Антикорупциската комисија ќе има пристап до банкарските тајни | Правдико

Правдико

   

Антикорупциската комисија ќе има пристап до банкарските тајни

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.12/19) се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица поврзани со остварувањето на јавните овластувања.

Согласно Законот, Државната комисија за спречување на корупцијата постапува по сопствена иницијатива или врз основа на добиени пријави. Заради целосно утврдување на фактичката состојба, Државната комисија може да побара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица.

Во Законот, на Државната комисија за спречување на корупцијата ѝ е дадена можност да побара податоци од банки и други финансиски институции за постапките коишто ги води и да изврши проверка на приливот на средствата или други уплати преку банка за политичка партија или кандидат на избори.

Според Законот за банките кој е lex specialis во однос на постапувањето на банкарскиот сектор во Република Северна Македонија, документите, податоците и информациите стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица претставуваат банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и чува. Законот за банките точно предвидува во кои случаи и до кои институции можат да се достават податоците со кои располагаат банките, а Државната комисија за спречување на корупцијата не е наведена во тие институции.

Во насока на непречено извршување на надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата пропишани во Законот, неопходно е да се изврши усогласување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со одредбата од Законот за банките во делот на банкарска тајна, односно да се овозможи Државната комисија за спречување на корупција да има пристап до податоците кои согласно закон претставуваат банкарска тајна.

Предложеното изменување и дополнување на Законот за банките има за цел овозможување Државната комисија за спречување на корупцијата да има пристап до податоците со кои располагаат банките, заради водење на постапки кои се во рамките на нејзините надлежности и/или проверка на приливот на средствата или други уплати преку банка за политичка партија или кандидат на избори.

Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико