Американската служба за безбедност шпионирала европски политичари со помош на Данска | Правдико

Правдико

   

Американската служба за безбедност шпионирала европски политичари со помош на Данска

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Американската Националната агенција за безбедност шпионирала високи европски политичари, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел. Станува збор за периодот од 2012 до 2014, а американската Агенција тоа го правела со помош на данските разузнавачки служби, известуваат данските и европските медиуми.

До вакви наоди е дојдено со внатрешна истрага во Данската разузнавачка служба од 2015 за соработката на данската служба со американската Агенција, објави денеска данското национално радио, повикувајќи се на девет неименувани извори со пристап до истрагата.

Американската Национална агенција за безбедност ја искористила соработката за надзор со данската воена разузнавачка единица за да шпионира европски политичари, јави денеска данското радио. Според истрагата, американската Агенција се поврзала на дански интернет кабли во соработка со тамошната разузнавачка Агенција и ги пресретнувал разговорите и пораките на високи функционери во Шведска, Норвешка, Франција и Германија, вклучувајќи ги Меркел и поранешниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Данската министерка за одбрана Трине Брамсен, која ја презеде функцијата во јуни 2019 година, во август минатата година била информирана за шпионирањето, тврди радиото. Таа во коментар за данското радио вели дека „систематското прислушување на блиските сојузници е неприфатливо“.

Американската Агенција и данската разузнавачка служба за одбрана одбија да коментираат, а наводите не ги коментираше ниту портпаролот на германската канцеларка.

Од германската влада соопштија дека го следат извештајот и се во контакт со релевантни национални и меѓународни тела за да добијат појаснување, рече владиниот портпарол Штефен Зајберт на редовната прес-конференција.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико