Антикорупциска утврдила дека парите платени на приватна фирма за кинески вакцини се вратени | Правдико

Правдико

   

Антикорупциска утврдила дека парите платени на приватна фирма за кинески вакцини се вратени

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Документот кој го објави ВМРО-ДПМНЕ за исплата на пари од Министерството за здравство, со цел набавка на кинески вакцини, го добиле и во Државната комисија за спречување на корупција. Антикорупционерот Горан Трпеновски вели дека за парите комисијата добила известување дека се исплатени како гаранција за резервација на вакцините. Потоа, според Трпеновски, парите биле вратени на Македонија, а договорот со фирмата од Хонгkонг е раскинат со владина одлука на затворена седница.

„Ги пратиме не само тие објави, туку имаме и предмет за вакцините. Пред крај сме со целиот предмет, имаме информации кои не се сè уште целосни, а конкретно ќе одговорам за вчерашниот документ. Од Народна банка имаме и ние документ дека е извршена исплата на 7 милиони и 8 илјади долари за увоз на стока. Односно МЗ има исплатено на 15 февруари. Народната банка го има реализирано во корист на фирма ‘Старби интернешнл’од Хонконг. Од Министерството за здравство ме известија дека министерството нема исплатено аванс на правно лице за купување вакцини, туку дека се исплатени средства како гаранција за да се изврши резервација на целокупната количина од 200.000 дози вакцини од Синофарм“, вели Трпеновски.

Детали за набавката на вакцините од Кина преку приватната фирма, не се изнесуваат. Дел од документите имаат одредба која предвидува дека тие се тајни. Трпеновски најави дека во наредниот период ќе се организира прес-конференција на оваа тема или пак, брифинг со новинарите, за да се запознае јавноста со целиот случај.

„ Владата заедно со кинеската амбасада по разговорите одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарале назад уплатените средства, што било реализирано. Владата го задолжила Министерството за здравство, парите кои биле префрлени на фирмата биле вратени назад. Владата продолжила по другиот пат, склучила договор со Синофарм. Не можам да изнесам други детали, бидејќи има клаузула за тајност. Ситуацијата е комплексна, треба со ладни глави да се размисли“, рече Трпеновски.

Инаку, вчера ВМРО-ДПМНЕ обвини дека со уплатата на парите кај фирмата ‘Старби интернешнл’од Хонгконг, целта на државата била за двојно повисока цена да ги набави кинеските вакцини. Тие сметаат дека целта биле провизии да завршат во приватен џеб.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико