Акти на општините и нивно изработување | Правдико

Правдико

   

Акти на општините и нивно изработување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

bitola sovetВидови акти

Органите на општината во вршењето на своите надлежности донесуваат општи и поединечни акти.Со општите акти на оригинален (изворен) начин се уредуваат односите и се уредуваат правата и обврските за граѓаните и за другите правни лица во рамките на надлежноста на општината. Тие содржат општи правни норми, кои се однесуваат на неопределен број случаи.

Органите на општината донесуваат поединечни акти кога донесуваат одлука во управна постапка или кога се врши избор или именување, како и во другите случаи предвидени со закон или со друг пропис. Советот на општината во рамките на својата надлежност донесува општи акти и тоа:

– статут;
– програми и планови;
– одлуки и
– други прописи утврдени со закон.

Со Статутот на општината, како највисок акт, се уредуваат:

– организацијата и работењето на органите на општината;
– организацијата и работењето на комисиите на советот;
– вршењето на работите од јавен интерес од локално значење што не се исклучени од нејзина надлежност, ниту се во надлежност на органите на државната власт;
– начинот на информирање на граѓаните;
– случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот;
– начинот и постапката на доставување претставки и предлози за работа на органите на општината и постапувањето по нив;
– начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните;
– начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба;
– други прашања од значење за локалната самоуправа.

Со програми и планови се уредуваат и се разработуваат одредени прашања за извршување на законите и другите прописи со кои е пренесена надлежноста на општината, а за што е потребно да се предвидат рокови и динамика на извршување (на
пример: програма за комунална хигиена, програма за водоснабдување итн.)

Со одлуки поконкретно се уредува одредено прашање од надлежност на општината (пример: одлука за основање јавни служби од надлежност на општината, одлука за усвојување урбанистички планови итн.)

Постапка за донесување

Постапката за донесување општи акти почнува со поднесување на предлогот за донесување општ акт.

Предлог за донесување

Предлог за донесување општ акт можат да поднесат: градоначалникот на општината, членовите на советот, работните тела на советот, како и 10 проценти од избирачите во општината. Предлогот за донесување општ акт ги содржи причините поради кои треба да се донесе актот и содржината на актот.

Во предлогот за донесување можат да бидат наведени и начелата на кои се заснова донесувањето на самиот акт. Вие, како овластен предлагач, предлагате да се донесе одлука за определување простор на кој може да се врши промет на мало. За таа цел, доставувате предлог за донесување на таа одлука во кој ќе наведете дека има појава од вршење трговија на мало надвор
од деловните простори, со што се спречува вообичаеното одвивање на сообраќајот или се зафаќаат тротоарите што се наменети за движење на пешаци.

Ако кон предлогот за донесување се поднесува и предлог-актот, општиот предлог-акт треба да содржи правна основа за негово донесување, образложение,потребни финансиски средства за негово спроведување и начин на обезбедување на тие средства.

Предлогот за донесување на општиот акт претседателот на советот го доставува до соодветното работно тело во рок определен со деловникот на советот. Исто така, предлогот за донесување општ акт се доставува и до градоначалникот на општината, доколку не е предлагач, заради давање мислење до советот и до надлежното работно тело.
Работното тело, откако ќе го разгледа предлогот, зазема став за основаноста и за потребата од донесување на актот и за тоа потоа го информира советот. Советот на општината го разгледува предлогот заедно со ставот на работното тело и со мислењето на градоначалникот и ја утврдува основаноста. Ако се утврди основаност и потреба од донесување, ќе се определи изработувач на актот и тоа во форма на нацрт-акт (пропис) доколку станува збор за акт што се донесува во фаза на нацрт или во форма на предлог.

Ако со предлогот за донесување на актот е доставен и предлог, по утврдувањето на основаноста и на потребата за донесување на актот, се пристапува кон расправа по предлогот.Донесувањето пропис не е предвидено во две фази.
Советот, откако ќе ја утврди основаноста и потребата од донесување, ќе определи изработувач на предлог-одлуката. Изработувачот треба да ја изработи одлуката така, што таа треба да содржи правна основа, наслов, содржина и образложение и како предлог–одлука да ја достави до советот на усвојување.

Нацрт

Нацртот на општиот акт поминува низ расправа во надлежните работни тела на советот и се става на дневен ред на седница на советот. На седница на советот се води расправа за нацртот на општиот акт во начело и во поединости. Во расправата советниците дискутираат дали нацртот на општиот акт доследно ги одразува начелата врз кои треба да биде заснован
општиот акт и, доколку не биде усвоен, тој се враќа на предлагачот на доработка.

Доколку нацртот се усвои, се преминува на поединечна расправа. Расправата во поединости се води за поединечни делови (глави) и членови во нацртот. По завршувањето на расправата по нацртот во поединости, ставовите и забелешките со заклучокот се упатуваат до предлагачот, со цел тој да ги има предвид при изработката на предлог-актот.

Предлог

Предлозите на општите акти се усвојуваат со гласање од страна на советниците со различно мнозинство, во зависност од актот. Така, за одредени акти се бара мнозинство од вкупниот број членови на советот, а за други мнозинство од присутните членови.

По донесувањето на актот тој се доставува до градоначалникот заради објавување. Градоначалникот на општината донесува заклучок со кој се прогласува актот и се објавува во службениот весник на општината.По исклучок, општ акт може да се донесе и по пат на итна постапка. По итна постапка може да се донесе само одлука со која се уредуваат такви прашања за чиешто уредување постои вистинска и неодложна потреба и доколку одложувањето на уредувањето на тие прашања ќе предизвика поголеми штетни последици.

Кон предлогот за донесување општ акт предлагачите треба да поднесат и предлог на актот, како и да ја образложат потребата од итна постапка. Ако предлогот за донесување на актот се усвои, тогаш предлогот на општиот акт се става на дневен ред на истата седница.Изменување или дополнување на предлогот на одлуката се врши со амандман. По правило, амандманот се поднесува најдоцна три дена пред денот определен за седница на советот на која ќе се претресува
предлогот на одлуката. По исклучок, амандман може да се донесе и на самата седница кога се претресува предлогот на одлуката.

Во двата случаја, амандманот се поднесува во писмена форма и мора да биде образложен. За амандманот се води посебен претрес. За амандманот се решава пред да се гласа за членот од предлогот на одлуката на кој се однесува амандманот. Усвоениот амандман се смета за составен дел на одлуката.

Извор :http://www.zels.org.mk

Препорачуваме

Партнери на Правдико