Правдико

   

Алтернативно решавање граѓански и стопански спорови во време на вонредна состојба

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во повеќе современи држави каде се негуваат демократските вредности, како ефикасна алатка што обезбедува полесен пристап до правда и брзо и економично решавање на споровите, се користи online медијација. Кај нас, иако Законот за медијација нуди флексибилен пристап кон прашањето за начинот на спроведување на постапката на медијација, овој пристап или многу малку се користи или е сосема непознат за странките кои се во спорен однос.

Сегашната неповолна состојба со брзото и неконтролирано ширење на заразата од коронавирусот COVID-19, ја наметнува потребата да се избегнуваат групирања на повеќе лица на едно место, се во насока на заштита на јавното здравје. Поради неизвесноста кога би се надминала ваквата состојба на појава на пандемија, а заради зачувување на интересите на страни помеѓу кои настанал спорен однос и се бара решение токму во време на воспоставена вонредна состојба, вистинско време е да се размисли за примена на е-Медијација како опција за решавање на граѓанските и стопанските спорови.

Измина повеќе од еден месец откако поради појава на коронавирусот COVID-19 и во нашата држава, се започна со донесување и спроведување мерки и препораки за заштита и превенција од овој опасен вирус кој предизвика појава на пандемија од невидени размери.

Од моментот кога за прв пат Владата на Република Северна Македонија на 25.02.2020 година донесе заклучоци со препораки и задолженија за државните институции да отпочнат со примена на мерки за претпазливост, за краток период потоа, на 16.03.2020 година, на предлог на Владата, Претседателот на државата г-дин Стево Пендаровски донесе и Одлука со која за прв пат во Република Северна Македонијa се воспостави вонредна состојба на целата територија, во траење од 30 дена согласно одредбите од Уставот на РСМ.

Од овој момент на прогласување на вонредна состојба во државата, секојдневно се усвојуваат нови мерки со цел превенирање и заштита од ширење зараза и се донесуваат одлуки со задолженија и укажувања како да се овозможи или олесни извршувањето на надлежностите на државните институции за да се обезбеди функционирање на државниот апарат во вонредни услови кои истовремено ќе значат и заштита на граѓаните и ќе го олеснат нивното живеење во вонредни околности.

Ваквата состојба, по однос на решавањето граѓански и стопански спорови, го отежна и успори доаѓањето до крајниот исход на споровите поради тоа што се промени и начинот на работа на судовите токму во интерес на заштита на јавното здравје на граѓаните.

Имено, Судскиот совет на РСМ, на 17.03.2020 година усвои Одлука за начинот на постапување на судовите во услови на зголемена опасност од ширењето на заразата со COVID-19 со која даде задолжение на сите судови во државата, да ги превземат потребните безбедносни здравствени мерки на претпазливост, како би се намалил ризикот од инфекција со вирусот COVID-19 на судиите, судската служба, странките и другите учесници во постапките кои се водат во судските згради. По однос на парничната постапка, со одлуката е наложено да се извршуваат само нужните и неодложни работи како : постапување во предмети за примена на времени мерки, предмети по кои постапката е во фаза на донесување на одлука, предмети во кои постои опасност од повреда на принципот на судење во разумен рок,предмети кои по сила на законот се итни и прием на поднесоци и извршување други работи што се врзани со законски преклузивни рокови.

По овој наметнат рестриктивен начин на работа на судовите за да се намали протокот на луѓе во судските згради, уследи и одлука со која се забранува фирмите да одат во стечај за време на кризата со коронавирусот, која одлука на предлог на Министерството за Економија, ја донесе Владата на РСМ на 24.03.2020 година. Со одлуката се запира можноста за поднесување на предлог за поведување на претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајна постапка на стечајниот должник за време на траењето на вонредната состојба.

Како мерка за заштита на побарувањата на доверителите, Владата на РСМ на 30.03.2020 година, усвои Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите, според која законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба се до престанување на вонредната состојба. Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките, согласно оваа Уредба, престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Во ситуација кога голем број од закажаните судски рочишта во граѓански и стопански предмети се одложија или воопшто не се закажуваат и во услови кога реално постои голема неизвесност кога повторно ќе се воспостават доскорешните вообичаени услови за работа во судовите, сите оние засегнати странки кои имаат интерес и волја, имаат можност за решавање на граѓанските и стопанските спорови да користат медијација што може да се спроведе со помош на средства за електронска комуникација, видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

Во услови на вонредна состојба и во услови кога е неопходно да се придржуваме кон мерките за заштита на јавното здравје на граѓаните, со избегнување средби на повеќе лица на едно место и на блиско растојание, е-Медијацијата претставува одлична алтернатива и можност за добивање конечен исход на спорот со спогодба која може да има правна важност како и судската одлука.

Зошто медијацијата е подобна за решавање на граѓанските и стопанските спорови во време на вонредна состојба?

Затоа што е-Медијацијата и воопшто медијацијата е постапка која во голема мера се разликува од судската постапка,па нема никакво законско ограничување да се спроведе и со помош на средства за електронска комуникација, користење видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци, без притоа да се доведе во прашање почитувањето и примената на основните принципи на медијација по кои како постапка е препознатлива.

Медијацијата се спроведува за одредени видови спорови како што се имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Постапката на медијација се спроведува исклучиво според одредбите од Законот за медијација,што пак во новонастанатите вонредни околности е предност за сите оние кои се согласни нивниот спор да биде решен алтернативно, со онлајн медијација.

Имено, се работи за неформална и доста флексибилна постапка што овозможува со заемен договор на две страни во спор, за потребите на решавање на конкретен спорен однос, медијаторот што ќе го изберат да посредува во решавањето на спорот, да го организира спроведувањето на постапката на начин што го смета за соодветен, земајќи ги во предвид предлозите на страните, околностите на случајот и потребата за брзо решавање на спорниот однос (чл.6 ст.4 од Законот за медијација објавен во Сл.в.на РСМ бр.188/13, 148/15, 192/15 и 55/16)

Ова значи дека вообичаените средби на медијаторот со страните во спор, заради постоењето на вонредните околности, може да се одржат согласно начелата на медијацијата и со помош на средства за електронска комуникација, со видео-конференциски платформи како Skype, Zoom и сл, со електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци, се со цел да се излезе во пресрет на потребите и интересите на засегнатите страни.

Решавањето на споровите со користење видео-електронски платформи, не е пречка за медијаторот да обезбеди еднакви можности за двете страни, па нивното учество во медијација и во вакви отежнати услови може да се одвива со навремено и правилно информирање, на јасен и разбирлив начин (чл.11 ст.1 од ЗМ).

Решавањето на споровите со медијација online, со користење електронска платформа избрана во договор со страните учесници е во склад со едно од основните начела на медијацијата да обезбеди економично брзо и ефикасно решавање на конкретен граѓански или стопански спор, со лесен и еднаков пристап и рамноправна положба на двете страни на спорниот однос.

И покрај фактот што Законот за медијација веќе содржи одредба со која се обезбедува застој на ,рокот на застареноста на побарувањето кое е предмет на решавање на спорот за времето додека се одвива медијацијата, во прилог на заштита на побарувањата на доверителите е и донесената Уредба со законска сила на Владата на РСМ од 30.03.2020 година, со важност додека трае вонредната состојба во државата. Ова од аспект на медијацијата значи дека времето кое е потребно за решавање на спорот со медијација во околностите на воспоставена вонредна состојба (од самиот почеток до завршувањето на постапката) нема да се засметува во рокот на застарување односно нема да предизвика настапување негативни реперкусии во однос на судската постапка и можноста за решавање на конкретен спор со тужба во суд, во случај ако медијацијата не заврши со постигнување на спогодба.

Медијацијата која во нашата држава се јавува во неколку видови, (доброволна медијација, медијација за која е со закон пропишан задолжителен обид и договорна медијација која страните ја предвиделе како правна заштита во договор во случај на настанување на евентуален спор), може да се спроведе online, со користење видео-електронска платформа за комуникација на медијаторот и засегнатите учесници во спорниот однос со што би се избегнал директниот контакт на повеќе лица на едно место.

Сите оние засегнати страни кои се во спорен однос и имаат интерес, согласност, можности и волја да се обидат спорот да го решат со медијација за времетраењето на вонредната состојба, може до избраниот медијатор да достават електронски, преку емаил адресата на медијаторот, Барање за иницирање медијација во која ќе се наведат основните податоци и информации за двете инволвирани страни во спор, основот на спорот и вредноста на спорот, како и краток опис заради појаснување на спорниот однос. Заедно со Барањето, задолжително е доставување на тековни состојби за правни лица, односно копија од лична карта за физички лица, како и полномошно за застапување во медијација, доколку некоја од страните се одлучи да ангажира полномошик адвокат. Страната која ја иницира медијацијата може да достави по електронски пат и документи/докази во прилог на барањето доколку сака да ги сподели и смета дека треба да ја запознае другата страна со овие документи/докази.

Со електронска достава на Барањето на заинтересираната страна за медијација до избраниот медијатор и прилозите кон барањето (доставата може да се изврши и со специјална пратка преку пошта на адреса за кореспонденција пријавена од медијаторот) страната иницијатор на медијацијата, преку медијаторот всушност упатува покана за изјавување согласност за учество во медијација до спротивната страна.

Имено, медијаторот изготвува покана со која ќе ја запознае спротивната страна со предметот на решавање на спорниот однос и по електронски пат, на пријавено електронско сандаче, ќе ја повика спротивната страна во законски рок од најмногу 15 дена да се изјасни дали ќе го прифати повикот за решавање на спорот со медијација која ќе се спроведе онлајн,со користење електронска пошта и видео електронска платформа за комуникација.

Доколку во рокот за изјаснување, поканетата страна ја прифати поканата за решавање на спорот со медијација, со користење електронска платформа за одржување средби за преговарање, медијаторот, со заемна согласност на страните учесници, закажува датум и термин за вклучување и поврзување на страните учесници преку посочената платформа. Пред започнување на разговорите, медијаторот е должен страните да ги запознае со целите на медијацијата, неговата улога како медијатор, правилата на постапката и трошоците на медијацијата (чл.18 ст.1 од ЗМ).

Секако на вака закажаните средби, секоја од страните учесници има право и може да биде застапувана од полномошник адвокат кој во голема мера може да го олесни решавањето на конкретниот спор поради познавањето на правната и законската регулатива,притоа запазувајќи го интересот на странката клиент и заемниот интерес за склучување спогодба според најдобрата понудена опција како решение на спорот.

Медијаторот во периодот на спроведување на постапката, должен е да ги почитува начелата на медијацијата земајќи ги во предвид сите околности на спорниот однос, интересите на страните и потребата за брзо и трајно решавање на спорниот однос (чл.18 ст.6 од ЗМ)

За време на спроведување на медијацијата, кореспонденцијата се одвива на начин за кој сите учесници и медијаторот можат да одлучат со постигнување Договор за начинот на спроведување на медијацијата за кој сметаат дека е најсоодветен (телефонски, електронски, со специјални пратки преку пошта и сл)

Доколку во законски предвидениот период за спроведување медијација од 60 дена, не се постигне спогодба за решавање на спорот, медијаторот е должен да им издаде изјава на страните учесници во која ќе наведе дека медијацијата завршила без успех, како би можеле во понатамошниот период, кога ќе се воспостават поволни услови за работа на судовите, да бараат судска разрешница.

Во стопанските спорови кои се однесуваат на парични побарувања до 1.000.000 денари за кои е предвидено да се решаваат со поднесување тужба до надлежен суд и за кои согласно чл.47 од ЗИД на ЗПП од јули/2015 година со кој се менува чл.461 од Законот за парнична постапка е воведен задолжителен обид на медијација, доколку обидот на онлајн медијација заврши без успех, медијаторот е должен да издаде изјава за завршувањето на медијацијата без успех. Во ваков случај, засегнатата страна која има побарување спрема другата страна во конкретниот спорен однос за кој не се спогодиле во медијација, може издадената изјава да ја искористи како прилог на тужбата за решавање на конкретниот спор тогаш кога ќе одлучи да поднесе тужба до судот, откако ќе продолжат судовите со вообичаениот режим на работа, без оглед на времетраењето на новонастанатите вонредни околности за работа и живеење.

Доколку пак преговорите од одржаните онлајн средби на страните учесници завршат успешно, со постигнување спогодба, медијаторот ќе ја изготви спогодбата според укажувања на страните учесници, ќе ја потпише и завери со свој печат и ќе се погрижи со обезбедување уредна достава до страните како би можеле да ја потпишат и заверат со свој печат спогодбата (доколку се работи за правни лица) а потоа ќе достави електронски известување-извештај до Министерството за Правда дека предметот на спорот е решен во постапка на медијација.

Ако страните учесници имаат интерес и се договорат постигнатата спогодба да добие својство на извршна исправа, имаат законска можност и право да побараат од надлежен нотар да ја солемнизира според одредбите од Законот за нотаријат, со примена на повластена стапка за пониски трошоци за солемнизација на медијаторска спогодба во нотарскиот тарифник.

Ваквиот начин на алтернативно решавање на споровите со медијација online, не е непознат за Европските држави и пошироко, но напротив, веќе подолго време се практикува многу успешно и во нормални услови за работа и живот.

Во новонастанатите вонредни услови, кои се особено тешки за бизнис секторот, алтернативниот пристап за решавање на споровите со медијација онлајн и со користење на прифатливи и лесно достапни електронски платформи за комуникација, одлична е можноста да почнеме да размислуваме за нови и лесно достапни начини за решавање на граѓанските и стопанските спорови, без било какви дополнителни оптоварувања за страните, на брз и ефиксен начин, а со огромен бенефит за секоја од инволвираните страни во конкретен спорен однос.

Автор: Медијатор Роза Алексова

Партнери на Правдико