Акција во пет македонски градови – разбиена добро разработена мрежа за криумчарење мигранти
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе денеска спроведе координирана полициска операција во Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово за сузбивање на организирана криминална група.
Како што информираат од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, под чие раководство е спроведена акцијата, криминалната група функционирала под строга хиерархиска поставеност, а ја предводел 33-годишниот велешанец Р.Џ.
Тој заедно со две лица кои потекнуваат од земјите од Блискиот Исток организирале група во нашата држава и организирале криумчарење на мигранти.
Мигрантите по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток илегално биле префрлани од Грција на македонска територија.
При криумчарењето користеле илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а оттаму со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано луѓето ги носеле на претходно утврдени и договорени локации.
Организаторот и членовите на криминалната група го договарале преземањето на мигрантите од овие локации и со патнички и товарни возила ги превезувале до локации во Кумановско-липковскиот Регион каде што мигрантите биле прифаќани и времено сместувани и засолнувани.
Понатаму мигрантите биле криумчарени преку територијата на Србија кон државите на ЕУ. Паричните средства за транспорт на мигрантите од 500 до 700 евра по лице, биле исплаќани преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина.
Во текот на денешниот ден се извршени претреси во објекти на 11 локации на подрачјето на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово и притоа од слобода се лишени шест лица, a се преземаат мерки за приведување на уште три лица.
Приведени се Р.Џ. (33) од Велес, С.М. (27) од Штип, Џ.Ш. (30) од Штип, Џ.Р. (26) од Валандово, Г.П. (48) од Велес и З.Џ. (56) од Велес.
Четири члена на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор, за претходно сторени кривични дела криумчарење мигранти. Тоа се: С.М. (39) од Велес, О.Д. (47) од Велес, М.Р. (29) од Струмица и М.Ј. (29) од Штип.
Од засега извршените претреси пронајдени и одземени се пари, мобилни телефони, СИМ картички, половина килограм марихуана, како и други предмети од интерес на истрагата.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по добивањето на кривичната пријава, во текот на денешниот ден, ќе достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените.
Извор: Макфакс