – Колумбија и преку интернет-комуникација со висока заштита“, рече министерот Спасовски.

На 19 декември 2019 година, одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал поднесе кривична пријава против две лица, и тоа В. Б. (54) од Скопје и неговата сопруга С. С. (59) од Скопје за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Маја Коневска, обвинителка во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Скопје, објасни дека на 19 декември донела наредба да се спроведе истрага против две лица, македонски државјани поради сомневање за извршено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори.

„Она што направивме за да ја потврдиме основаноста на сомнението беше да се побара од судија на претходна постапка наредба да се изврши претрес. Претрес е извршен на две локации во Скопје, од ко едната е местото на живеење на двајцата обвинети. При претресите пронајдени се докази, кои се доволно силни за до овој момент да се потврди основаноста на сомнението“, рече обвинителката Коневска.

Таа најави дека на координативни средби со колегите од Шпанија и од сите други земји од каде што потекнуваат сторителите на кривични дела, ќе ги разгледаат доказите и ќе заземат заеднички став како понатаму ќе се одвива истрагата.

„Истрагата треба да ги дооткрие сите сторители учесници во ова кривично дело, треба да прибави доволно докази на законски начин, доказите потоа ќе бидат разменети врз основа на Законот за меѓународна соработка во кривичната материја. Сето тоа треба да даде јасна претстава за тоа што се случило, кој од сторителите какви дејства презел, каква улога има во самата структура на организираната група“, рече обвинителката Коневска.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и понатаму презема истражни мерки и активности во рамките на оваа меѓународна акција. Министерот Спасовски објасни дека постојат индиции за вмешаност на уште еден турски и еден грчки државјанин за кои дополнително ќе се утврдува поврзаноста со активностите на оваа група.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико