Албански државјани осомничени за палењето на струшката депонија | Правдико

Правдико

   

Албански државјани осомничени за палењето на струшката депонија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Секторот за внатрешни работи Охрид соопшти дека затекнала 11 албански државјани на депонијата во Струга со импровизирани живеалишта, кои ги сомничи за можна поврзаност со пожарот на струшката депонија. Од СВР-Охрид известија дека им се поднесени соодветни пријави и дека поради нелегален престој во државата, тие се протерани од земјата.

– По претходно изречена опомена од Основниот суд во Струга и поднесени пријави за илегален влез во Република Македонија и нелегална работа, полициската станица од Струга, со решение изврши протерување на единаесет албански државјани. Ним, изречена им е забрана за влез во државата во рок од една година.

На 25-ти овој месец, полициските службеници ги затекнаа единаесетте албански државјани на депонијата во Струга каде имале направено импровизирани живеалишта и од каде собирале пластичен отпад. Истиот ден, поради можна поврзаност со случениот пожар на депонијата, повикани се на разговор во полициската станица во Струга. Целокупната постапка е водена по консултации и насоки од Јавниот обвинител, по што по основ на нелегален престој и работа во Република Македонија, одделението за прекуграничен криминал при Регионалниот центар Запад, им поднесе соодветни пријави. Единаесетте албански државјани, по полициски пат се пренесени до граничен премин и протерани од земјата – велат од СВР-Охрид.

За непреземање активности од страна на властите за решавање на проблемот со струшката депонија денеска реагираа од граѓанската организација „Доста“.

Скоро два месеци по одржаните состаноци со претставници на локалната власт, а особено состаноците со г-дин Дамјан Манчевски и г-дин Јани Макрадули, состав на Владината комисија за решавање на проблемот со депонијата на чело со г-дин Рамиз Мерко отсуствува конкретна реакција која би одела во прилог на решавање на проблемот со дивата струшка депонија, реагира граѓанската организација „Доста“. Депонијата од завчера повторно гори.

– Се добива впечаток дека власта (локалната и централната) немаат концепт во решавање на проблемот. Отсуствува отчет од работата на владината комисија, од работата на Министерството за животна средина, другите надлежни министерства, отсуствува совест кај пратениците кои потекнуваат од Струга, а кои ги претставуваат граѓаните на општина Струга во Собрание. Досега не успеавме да слушнеме мислење од страна на пратениците (барем оние кои доаѓаат од Струга) особено од г-дин Зијадин Села како поранешен градоначалник на општина Струга за состојбата со дивата струшка депонија – велат од огранизацијата.

Тие предлагаат неколку чекори. Пред се, бараат премиерот Зоран Заев да се сретне со претставници на иницијативата и жители на Струга.

– Видно е од страна на Владата дека во случајот се разгледуваат можни решенија за проблемот со дивата струшка депонија, бидејќи веќе 2 месеци се разгледуваат решение за акутен проблем кој бара акутно решение предлагаме Централната во соработка со локалната власт да издејствува превентивни мерки од намерно спалување на депонијата, тоа би вклучувало: Оградување на депонијата со ограда со бодликава жица, поставување на камери за 24 часовен видео надзор и воспоставување на 24 часовна чуварска служба со по двајца чувари на смена кои би ја чувале депонијата организирање на секојдневни полициски патроли и патроли на пожарна Струга – предлагаат од „Доста“.

Дополнително, велат дека со оглед на ургентноста на проблемот, предлагаат владата во соработка со локалната власт да излезе со конкретни мерки за решавање на проблемот. Истакнуваат дека стружани немаат време да чекаат две или повеќе години до формирање на регионална депонија.

– Од страна на пратениците на опозицијата на денешниот ден ќе биде предложен амандман за одвојување средства во износ од 200.000.000 денари за дислокација на депонијата. Бараме власта и опозицијата да ги надминат партиските препукувања и во интерес на загрозените жители на општина Струга да ги здружат своите капацитети во насока на решавање на проблемот со дивата струшка депонија – велат од организацијата.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико