Од МВР соопштија дека настанот кај нив бил пријавен вчера околу 22 и 30 часот и дека таткото на Моника е уапсен.
„На 26.05 во 22.30 часот на улица Антон Чехов во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело. Претходно, неговата ќерка М.Р.(31) од Скопје пријавила дека околу 20.30 часот во семејниот дом на улица Антон Чехов, по претходна расправија, таа и нејзината мајка К.Р.(62) од Скопје биле физички нападнати од нејзиниот татко С.Р.(64) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се наведува во соопштението на МВР.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на „Фејсбук“ соопшти дека таткото на Ристеска ќе се гони за делото телесна повреда.
„Во однос на фотографиите објавени на социјалните мрежи на кои се гледа лице со повреди на главата, ја информирам јавноста дека вчера во вечерните часови полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело по член 130 од кривичен законик и се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот“, соопшти министерот Чулев.
Извор: Макфакс