„Амнести интернешнал“ со докази за воени злосторства во Украина | Правдико

Правдико

   

„Амнести интернешнал“ со докази за воени злосторства во Украина

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Организацијата за заштита на човековите права АИ објави дека има документирани докази за воени злосторства спроведени од двете страни во конфликтот во Украина. ОБСЕ, пак, сака да распореди беспилотни летала.

11_1389549837

На прес-конференција во Москва, генералниот секретар на „Амнести интернешнал“ (АИ) Салил Шети изјави дека доказите се однесуваат и на украинските безбедносни сили и на проруските сепаратисти во источна Украина и додаде: „’Амнести интернешнал’ го нарече конфликтот во Украина меѓународен конфликт, а Русија – дел од тој конфликт“.

Во меѓувреме, ОБСЕ информираше дека наскоро ќе распореди беспилотни летала за набљудување на примирјето во Украина. Ваквиот мониторинг го најави швајцарскиот претседател и актуелен претседавач со ОБСЕ Дидие Буркхалтер. Според него, притоа ќе бидат користени беспилотни летала во сопственост на земјите-членки, како и на самата организација.

Во однос на спроведувањето на примирјето, рускиот и украинскиот претседател изразија задоволство од тоа како тоа се почитува. Владимир Путин и Петро Порошенко преку телефон разговарале за примирјето и изразиле „целосно задоволство“ од почитувањето на примирјето од страна и на украинските безбедносни сили и на проруските сепаратисти.

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека „моменталната ситуација не е стопроцентно примирје, но е напредок“. Таа денеска (10.09) побара ЕУ да ги спроведе најавените економски санкции кон Русија, но притоа нагласи дека тие би биле укинати доколку се направи суштински напредок во мировниот план во Украина. Според Меркел, Германија ќе биде прва што ќе препорача укинување на санкциите за Русија, ако се спроведе Мировниот план за Украина од 12 точки.

Украинскиот претседател Порошенко оцени дека планот се спроведува и оти Русија од источна Украина повлекува голем дел од своите сили на руска територија, со што растат и надежите за реализирање на мировниот процес. Русија постојано ја негира својата вмешаност во украинскиот конфликт и тврди дека не испраќала оружје и војници во источна Украина. Украина и Западот имаат поинаков став.

„Според последните информации што ги добив, 70 проценти од руските трупи се вратени назад преку границата“, информираше Порошенко на состанок со Владата. „Тоа дополнително ја засилува нашата надеж дека мировните иницијативи имаат добри перспективи“, додаде Порошенко.

Според рускиот претставник во ЕУ, Владимир Чизов, Унијата треба да внимава и да не го загрозува мировниот прцес во Украина со воведувањето санкции за Русија. „Само Советот за безбедност на ОН има права да воведува санкции“, нагласи Чизов. Тој смета дека влегувањето на Украина во НАТО ќе претставува „предизвик без преседан за европската безбедност – најголем по падот на Берлинскиот ѕид“.

Извор:  Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико