Акцизите ќе ги поскапат цигарите | Правдико

Правдико

   

Акцизите ќе ги поскапат цигарите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

cigariСекоја година во наредната деценија ќе се зголемува акцизата за цигарите, со што тие двојно ќе поскапат. Од 1 јули 2014 година, стапката на специфичната и минималната акциза на цигарите ќе се зголеми за 0,15 денари за цигара, а од 1 јули 2016 година заклучно со 1 јули 2023 година, пак, оваа стапка цигарите ќе се зголемува за 0,20 денари за парче во секоја година. Ако се земе предвид дека во едно пакување има 19 или 20 цигари тоа значи дека секоја година во просек по 4 денари ќе се зголемува цената на кутија цигари или до 2023 година ќе има поскапување од 40 денари за кутија.

Математиката покажува дека цигарите што денес се продаваат за 50 денари, последната година од поскапувањето ќе се продаваат за 90 денари или речиси двојно повеќе од сега.

Со измените на Законот за акцизите кои се во собраниска процедура се предвидува производителите и увозниците на тутун да ги пребројат резервите во нивните складови и кај дистрибутерите и да ја пресметаат новата акциза од 1 јули годинава. Тие што нема да ги пребројат резервите може да бидат казнети со глоби до 15.000 евра. Покрај тоа, тие ќе мора да ја пресметаат новата акциза на тутунска стока на денот на зголемувањето на акцизата и ако таа на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, се должни врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата.

Измените што треба да ги усвои Собранието предвидуваат ригорозни казни за прекршителите. Така, глоба од 10.000 до 15.000 евра може да заработи компанијата ако не направи попис на затечени резерви на тутунска стока во акцизен склад, надвор од акцизен склад, во складови и други простори на овластени дистрибутери и затечени резерви на подигнати контролни марки и ако истиот не го достави до Царинската управа во рок од 3 работни дена. Исто така, ако не ја пресмета новата акциза на тутунска стока на денот на зголемувањето на акцизата, не достави барање за доплата на акциза до Царинската управа или не ја уплати разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето. Глоба од 500 до 1.000 евра за истиот прекршок може да заработи и одговорното лице во компанијата.

За повторување на прекршоците, пак, во рок од две години, компанијата може да заработи и прекршочна санкција привремена забрана за вршење дејност во траење од три до 30 дена, а одговорното лице забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од три до 15 дена.

МАКЕДОНЦИТЕ – СТРАСНИ ПУШАЧИ

Според неодамнешното истражување на американскиот Институт за метрика и евалвација на здравството, Македонија е една од земјите во Европа со најголем број пушачи.

Истражувањето покажува дека 37 отсто од населението во земјава, односно 740.000 граѓани пушат. Од земјите во регионот зад Македонија се Босна и Херцеговина со 32 отсто пушачи, Хрватска со 31, Србија и Црна Гора со по 27 и Албанија со 21 отсто пушачи.

Сепак, Македонците не се на врвот на листата по бројот испушени цигари. Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во земјава годишно се пушат 2.310 цигари на жител. За споредба, Србите на годишно ниво на жител пушат 2.861 цигара, што ги става меѓу рекордерите во светски рамки. Медиумите во Србија објавуваат дека тамошните граѓани дневно за цигари трошат 4,1 милиони евра. Словенците годишно пушат по 2.369 цигари, Босанците – 2.278, а Хрватите – 1.621.

Ако се земе бројот на испушени цигари на жител, излегува дека секој Македонец просечно пуши 121 кутија цигари годишно, односно троши една кутија цигари на 3 дена. Доколку се земе просечна цена од 60 денари за кутија цигари, тоа значи дека годишниот трошок за овој порок на секој граѓанин е 7.260 денари или 118 евра.

Препорачуваме

Партнери на Правдико