Правдико

   

Антикорупциската комисија се сомнева во злоупотреби со монографии на Филозофскиот факултет

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Антикорупциската комисија има доставено иницијатива за поведување постапка за кривично гонење поранешен декан на Филозофскиот факултет до Јавното обвинителство,поради сомневања дека сторил злоупотреба на службената положба и овластувањето, дознава „Макфакс“.

Информацијата за „Макфакс“ ја потврди и Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде што велат дека тие во согласност со Законот за спречување на корупцијата постапиле по предмет оформен по пријава за сомневање за искористување на службената положба и овластувањето и прибавување корист за себе или за друг на штета на средствата на Факултетот по што на седница донеле заклучок до Јавното обвинителство да поднесат иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на професорот.

Во иницијативата што ја добивме од антикорупциска комисија се вели дека тие постапиле по анонимна пријава за сомневање за злоупотреба на позицијата кога во 2013 година, спротивно на Правилникот за работа на Факултетот, деканската управа потпишала меморандум за соработка во областа на издавачката дејност помеѓу Министерството за образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Филозофскиот факултет – Скопје за финансирање 29 монографии за дејци од македонското револуционерно движење.

„Во периодот од 2014 до 2016 година овозможил исплата на средства, со што се надминати планираните средства за издадените 19 монографии за износ од 3.977.000 денари. Овозможил исплата на средства од Факултетот во износ од 1.142.000 денари спротивно на одредбите од меморандумот за соработка со кој е предвиден и утврден начинот на финансирање, овозможил исплата на средства за авторски хонорари и надоместоци за лектура и техничко уредување во износ од 498.000 денари, без обезбедна соодветна и комплетна документација“, се вели во иницијативата испратена до Обвинителството.

Според антикорупциската, постои и сомневање за овозможување склучување договори за закуп спротивно на објавените услови во огласот за издавање недвижности, како и нефактурирање на надоместоците за комунални услуги и други трошоци на закупците.

„Спротивно на одлуката за плати и надоместоци на плати овозможил исплата на надоместоци на наставниот кадар и администрацијата по основ на дополнителна ангажираност, зголемен обем на работа или учество во комисии во вкупен износ од 4.648.000 денари, како и не презел мерки и активности за враќање на финансиските средства доделени на Студентскиот парламент, а потрошени ненаменски и без соодветна документација“, се вели понатаму во предметот.

За случајот се обративме и кај поранешниот декан за кој се поведува предметот, но тој немаше коментар бидејќи според него сè уште немал никакви информации за поднесениот предлог за поведување постапка за кривично гонење.

Ратко Дуев, сегашниот декан на Филозофскиот факултет, исто така вели дека нема никакви информации за пријавата ниту, пак, дека Факултетот е информиран за неа, па затоа не може да коментира на темата.

Испративме прашања до Обвинителството за тоа до каде е постапката со иницијативата што ја има поднесено за кривично гонење на ексдеканот, а сега професор на Филозофскиот факултет, која е предадена во јануари годинава, како и дали Обвинителството има други постапки со кои се истражува корупција или други злоупотреби на овој факултет, но до објавата на текстот не добивме одговор.

Претходно, во мај 2017 година, и Државниот завод за ревизија во нивната ревизија на финансиските извештаи на Факултетот исто така констатира дел од неправилностите за кои сега антикорупциската го повикува Обвинителството да поведе постапка.

Според ДЗР, во текот на реализацијата на проектот од 2013 до 2016 година со монографиите воопшто не се водела евиденција за потрошените средства на ангажираните лица и за исплатувањето на нивните хонорари. Не бил изготвен ниту писмен извештај за реализација на проектот и само било информирано МОН дека ќе се издадат 19 монографии, 5 се во фаза на печатење, а 5 нема да се издадат од објективни причини.

ДЗР констатира дека финансиските извештаи на Факултетот не ги прикажуваат вистинито и објективно сите материјални аспекти, како и дека некои од активностите и трансакциите во нив не се во согласност со законската регулатива.

Кристина Озимец

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико